Фото: ЕПА

Редакциски осврт: Зошто дел од американската елита верува дека веќе започнал внатрешен конфликт во САД?

Кога Илон Маск – човек што истовремено е технолошки визионер, милијардер, сопственик на „Икс“ и политички сè погласен актер – ќе каже дека „веќе започнала граѓанска војна во САД“, тоа не е случајна или импулсивна изјава. Таа е симптом. Не толку на реална војна со оружје, туку на длабок, системски судир за идентитетот на американската држава.
Сѐ е поочигледно дека САД денес не се поделени само по партиска линија. Поделбата е цивилизациска: што е Америка, кому му припаѓа, како се владее, кои вредности се „основни“…

Од каде чувството дека „нешто се крши“?

Изјавата на Илон Маск доаѓа во контекст на: масовни протести против Имиграциската и царинска служба (ИЦЕ), зголемената употреба на сила од страна на државата, фатални инциденти меѓу органите на редот и цивилите и растечка реторика дека „федералната власт е окупатор во сопствените градови“. (?!)
Овие сцени – федерални агенти, оружени рации, урбани протести, отпор од локални власти итн. – за многумина наликуваат на внатрешен конфликт со ниска, но постојана тензија.

Во суштината на конфликтот всушност се двете постојни визии за Америка:

1. Либералната визија за Америка

Оваа страна – доминантна во големите градови, медиумите, универзитетите и во дел од институциите – ја гледа Америка како држава, со отворен пристап кон многу општествени прашања спротивни на традиционалните вредности, каде што државата има активна улога во ревизија на историски текови, и каде што идентитетот (раса, пол, сексуалност) е политичка категорија, односно државите се гледаат низ мултиетнички, мултикултурен концепт со либерални погледи и кон имиграцијата.
Затоа, за оваа визија ИЦЕ е симбол на репресија, а строгата контрола на границите е морално проблематична, при што федералната власт треба да биде „хумана“, дури и по цена на правниот поредок.

2. Суверенистичка визија (Трамп, МАГА, националниот блок)

Оваа страна, посилна во рурална Америка, малите градови, југот и средниот запад – ја гледа Америка како суверена нација со граници, држава на владеење на законот, а не на активизмот и, според него, да се третираат растегливо законските правила… Суверенистичкиот концепт културно е заснован на традиционални вредности и општество каде што граѓанството има конкретна смисла.
Според овој концепт, неконтролираната имиграција е егзистенцијална закана,
федералната држава е заробена од елити, а либералните градови живеат во паралелна реалност, далеку од последиците.

Зошто токму имиграцијата е „жешката точка“?

Имиграцијата е совршен симболички фронт, затоа што ги вклучува суверенитетот, безбедноста, идентитетот, економијата и моралот…
Кога федералните агенти влегуваат во градови каде што локалните власти отворено се противат на нивната мисија, тоа создава ситуација на двовластие, што е всушност – класичен предуслов за внатрешен конфликт.
Не случајно протестите не се случуваат на границата, туку во градови како Лос Анџелес, Њујорк, Портланд, Минеаполис… Тоа се симболичките престолнини на либералната Америка.

Зошто Маск зборува за „граѓанска војна“?

Всушност, мало појаснување. Илон Маск не мисли на војна како во 1861 година. Тој зборува за т.н. културна граѓанска војна, односно „војна на институции против институции, на градови против федералната власт, на медиумски реалности што немаат допирна точка“…
Во САД денес луѓето не гледаат исти вести, не веруваат во исти факти, не признаваат исти авторитети.
Жалосно е што многу аналитичари ја опишуваат оваа состојба во САД како „состојба во која државата формално постои, но заедничкиот општествен договор е распаднат“…

Дали ова навистина е граѓанска војна?

Терминот е провокативен – и намерно е поставен како таков. Евентуално, поточна формулација би била: „Продолжен внатрешен конфликт без јасен фронт“.
Но опасноста е реална. Секој инцидент може да стане искра, секоја жртва симбол, секоја акција може да биде повод за радикализација.
Во таа смисла, Маск не предвидува војна – тој предупредува, парафразирано речено, дека… „процесот на распад веќе тече“…
Соединетите Американски Држави, како и многупати во историјата, предничат во општествените процеси на глобален план. Тие предничеле и во демократските светски промени, но и во ретроградните. Сепак, САД како држава имаат капацитет за да направат промени и внатре, но и тие промени да се рефлектираат во целиот свет. Овој пат, оваа генерација на човештвото е жив сведок дека новите промени течат. Америка е примерот во живо, како една вивисекција за тоа како ќе изгледа идниот суверенистички Запад…
Она што се случува во САД не е изолиран феномен. Тоа е прототип за конфликти што се појавуваат и во Европа: глобализам наспроти суверенизам, елити наспроти народ, идентитетска политика наспроти класична држава!
Затоа изјавата на Маск одекнува толку силно. Не затоа што утре ќе има тенкови на улиците, туку затоа што Америка повеќе не знае што точно е – и тоа е најопасната фаза за секоја држава. Р.С.