Кампањата на Владата и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство „Купувај домашни земјоделски производи“ ѝ пречи на Алијанса на
Албанците, пишуваат албанските медиуми. Според нив, слоганот на кампањата „Македонско најдобро: Наша традиција, наша гордост“ за АА претставува
отворена навреда за албанските граѓани и за сите други „немакедонски заедници“
Како што веќе ѝ е познато на јавноста, со цел стимулирање на домашната економија и поддршка на македонските земјоделци, Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја започнаа кампањата „Купувај домашни земјоделски производи“. Кампањата има цел да ја зголеми потрошувачката на домашно произведени земјоделски производи, како и да го поттикне локалното производство.
Граѓаните ќе имаат можност да ги препознаваат домашните производи на полиците во маркетите благодарение на јасни ознаки за потеклото на секој производ – дали е произведен во Македонија или е увезен. Со оваа иницијатива, Владата очекува да се зголеми побарувачката за македонски производи, што директно ќе влијае на растот на земјоделското производство.
– Ако претходно имавме состојба каде што нивите се напуштаа, сега преку оваа кампања и конкретни мерки ќе ги поттикнеме земјоделците повторно да се вратат на полињата – се истакнува во соопштението.
Крајната цел е да се постигне земјоделска независност на државата, со јакнење на домашната продукција и креирање одржлив економски модел. Кампањата е дел од поширока стратегија на Владата за раст на домашниот бруто-домашен производ (БДП) и развој на руралните заедници.
Македонските производи заземаат околу 45 отсто од полиците во големите маркети
Според податоците од една домашна асоцијација за локален развој, македонските производи заземаат околу 45 отсто од полиците во големите маркети, а остатокот е доминантно од увоз. Во некои сектори, како земјоделство и млечни производи, македонските производи се повеќебројни, но кај преработената храна и текстилната индустрија, странските брендови доминираат.
Решението можеби лежи не само во кампањите за свест туку и во стратешки мерки: субвенции за домашни производители, даночни олеснувања, подобри услови за етикетирање и брендирање и – најважно – контрола на квалитетот.
За граѓаните, економскиот патриотизам може да биде мотив – но нема да биде доволен ако не оди рака под рака со доверба во производот.
Кампањата „Македонско најдобро“ била навредлива за Албанците велат од АА
Кампањата на Владата и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство „Купувај домашни земјоделски производи“ ѝ пречи на Алијанса на Албанците, пишуваат албанските медиуми.
Според нив, слоганот на кампањата „Македонско најдобро: Наша традиција, наша гордост“, за АА претставува отворена навреда за албанските граѓани и за сите други „немакедонски заедници“.
– Намерната и постојана употреба на терминот „македонско“ во кампања финансирана од државата не е случајност туку исклучувачка политика. Тоа е обид да се претвори државата во сопственост на еден етнос и да се негира мултиетничката реалност на нашето општество – се вели во реакцијата.
Според АА, не може да се нарекуваат „македонски производи“ дебарските домати, сирењето од Шара, зелката од Боговиње… без воопшто да се споменат Албанците што ги произведуваат. Оваа е институционален национализам во амбалажа на економска промоција. Од АА ги повикуваат албанските претставници во Владата да се повлечат од кампањата и да побараат да се коригира.
Реакцијата на АА потврдува дека во Македонија не може ништо да помине без да се политизира или уште полошо да се етнизира, па така, сега дојдовме и до ситуација кога за албанските политички претставници е спорен и терминот македонски за да го опфати произведеното во Македонија. Р.Н.М.