Повод: Одлуката на САД за повлекување дел од своите вооружени сили од Романија
- САД неодамна објавија дека ќе повлечат ротирачка бригада што моментално е стационирана во Романија, без да ја заменат. Интересно е соопштението на Вашингтон во врска со оваа одлука. Имено, образложувањето во соопштението е во контекст на „зголемена европска (ЕУ) воена способност и одговорност“ и, според аналитичарите, е „иронија со висок интензитет“
- Одлуката за повлекување на ротациската бригада на САД од Романија е само првиот чекор, според повеќе извори. Зад затворени врати,американските претставници им сигнализирале на европските сојузници дека намалувањето на воените капацитети во Романија е само почеток и дека понатамошни намалувања ќе следуваат во Бугарија, Унгарија и во Словачка. Тие повлекувања на воени единици стационирани во ЕУ може да се очекуваат веќе кон средината на декември. Краткиот временски рок предизвика сериозна загриженост кај дипломатите на НАТО…
По објавувањето на повлекувањето на дел од силите од Романија, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да го намали нивото на војници во Бугарија, Унгарија и Словачка веќе идниот месец. Токму тие потези на Трамп отвораат нови прашања за досегашната „безрезервна посветеност на Вашингтон во одбраната на источното крило на НАТО“.
Објавата всушност е во согласност со изворната суверенистичка политика на администрацијата на американскиот претседател во чии рамки САД видливо се оддалечуваат од Европа во повеќе области – трговијата, климатските политики, безбедноста…
Образложение број 1: Америка верува во„европската воена
способност“ и затоа се повлекува
САД неодамна објавија дека ќе повлечат ротирачка бригада што моментално е стационирана во Романија, без да ја заменат со нова. Со голема доза на иронија, во соопштението на САД во врска со ова се наведува дека обој потег е заради „позитивен знак за зголемена европска способност и одговорност“(?!), што, според воените аналитичари, е доста потсмешливо кон ЕУ. Одлуката за повлекување ротациска бригада од Романија е само првиот чекор, според повеќе аналитичари. Според истите извори, „зад затворени врати, американските претставници им сигнализирале на сојузниците дека намалувањето на капацитетите во Романија е само почеток и дека понатамошни намалувања во Бугарија, Унгарија и во Словачка може да се очекуваат веќе кон средината на декември“. Временската рамка (краткиот рок) предизвика голема загриженост кај дипломатите на НАТО.
Двајца западни претставници запознаени со дискусиите рекоа дека Пентагон го разгледува повлекувањето делумно затоа што европските копнени сили сега се сметаат за поподготвени отколку во последните години, што го прави ограниченото приспособување на присуството на САД „соодветно“. На сојузниците им е кажано дека веројатно ќе се направат понатамошни приспособувања следната година. Во американскиот допис планираните намалувања во сите четири земји се опишани како „маргинални“.
За да ги уверат сојузниците во посветеноста на првичните заложби, претставниците на администрацијата на Трамп нагласиле дека нивото на американски трупи во Полска и балтичките држави, најсилно утврдените источни позиции на Алијансата, ќе остане непроменето. Сепак, Вашингтон ги истакнал „силните трошоци за одбрана на САД во тие земји“, но и нивната тесна соработка со американските сили, велејќи дека посветеноста на Вашингтон кон НАТО останува силна.
Образложение број 2: Повлекувањето е бирократски компромис, а не е- стратешко повлекување
Дипломатот Даниел Фрид, поранешен помошник-државен секретар и еден од архитектите на американската политика во Источна Европа, верува дека новата политика одразува бирократско маневрирање, а не кохерентна стратегија.
– Во рамките на администрацијата на Трамп се води тековна дебата за глобалното распоредување на силите – објасни Фрид, наведувајќи ги спротивставените фракции што се залагаат за стратегијата „Азија на прво место“, пристапот „Тврдина Северна Америка“ или традиционалниот став што „сериозно ја сфаќа руската закана“.
Фрид го нарече повлекувањето грешка, тврдејќи дека секое видливо намалување на американските сили во Европа испраќа погрешен сигнал, но сепак забележа дека најавените намалувања се ограничени.
– Бројките се толку мали што нема да ја променат воената рамнотежа. Но, сигналот е лош – истакна Фрид.
Тој нагласи дека не сите потези се негативни.
– Барем администрацијата не ги повлекува силите од Полска или балтичките држави. Овие распоредувања се ‘рбетот на одбраната на НАТО од руска агресија – додаде Фрид, опишувајќи ја одлуката како „бирократски компромис“ – симболична отстапка за оние во администрацијата што бараа многу поголеми намалувања.
Првиот човек на НАТО уверува во посветеноста на САД
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и романскиот претседател Никушор Дан инсистираат дека нема загриженост оти повлекувањето на дел од американските трупи од земјата ќе ги ослабне нејзината одбрана или одбраната на поширокото источно крило.
Руте се обиде да ја ублажи загриженоста за делумното повлекување на американските трупи од Романија за време на посетата на земјата, инсистирајќи дека Вашингтон останува посветен на одбраната на источното крило на Алијансата.
– Приспособувањата на позицијата на американските сили не се невообичаени. И дури и со ова приспособување, позицијата на американските сили во Европа останува поголема отколку што била со години. Сè уште има многу повеќе американски сили на континентот отколку пред 2022 година – им рече Руте на новинарите за време на заедничката прес-конференцијата заедно со романскиот претседател.
САД соопштија дека продолжуваат да одржуваат „робусно присуство“ низ цела Европа и со тоа способност да ги исполнат своите обврски кон НАТО. САД имаат помеѓу 80.000 и 100.000 војници распоредени низ цела Европа во кое било време, во зависност од операциите и вежбите.
Руте нагласи дека НАТО како целина има планови за да ја брани секоја педа од сојузничката територија“. Тие ја вклучуваат и операцијата на НАТО „Источна стража“, почната кон средината на септември како одговор на упадите со беспилотни летала во неколку земји членки на НАТО. Тој, исто така, рече дека вежбата што ќе се одржи месецов во Романија и Бугарија, на која ќе учествуваат околу 5.000 војници од 10 земји членки, ќе покаже оти НАТО е во можност секогаш кога е потребно да доведе напредни копнени сили да помогнат во одбраната на Романија. Р.С.
Создавање висок степен на (пред)воена психоза во ЕУ
Германски генерал предупредува на „можноста за напад врз НАТО“
Врховниот оперативен командант на Германија во петокот предупреди дека Русија би можела „наскоро“ да започне голем напад врз НАТО, ако нејзиното воено засилување продолжи неконтролирано, пренесува „Политико“.
– И покрај војната во Украина, Русија сè уште поседува многу голем воен потенцијал. Тоа значи дека Русија веќе денес е способна да изврши регионално ограничен напад врз територијата на НАТО – рече генерал-потполковникот Александар Солфранк, началник на Оперативната команда на вооружените сили, на годишната конференција на Бундесверот во Берлин.
Солфранк, кој ги надгледува сите воени операции и кризни распоредувања на Германија, предупреди дека Кремљ ги обновува своите копнени, артилериски и беспилотни сили и планира да ја прошири својата активна сила на 1,5 милион војници.
Командантот го презентираше Оперативниот план Германија, усогласен со регионалната стратегија на НАТО, како план на земјата за одвраќање. Планот организира како до 800.000 сојузнички војници би можеле да се движат низ Германија во рок од 180 дена за да го зајакнат источниот крило на НАТО доколку се заканува војна. Р.С.

































