Фото: ЕПА

Претседателот на САД, Трамп, и потпретседателот Венс децидно му рекоа на претседателот на Украина дека „не е претседател што сака да преговара мир“ и дека „е насмеан и весел во Лондон каде што добива британски кредит во милијарди фунти и поддршка од неколку европски лидери“. Ова е сликата на трансатлантското партнерство денес. Европа влегува во војна со Русија, Америка бара мир, ЕУ ги бара украинските богатства, ги бара и Вашингтон. И Македонија е во овој геополитички процеп и таа засега го држи курсот на промените што се предизвикани од светските конзервативци. Тоа е новото денес во светот

КАКО ЗЕЛЕНСКИ ИСКОПА ДЛАБОК КАЊОН ВО ТРАНСАТЛАНТСКОТО ПАРТНЕРСТВО?

По падот на Советскиот Сојуз, кој почна во 1988 година кога Естонија прогласи независност во рамките на СССР, а официјално престана да постои како таков субјект во 1991 година, на Западот се тврдеше дека светот целосно се промени. Ниту еден западен политичар не демантира дека крајот на Студената војна заврши со победа на Западот и дека тоа е крајот на историјата. Европејците, пак, искрено веруваа дека нивниот модел е модел за иднината.
Од друга страна, американските реалисти за надворешна политика тврдеа дека трансатлантскиот сојуз замре со Студената војна. А дека нема крај на историјата се погрижи токму еден политичар од поранешните советски простори, со што ќе се потврди дека историјата може да биде и иронична. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дојде во Вашингтон да потпише договор за украинските минерали со својот домаќин, претседателот Доналд Трамп, но тоа што се случи во Овалната соба не сме го виделе досега во живо. И тоа е историја, како што ќе остане забележано дека еден претседател, во случајов Зеленски, буквално е избркан од Белата куќа.
И ова се случува кога во Белата куќа беа лидерите на Франција и на Обединетото Кралство, Емануел Макрон и Кир Стармер, што значи има некаков логичен редослед на настаните, но и по неколку дена откако во САД беше македонскиот премиер Христијан Мицкоски на конвенција на конзервативците. Филмот многу брзо се одмотува. Геостратегиските промени се одвиваат молскавично. Не случајно го спомнуваме и го издвојуваме присуството на Мицкоски во САД, оти тој беше на настан каде што се зборуваше за геополитика, за вредности, за промени, за борба со корупцијата и двојните стандарди, но и за мир.

КОЈ НЕ ГИ РАЗБРА ПОРАКИТЕ?

Претседателските посети се подготвуваат до детали, до запирка, а испадна дека Зеленски како да бил испратен како агент провокатор?! Амбасадорката на Украина во Вашингтон се фаќаше за глава. Скандал. Оти ако договорот за минералите (и некои други поенти) тој го имал в раце и некој им го дал и на украинските медиуми, тогаш е за чудење зошто отишол кај Трамп, а не бил подготвен да стави потпис. Зошто не побарал дипломатски тајмаут за дополнителни консултации? Затоа и прашањето – дали постои синхронизација меѓу него, Макрон и Стармер? Дали намерно му брцнаа во очи на Трамп и на потпретседателот Венс, и тоа во Белата куќа? Кој во Европа сака да му порача на Трамп дека тој може да биде нов шериф во градот, ама не и во Европа?
Зеленски, кој можеби и ненамерно ја зеде улогата на лакмус во тестирањето на трансатлантските односи, со својот дрзок однос кон домаќините предизвика не само дипломатски скандал туку ископа еден голем кањон меѓу САД и Европа. Јасно е дека сега двата континента не ги дели само океанот туку на јасно сонце излегоа и различните вредности. И клучно – Америка бара мир, а Европа поддржува продолжување на војната во Украина. Европа е решена да ја порази Русија. Ние сме сведоци на идеолошки судир внатре во Западот! Ова Советскиот Сојуз го помина пред 40 години, кога тргна во сопствена трансформација, кога загуби многу, меѓу друго и територии, но застана на нозе и повторно стана светска сила. Западот задоцни во таа трансформација, или транзиција, а трансатлантското партнерство оди кон историски најниско ниво. Тоа е едната линија каде што ќе се гледаат последиците, втората е судбината на НАТО.
Состанокот во Лондон на таканареченото мини-НАТО во суштина е одраз на тектонските геополитички помени во Европа. И сите членки на ЕУ не беа присутни во Лондон и сите членки на НАТО не беа таму на иста маса. Стара Европа и Турција, односно воено најмоќните се обидуваат да ја земат европската судбина во свои раце. Она што е впечатливо е што во француско-британскиот строј се наредија и Канада и Австралија, што значи британската круна (империјализмот) има што да каже. Генералниот секретар на НАТО, Холанѓанецот Марк Руте, засега е внимателен во изјавите, додека во Холандија преку јавниот сервис се даваат експертски совети дека земјата треба да го фати што поскоро моментот на геостратегиските промени на европскиот континент. Значи со другите, односно да им се сврти грбот на Американците.

ИСТОРИЈА НА ПОДЕМИ И ПАДОВИ ВО ОДНОСИТЕ

Трансатлантските односи имаат повеќе од шест децении историја главно на подеми, но имало и падови. Она што во 1947 година кога Труман го активира Маршаловиот план за помош и обнова на Европа по Втората светска војна со текот на времето драстично се промени.
– Американците на Европската заедница гледале како на експеримент, а не како на национална држава – смета професорот Даниел Хамилтон од Универзитетот „Џонс Хопкинс“. Но експериментот успеа и се случи тоа што САД не го посакуваа – ЕУ да стане еден пазар, да се прошири, да стане конкурент и „непријател“ (Трамп) и да се претвори во економска тврдина. Новата американска администрација сака да го смени тоа, да ја урне таа тврдина каде што европските национални компании не се фаворизирани и поддржувани од владите. Ако се оценуваат меѓусебните односи, тогаш во времето на Бил Клинтон тие цветаа, исто како и со Барак Обама, но значајно се закочија со Буш Помладиот, а особено во првиот мандат на Трамп. Но Трамп се врати и политичките наслаги што останаа од тогаш тој сака да ги расчисти. И почна и дома, а тоа нема да остане без последици и во Европа. Првиот удар веќе е испратен за Украина со кастрење на финансиите што одеа преку УСАИД.
Трансатлантските односи се засновани на вредности како што се претставничка демократија, еднаквост на половите, владеење на правото, слобода на говор, пазарна конкуренција, но пукнаа многу тикви во перцепцијата на економските, политичките и социјалните прашања. А сега клучна е перцепцијата на функционирањето на меѓународните односи. За Америка важи концептот „ајде сега, ни требаат резултати“, додека Европа вели „чекајте да размислиме, тоа е цел еден процес“, зашто решаваат 27 членки.

СЛУЧАЈОТ СО МАКЕДОНИЈА ВО 2008 ГОДИНА

Европа сега гради атмосфера дека мора да активира план Б, кој воопшто не е сигурно дали постои во некоја фиока во Брисел или во некој европски центар на моќта. Но се става на маса таа опција зашто речиси е сигурно дека Трамп ќе ја запре воената помош за Украина. Тоа му го кажа на Зеленски. Европа сака да ја продолжи војната, за да му покаже на Путин дека не му се плаши, а во исто време ќе подготвува мировен план и мировни сили. Но Европа ѝ порачува на Америка дека Украина е на наша територија, ние ја исцртавме и ние сакаме да ги користиме сите можни ресурси од таа земја, а не вие. Сепак, тоа сценарио го нема во книгата на Вашингтон. Јасно е дека Трамп и Америка, која застана зад својот претседател, доби нож во грбот од своите сојузници, плус и од Австралија, која е дел од новиот пакт АУКУС скован меѓу Австралија, Обединетото Кралство и САД. Скован за да ја одвратат Кина. Се добива впечаток како да не сакаат да се соочат со фактот дека навистина има нов шериф во Вашингтон?!
Но да потсетиме дека и Џорџ Буш доби нож во грбот од европските сојузници кога на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година на Македонија ѝ ставија вето за членство. Оттогаш Македонија и САД имаат стратегиско партнерство, но и мемориска каписла што сега пак се отвора – кој и зошто во Европа го вади шекспировски ножот против Америка поставена како жртва во ликот на Јулиј Цезар. Кој е Брут на европската сцена? Или ги има повеќе? Тоа што му се случи на Буш по терористичките напади и колебањето на Европа воено да застане зад Буш сега почнува да му се случува на Трамп. Разликата е во тоа што Вашингтон тогаш практикуваше воена сила, а Трамп бара мир.

Што може Македонија да прави во овој хаос? Веќе доволно направи со тоа што се приклучи кон силите што ја водат геополитичка игра, а тоа се конзервативните сили, пред сѐ во Америка. Во Европа се чини дека не се гледа поголемата американска слика каде што веќе подолго време се во тек процеси што ја менуваат таканаречената либерална перцепција на светот, односно да се промовираат вредности што се далеку над тоа на што почива светот, а тоа се и етиката и моралот. Америка е во идеолошко пургаторио, тоа е нејзиното чистилиште со силите што ја корумпираа американската политика, но и сликата за неа како лидер во демократијата. Во случајов Европа е таа што е изолирана од тековите, зашто големите сили како САД, Кина, Русија, Индија… велат – ни треба мир во Украина. Со тоа што Македонија е коспонзор на американската резолуција во Советот за безбедност, која беше изгласана и е обврзувачка, јасно стави до знаење каде се гледа себеси. Македонија е за мир, за трајно решавање на еден конфликт чии последици ќе се чувствуваат уште многу години.
Од друга страна, Европа влегува во период на голема неизвесност. Ниту Кирмер, уште помалку Макрон, па дури ни победникот на германските избори Мерц немаат доволно политичка сила да ги цртаат идните контури на Европа. Тоа, пак, значи дека кохезијата тешко ќе се држи. Десните сили имаат што да кажат во Европа и на тоа дел од американските републиканци подолго време работат.
За Македонија ова може да отвори канали за побрз прием во ЕУ, како геостратегиски проект на Брисел, но тоа никако не смее да си го дозволи со губење на својот идентитет и суверенитет и со ова ново име на државата, кое е накалемено во едно време на висока корупција и шарени револуции дебело спонзорирани и од некои американски агенции, кои сега се во идеолошката центрифуга на Трамп.