ПОЛИТИЧКИ И ПРАВНИ СОГЛЕДУВАЊА НА НЕКОИ ОД ИНТЕРВЕНЦИИТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ: СО ПРЕОБЛИКУВАЊЕТО НА ПРЕАМБУЛАТА СЕ ИЗБРИША И ВРСКАТА МЕЃУ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И НЕГОВАТА МАТИЧНА ДРЖАВА
- Поаѓајќи од ваквите дефиниции, елементи и принципи, неминовно се наметнува прашањето со каква цел се направени амандманските интервенции во преамбулата на македонскиот устав ако ваква практика не е забележана на ниту едно друго место. Дотолку повеќе што интенцијата со која се интервенира со амандмани во преамбулата е повеќе од јасна, да се прекине врската на македонскиот народ со државата Македонија по сите основи, особено неговиот државотворен карактер, неговата борба за независност, неговите традиции и слично. А кога ќе се преобликува преамбулата така што ќе се избрише врската меѓу еден народ и неговата матична држава, тогаш патот до заборавот станува отворен
И без барањата на Европската Унија, македонскиот устав е повеќе од зрел за сериозни промени бидејќи вака како што сега е конципиран, односно нагрден со безброј амандмански интервенции, целосно отстапува од она што значи класична дефиниција на највисок правно-политички акт на секоја суверена држава.
Ако уставната теорија препознава амандмански дополнувања и појаснувања на членовите во Уставот, она што е несвојствено, односно слободно може да се нарече и уставноправна небулоза, тоа е – дополнување на преамбулата со амандмани!? Таква практика нема никаде во светот, но се примени токму во македонскиот устав за да се задоволат некои од испорачаните барања на соседите, како и на албанската заедница во земјава, а сето тоа со поддршка на еден влијателен дел од меѓународната заедница, со идеолошко-либерална ориентација.
Што всушност треба да претставува преамбулата во секој устав?
Преамбулата е воведниот дел на еден устав и има силно симболичко, но и политичко и правно значење.
Суштината и функцијата на секоја преамбула е вовед во уставот, кој ги објаснува суштината, вредностите и целите врз кои се темели државата, не содржи конкретни правни норми (членови што се применуваат директно), но има толковна и симболична вредност, а служи за идентификација на државата и народот, односно кажува кој го донел уставот, зошто и врз кои принципи.
Типичен елемент во преамбулата на повеќето устави е одговорот што го донесува уставот (на пример: народот, претставниците, парламентот), потоа се наведуваат основни вредности и принципи (слобода, демократија, правда, човекови права, суверенитет), на тоа се надодава историската и културна заднина (борби за независност, традиции, државност), се апострофираат целите на државата (општествен напредок, мир, социјална правда, интеграција и сл.),на крајот се утврдува државниот идентитет (како народ, како држава, како заедница на граѓани).
Преамбулата не создава директни правни обврски, но се користи при толкување уставни одредби, има морално-политичка сила бидејќи изразува што е „духот“ на уставот, а во некои држави (како Франција или Германија) судовите ја користат преамбулата како дел од уставниот текст при донесување одлуки.
Поаѓајќи од ваквите дефиниции, елементи и принципи, неминовно се наметнува прашањето со каква цел се направени амандманските интервенции во преамбулата на македонскиот устав ако ваква практика не е забележана на ниту едно друго место?! Дотолку повеќе што интенцијата со која се интервенира со амандмани во преамбулата е повеќе од јасна, да се прекине врската на македонскиот народ со државата Македонија по сите основи, особено неговиот државотворен карактер, неговата борба за независност, неговите традиции и слично. А кога ќе се преобликува преамбулата така што ќе се избрише врската меѓу еден народ и неговата матична држава, тогаш патот до менување на карактерот на државниот ентитет станува отворен.
Амандманското преобликување на преамбулата под притисок од внатре и од надвор е преседан над преседаните, но и нормативниот дел не смее да се менува под притисоци
Експертите од областа на уставното право се категорични дека местото на амандманите никогаш не им било во преамбулата, туку амандманските интервенции може да се однесуваат на одредени членови од текстот на Уставот.
– Во уставноправната пракса не се среќаваат амандмани на преамбула на устав. Кај нас очигледно двапати е направен преседан, еднаш во 2001-та и потоа и во 2019 година. Преамбулата е фактички своевиден проглас и не е составен дел на текстот на уставот, значи нормативниот дел. Затоа и последната реченица на преамбулата е „Собранието на Република Македонија, донесува… УСТАВ НА РМ, I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ, Член 1…“. Ова јасно покажува дека преамбулата не смее да се менува и во неа да се додаваат амандмани бидејќи ним местото не им е таму, туку подолу, во преостанатиот дел од текстот на Уставот – појаснуваат експертите.
Според нив, амандманското преобликување на преамбулата на македонскиот устав под притисок од внатре и од надвор е преседан над преседаните, па ако веќе се менува Уставот во иднина, тогаш предлагаат од него да се исфрли сѐ што низ годините е диво насадено, вклучувајќи ги и амандманите во преамбулата.
– Не може кој како ќе изврши притисок од надвор или од внатре, ние веднаш да скокаме и да го менуваме Уставот. Од еден пристоен правен акт ние направивме Устав за потсмев. Уставите имаат мемориска функција и не смее да се менуваат тукутака, оти така се брише и македонската трага низ историјата, а ако таа трага ја нема во историјата, ќе ја нема и во сегашноста, а уште помалку во иднината. Политичка волја вградена во Уставот во одреден момент не смее да се петрифицира како да е од бога дадена, бидејќи идните генерации заслужуваат слобода да ја моделираат својата уставна архитектура во согласност со нивните потреби, но не под притисок на соседите и нивните анахрони желби. Затоа воведните зборови на секоја преамбула го обликуваат легитимитетот, одржлив низ времето, за да се избегнат „незнаењето, заборавoт или непочитувањето на правата“. Одредбите на преамбулата имаат интегративна функција, на извесен начин давајќи одговор кој е суверенот, кој е „we, the people“ – истакнуваат експертите.
Амандманите во преамбулата се кукавичино јајце
Тие сметаат дека ваквите амандмански интервенции во преамбулата се добро смислени антисуверенистички комбинаторики и имаат цел да се направи штета врз македонскиот народ.
– Преамбулите алудираат на државен континуитет и затоа е невообичаено да се менуваат со амандмани и под притисок однадвор! Првата измена беше по воениот конфликт во 2001 година, кога всушност во преамбулата се навести бинационалноста на државата. Следна амандманска интервенција во преамбулата следуваше во 2019 година со промената на името. Амандманот е намерно „скоцкан“ и заплеткан за граѓаните да не можат ја видат целосната верзија околу наследството на АСНОМ. Имено, во преамбулата од 1991 година се повикува на „историските одлуки на АСНОМ“, но во 2001 година зборот „историски“ се избриша како непристоен. Потоа се избриша и зборот „одлуки“. Се реферира на прогласот, кој е еден вид каталог, спецификација на одлуките на АСНОМ (но, кои не смеат ни да се споменат, иако се со уставноправно значење). Вака амандмански конципирана преамбула наведува само на констатацијата дека „македонските граѓани се свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија“, што во суштина е историски фалсификат и невистина. Никој нема право да ги ремоделира фактите наведени во преамбулата на македонскиот устав, а најмалку тоа да се прави под притисок на соседите. Одлуките на АСНОМ за нас треба да бидат свети, а не да се срамиме од нив и да ги затскриваме со некакви амандмани. Дополнително, парадоксално е во преамбулата да се вградува рамковниот договор, кој е последица од оружено насилство токму против уставниот поредок. На крајот на краиштата, уставни амандмани се менуваат само низ нова уставна постапка, така што ако Европа бара од нас уставни измени, тогаш да ги направиме со сите нишани, односно да си го вратиме Уставот од 1991 година, кој токму од европските уставни експерти беше оценет како најдобар – заклучуваат некои од експертите по уставна проблематика.
































