Очигледно САД го прошируваат дејствувањето на црната листа и на оние што ги загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на државите, покрај корупцијата, која беше главната основа за некој да се најде на оваа американска листа. А промотори на идеи за големи држави и промена на границите има многу на Балканот, почнувајќи од БиХ, Косово, Србија, додека во Македонија тоа се оние што заговараат голема Албанија и сецесионизам
САД со законски акт врз основа на кој ќе ги спречуваат поведенијата за прекројување на границите на Балканот Американски „директ“ врз оние што сонуваат за големи држави!
Желбата за исцртување нови граници и соништата за големи држави никогаш не исчезнале од просторите на Балканот, што со векови го прави овој регион постојан извор на нестабилност и конфликти, а рефлексиите од минатото се пресликуваат и ден-денес и постојано генерираат нови проблеми.
Од друга страна, САД, за разлика од Европската Унија, се целосно свесни за потенцијалните опасности по безбедноста во регионот и преземаат мерки преку ставањето луѓе на таканаречената црна листа, за да спречат несакан развој на настаните што би ги загрозиле и американските интереси во регионот.
Очигледно САД го прошируваат дејствувањето на црната листа и на оние што ги загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на државите, покрај корупцијата, која беше главната основа за некој да се најде на оваа американска листа. А промотори на идеи за големи држави и промена на границите има многу на Балканот, почнувајќи од БиХ, Косово, Србија, додека во Македонија тоа се оние што заговараат голема Албанија, сецесионизам и во тој контекст екстремизам.
Уредбата што ја донесе американската администрација има токму таква цел, односно со неа се овластува администрацијата да санкционира лица што Министерството за финансии и Државниот секретар на САД ги означиле како директно или индиректно вклучени во „акции или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан“.
Со други зборови, со новата американска уредба ќе бидат опфатени и лицата што отворено го нарушуваат унитарниот карактер на Македонија, заговараат сецесија на локално ниво, истакнуваат обележја на „голема Албанија“ и повикуваат на обединување на Албанците во една држава.
Познавачите на состојбите сметаат дека со уредбата многу луѓе што уште се надеваат дека е можно да се менуваат границите ќе бидат обесхрабрени.
– Сѐ уште има вжештени глави што уште веруваат дека ќе менуваат граници и ќе прават големи држави. Ги имаме и тука во Македонија, така што сите тие што закачуваат карти на голема Албанија по училиштата, кои ги индоктринираат децата, кои веат знамиња на големи држави, кои се закануваат со некакви дестабилизации стануваат легитимни кандидати за влез на американската црна листа. Повеќе од очигледно е дека САД немаат намера да санираат нови безбедносни невралгични подрачја кога веќе ги има доволно и на тлото на Европа, но и низ светот – велат аналитичарите.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов се согласува дека потезите што ги влечат САД се во насока на реализација на нивните стратегиски интереси, меѓу кои и оној Балканот и Македонија да бидат мирни и стабилни.
– Уредбата е донесена и сега на црната листа можат да се најдат и лица што го поткопуваат територијалниот интегритет на Македонија и на другите држави. Факт е дека своевремено Американците поттикнаа некои вакви процеси и сега ги жнеат плодовите од тие нивни поранешни активности. Поентата е сега да се смират страстите, нивната концепција да преовладее и повеќе од јасно е дека американскиот интерес за Балканот е во рамките на глобалниот интерес на САД. Работата не е завршена и јас би причекал да видиме како ќе се реализира оваа американска најава – констатира Јањатов.
Вашингтон испраќа јасна порака и до бугарските политички субјекти дека во момент кога преговараат за состав на нова политичка влада треба да обрнат внимание кого ќе поканат во извршната власт, односно во неа да не се најдат кадри што се противат на суверенитетот на Македонија и на тој начин да ризикуваат тие лица уште во почетокот да се најдат на американската црна листа, бидејќи суверенитетот не е само територијално ограничен. Неговиот опфат е и културен суверенитет, јазичен, идентитетски, енергетски итн.
Отчукува времето и на бугарските негаторски политики!
Засилените активности на Американците на Балканот несомнено се во насока на конечно средување на состојбите во регионот, а проширувањето на опсегот на активности што би можеле да бидат основа за нечие ставање на црната листа само говори дека суверенитетот на секоја земја ќе биде максимално почитуван. Пораката од Вашингтон може слободно да се протолкува дека е адресирана и до Софија, соседна Бугарија, односно до одредени лица и политичари во таа земја што отворено изјавуваат дека Македонија е бугарска територија и дека идејата за бугарска држава од Црно Море до Охридско Езеро не е мртва. Тоа вклучува и загрозување на културниот, јазичниот и идентитетскиот суверенитет на Македонија. Впрочем, вчерашниот пример е флагрантен израз на територијални, јазични, културни и идентитетски претензии што го загрозуваат повеќеслојниот македонски суверенитет. Имено, лидерот на бугарската партија Преродба, Костадин Костадинов, во писмена објава напиша дека „нема ништо пологично од припојување на Македонија кон Бугарија со оглед на тоа што двете земји имаат заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и народ, и Бугарија и Македонија да се обединат и да станат една држава“(?!). Освен за припојување на Македонија, Костадинов смета дека Бугарија мора да ги потврди своите претензии и кон јужните делови на регионот Бесарабија – историска област во Источна Европа, чии две третини се наоѓаат во рамките на денешна Молдавија и мал дел на украинска територија. Потврда дека има такви сили во соседна Бугарија што работат на таа идеја се активностите на некои бугарски невладини организации, кои под превезот на невладиниот сектор всушност само ја спроведуваат бугарска официјална политика, според која, Македонија е вештачка творба, Македонците се Бугари, македонскиот јазик е бугарски дијалект, а македонската историја е измислена.
Потврда дека има такви сили во соседна Бугарија што работат на таа идеја се активностите на некои бугарски невладини организации, кои под превезот на невладиниот сектор всушност само ја спроведуваат бугарска официјална политика, според која, Македонија е вештачка творба, Македонците се Бугари, македонскиот јазик е бугарски дијалект, а македонската историја е измислена.
Во тој контекст е и најновата најава на Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“ и лице со забрана за влез во Македонија, кој упати јавен повик на 12 јануари за собир и панихида за Мара Бунева во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје. Неговата фондација ја имаше една од клучните улоги во минатогодишната манипулација со пописните резултати на Македонците во Албанија.
Веќе е познато дека дел од бугарските политичари, најчесто поради корупција, претходно завршија на американската црна листа, а сега со новата американска уредба на неа можат да се најдат и луѓе што со своите активности ги загрозуваат суверенитетот и интегритетот на Македонија и македонската нација.
Истовремено, Вашингтон испраќа и јасна порака до бугарските политички субјекти дека во момент кога преговараат за состав на нова политичка влада треба да обрнат внимание кого ќе поканат во извршната власт, односно во неа да не се најдат кадри што се противат на суверенитетот на Македонија и на тој начин да ризикуваат тие лица уште во почетокот да се најдат на американската црна листа.
– Очигледно на луѓето што заговараат големи држави и ги негираат интегритетот и суверенитетот на соседните држави им се одброени деновите. Зад тие невладини организации, фондации и слично стојат бугарската држава и некои тамошни политички структури, така што САД добро знаат каква игра се игра од бугарска страна. Сега лесно може на црната листа да се најдат токму лицата што ги негираат македонскиот суверенитет и интегритет и сето тоа да придонесе за намалување на тензиите меѓу двете држави и воспоставување отворен дијалог за прашања што се клучни за градење на добрососедски односи, наместо двете земји да се обременуваат со историски епизоди. Американците сакаат мирен Балкан и ќе направат сѐ што е во нивна можност да се намалат тензиите, вклучувајќи ги и оние меѓу Македонија и Бугарија – заклучуваат соговорниците. С.Т.