Алијанса за Албанците се приклучи на промената, преостанатиот дел е ДУИ во неволја, пишува на социјалните мрежи претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.
Продолжуваат тензиите во Алијансата за Албанците кои кулминираа по објавата на лидерот на партијата Арбен Таравари дека на изборите ќе се приклучат кон албанскиот опозициски блок. Од друга страна поранешниот партиски челник Зијадин Села и дел од раководството и од пратениците на АА, сметаат дека партијата треба самостојно да настапи на изборите и го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
Таравари доби поддршка од министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, по што крилото на Села во кое е и министерот за правда Кренар Лога побара нивна смена и за нови министри во техничката Влада ги предложи Илир Демири и Наим Бајрами.
Таравари за денеска во Куманово закажа консултативна средба со членовите на Собранието на партијата.
Преку официјалниот мејл на Алијанса за Албанците, зад кое стои крилото на Села кој е претседавач на Собранието, пак, беше соопштено дека ова партиско тело, согласно статутот на партијата, е закажано за в сабота во „Буши ресорт“ во 13 часот, а не во Куманово.