Каде (ќе) се наоѓа Македонија во овој нов контекст, дали (ќе) може да очекува натамошно зајакнување на односите со својот стратегиски партнер – Соединетите Американски Држави, и какво би било тоа? Наши соговорници, дипломати од кариера, во разговорите на оваа тема за „Нова Македонија“ некако со дипломатски речник и не со еднозначен и експлицитен одговор, сепак, велат: „Од една страна е добро што Ханрахан (високиот функционер во Бирото за европски и
евроазиски прашања на американскиот Стејт департмент) не дојде во Македонија, туку во БиХ, Србија и Косово. Тоа е јасен показател дека за Вашингтон ние
(Македонија) не сме во ’првата кризна зона‘! Од друга страна, тоа може да се толкува и поинаку, бидејќи, очигледно, сметаат дека нашиот случај не е итен, па не е баш од интерес“
Повод: Посетата на Брендан Ханрахан, висок функционер во Бирото за европски и евроазиски прашања на американскиот Стејт департмент, на Босна и Херцеговина, Србија и Косово
Брендан Ханрахан, високиот функционер во Бирото за европски и евроазиски прашања на американското Министерство за надворешни работи – Стејт департментот, изминатава сабота (13 јули 2025 година), со средбата и разговорот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград, ја заврши својата тридневна работна посета на Балканот. Ханрахан, кој е вршител на должноста помошник на државниот секретар на САД за глобални и регионални прашања, почнувајќи од минатиот четврток, ги посети на 10 јули 2025 година, Босна и Херцеговина, Србија и Косово. Ова е прва посета на висок политички функционер од Вашингтон на Западен Балкан, откако претседателот Трамп со својата администрација го презеде кормилото на американската држава. Но Ханрахан не дојде во Македонија! Засега останува без одговорот дилемата: зошто?
Американските дипломати Ханрахан и Кристофер Хил само навидум со
спротивставени изјави
Пред да ја започне својата посета на Западен Балкан, високиот американски функционер Ханрахан на 9 јули испрати порака во јавноста: „Се упатувам кон Босна и Херцеговина, Србија и Косово по продуктивните разговори во Дејтон и Вашингтон. Ова е важна годишнина и клучен момент за Западен Балкан. Очекувам зајакнување на врските меѓу САД и земјите во регионот“.
Но во еден ваков контекст на јавна порака од Вашингтон, легитимно се поставува прашањето каде (ќе) се наоѓа Македонија во овој нов контекст, дали (ќе) може да очекува натамошно зајакнување на односите со својот стратегиски партнер – Соединетите Американски Држави, и какво би било тоа.
Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски во изјава за „Нова Македонија“ вели: „Од една страна е добро што Ханрахан не дојде во Македонија, туку во БиХ, Србија и Косово. Тоа е јасен показател дека за Вашингтон ние не сме во првата кризна зона. Од друга страна, тоа може да се толкува и поинаку, бидејќи, очигледно, сметаат дека нашиот случај не е итен, па не е од интерес“.
Друг, исто така, висок функционер во американското Министерство за надворешни работи – помошник-државниот секретар за источноазиски и тихоокеански работи во Владата на САД, Кристофер Хил, на 16 јуни годинава (за што пишувавме и во нашиот медиум), преку интервјуто за Радио Слободна Европа го изнесе ставот на администрацијата на Трамп дека „земјите на Балканот треба да почнат сами да ги решаваат своите проблеми“.
– САД нема да се мешаат во решавањето на проблемите на Балканот, вклучително и во спорот меѓу Косово и Србија, како што правеа во минатото. Балканот како не е веќе приоритет за САД, па затоа решенијата мора да дојдат однатре. Заврши времето кога една балканска земја можеше да отиде во САД и да се жали на друга земја – имаше посочено во тоа интервју Хил, кој беше и амбасадор во Македонија од 1996 до 1999 година за време на претседателствувањето на Бил Клинтон со САД. И токму кога сме кај пораките на американскиот дипломат Хил, исклучително битно е уште еднаш да се издвои неговиот став во врска со ЕУ и Балканот дадено во истото интервју.
– Сосема е јасно дека Европската Унија разбира оти има некои свои недовршени работи и дека се тие на Балканот. Сега разгледуваат како да се справат со прашањето за нови членки. Дали да го прават тоа со вклучување на една по една земја? Дали да ги вклучат сите заедно? Значи, има многу прашања таму. Секако, тие ги разгледуваат и прашањата за усогласувањата. Но расположението е такво што Европската Унија навистина треба да се ангажира и да се погрижи за недовршените работи – истакнува тој .
Се препознава американскиот систем на проверки и рамнотежа (Checks and balances)
Американската посета на Балканот се случи само еден неполн месец, преку гореспоменатиот висок американски функционер Ханрахан. Дали оваа негова посета на БиХ, Косово и на Србија е сигнал на Вашингтон дека и покрај најавата на Кристофер Хил за апстинирање на динамичното присуство на САД на Балканот, сепак е неопходно присуство на Америка во регионов заради проверки и рамнотежа (Checks and balances)? Или, пак, можеби во овој случај се работи за само еднократна и краткотрајна дипломатска активност?
– Системот наречен „проверки и рамнотежа“ се правила и процедури за намалување на грешките, спречување несоодветно однесување и намалување одреден ризик за одредени утврдени политики. Познати се како принцип на работење уште од Стариот Рим, но како ефикасни принципи во текот на одредено работење се задржани до денес. Проверките и рамнотежата спречуваат некоја институција (или поединец) да има апсолутна контрола врз одредена состојба или ситуација, при што се проверува соработката во извршувањето на претходно утврдените предизвици. Како функционира принципот на проверки и рамнотежа на Вашингтон? Имено, Владата на САД системски го практикува овој начин на работење, и тоа преку три нивоа: законодавната, извршната и судската власт. Во овој случај (за посетата на Брендан Ханрахан, високиот функционер на САД, на Балканот) се работи за практикување на тој систем од страна на извршната власт на САД, во делот од надворешната политика (Бирото за европски и евроазиски прашања на американското Министерство за надворешни работи – Стејт департментот), и тоа специјално за Западен Балкан. Проверките и рамнотежата се исклучително ефикасен механизам, не чинат многу пари, но можат да бидат критични во помагањето да се идентификуваат појавите и проблемите. Постоењето на вакви видови контроли може да помогне во подобрувањето и на оперативната ефикасност во низа ситуации, но и на спроведување на стратегиските линии зацртани со долгорочни политики. Проверките и рамнотежата можат да помогнат во намалувањето на грешките и спречувањето несоодветно однесување (во случајов на ЕУ кон Балканот или, пак, на несоодветно водење политики од страна на лидерите на балканските држави за одредени области и на внатрешен и на надворешен план). А најзначајно од сѐ е дека со овој принцип, Вашингтон иако најави дистанцирање од Балканот, на овој начин и со практикување на принципите за проверки и рамнотежа на Балканот, тој сака да ги избегне концентрацијата на моќ и оставањето на Брисел комплетно сам да се справи, по свое видување, со појавите и проблемите во овој регион, што САД никако нема да го дозволат, во оваа ситуација на сериозни разидувања со европските елити од Брисел – ни истакнуваат нашите соговорници, децениски врвни дипломати и амбасадори на Македонија во повеќе држави во Европа и во светот.
За конкретниот предизвик на американскиот дипломат Ханрахан: Тековните
предизвици на Балканот и неефикасниот Брисел
Трамп во последните седмици повеќепати зборуваше за „напорите на неговата администрација за спречување голема војна меѓу Србија и Косово“.
– Србија и Косово беа на работ на судир. Одеа кон голема војна. Но ние многу работевме, за да го спречиме тоа – кажа Трамп. Имајќи го ова предвид, дали посетата на Ханрахан во еден дел, што се однесува до Србија и Косово, можеби беше со улога на своевидна „противпожарна мисија“ за „пожар што Брисел се мачи да го изгаси“, заради „гаснење жариште со можен потенцијал за разгорување, за политичко-безбедносната ситуација во Балканскиот Регион“? А за доаѓањето, пак, на овој американски дипломат во БиХ? Таму е присутно уште едно лесно „запаливо буре барут“, покрај Косово, каде што односите меѓу Србите и Бошњаците се наоѓаат во фаза на непрестајни и растечки тензии… За време на посетата на БиХ, по средбата со високи функционери на БиХ, Ханрахан во петокот присуствуваше на „одбележувањето на 30-годишнината од геноцидот во Сребреница“ во меморијалниот центар „Поточари“. Американската амбасада ја повтори објавата на американскиот дипломат уште од 9 јули за очекувањата да зајакнат врските меѓу САД и земјите во регионот.
Не пречи да се спомене и дека претходно, уште во Вашингтон, косовската претседателка Вјоса Османи се сретна токму со Ханрахан, кога истакна дека Косово е посветено на продлабочувањето на стратегиското партнерство со САД. – Косово е подготвено да ја унапреди соработката со САД во клучни области како што се одбраната, економијата и стратегиските вложувања од обостран интерес. Косово стои до САД во вредностите, визијата и акцијата – имаше кажано во таа пригода Вјоса Османи. Во Косово, Ханрахан се сретна и со вршителот на должноста премиер Албин Курти.
Паѓа во очи дека отсуствуваат во медиумите и низ социјалните мрежи информациите за изјавите и становиштата на американскиот функционер. Наместо негови директни изјави, се огласуваа дипломатите од американските амбасади во Приштина и во Сараево. Вршителката на должноста американски амбасадор Ану Пратипати го пречека Ханрахан и соопшти: „Со нетрпение очекуваме продуктивен викенд со состаноци и посети за да ги зајакнеме приоритетите на САД за регионална стабилност, безбедност и економски просперитет“.
Зошто Ханрахан не дојде во Македонија?
Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски во изјава за „Нова Македонија“ наведува: „Од една страна е добро што емисарот Ханрахан не дојде и во Македонија, туку во БиХ, Србија и Косово. Тоа е јасен показател дека за Вашингтон ние не сме во првата кризна зона. Од друга страна, треба да се опсервира и од друг агол, имено, помалку оптимистички, а тоа е дека во Вашингтон сметаат дека нашиот случај – не е итен, па не е од интерес. Ова е нов, иако мал и недоволен, показател дека плановите на САД за Македонија бараат подолго време за реализација и затоа не им се брза да дојдат. Но, барем јавно, немаме никакви показатели дали продолжува старата, за нас погубна американска политика. Дали безусловно ќе инсистираат на реализација на сите досега потпишани договори, за нас катастрофални, или ќе водат сметка и за нашите интереси? Ако нема промени, значи дека останува нивната првична замисла за дефинитивно затворање на македонското прашање. Поточно – за бришење на Македонците – смета Никовски, но ако е спротивно, тогаш тој посочува дека „ова бара итна верификација од нашите врвни политичари кои, нели, имаат добри врски со новата администрација“.
Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски во изјава за „Нова Македонија“ истакнува и дека „американскиот интерес за Балканот никогаш не се намалил“.
– Главната причина што американскиот интерес за Балканот не стивнува, според мене, е за да се спречи враќање на Русија во регионот. Втората од шесте балкански држави, од чекалницата на ЕУ, да продолжат да бидат некаква нивна алатка за притисок врз Унијата! – наведува Никовски во својата изјава за „Нова Македонија“.
Свето Тоевски