Алергија од сонце: како да се заштитиме?

Д-р Виданка Стефановска

Од денеска, на страниците на „Нова Македонија“ започнува ексклузивна летна рубрика посветена на здравјето и безбедноста во најжешкиот период од годината. Преку совети од лекари и стручни лица, читателите ќе добијат практични информации за заштита од високи температури, правилна хидратација, избор на здрава и безбедна исхрана, безбедност при патувања и престој на плажи, како и за превенција од сезонски ризици и инфекции

Здраво и безбедно на високите температури: Летен серијал во „Нова Македонија“

Алергија од сонце или фотосензитивност е состојба при која кожата реагира на изложеноста на сончевите УВ-зраци со појава на непријатни симптоми. Ова не е класична алергија (како на полен или прашина), туку изразена реакција на кожата на изложеноста на сончева светлина.

Најчести видови алергија од сонце:

1. Сончева уртикарија (Solar Urticaria)

O Поретка, но поинтензивна форма. Претставува брза реакција на изложеност на сончева светлина – се карактеризира со чешање и уртикарија (црвени отечени дамки) само неколку минути по изложувањето.

2. Полиморфна светлосна ерупција (Polymorphic Light Eruption – PLE)

O Најчеста форма. Се карактеризира со појава на уртикарија, чешање и поизразен исип неколку часа по изложување на сонце. Најчесто се јавува напролет или при првото изложување на сонце по зима.

3. Фототоксична реакција

O Реакција предизвикана од одредени лекови или козметика што ја прават кожата почувствителна на УВ-зраци. Наликува на изгореници од сонце.
Симптоми:

  •  Црвенило, уртикарија
  • Исип до појава на плускавци (папуло-везикули)
  • Чешање
  • Пецкање
  • Понекогаш и болка

Причини:

  • Генетска предиспозиција
  • Одредени лекови (антибиотици, диуретици, лекови за крвен притисок)
  • Парфеми или козметика
  • Автоимуни болести (лупус)

Третман и заштита:

  • Избегнувајте директна изложеност на сонце (особено од 11 до 16 часот)
    Во овој период УВ-зраците се најинтензивни и може да ја влошат алергијата
  • Се препорачува да се носи облека со долги ракави и широки капи
    Носете светла и лесна облека, која покрива што е можно поголем дел од кожата на телото.
  • Користете кремови со висок заштитен фактор (СПФ 50+, 30+)
    Користете кремови што штитат од УВА и УВБ-зраци и нанесете ги 20–30 минути пред изложување на сонце, а потоа повторувајте ја апликацијата на секои два часа.
  • Носете очила за сонце со УВ-заштита
    Тие не само што ги штитат очите од алергија од сонце туку и спречуваат оштетувања на видот.
  • Избегнувајте парфеми и козметика што може да предизвикаат фотосензитивност
    Одредени супстанции (како цитрусови масла, некои парфеми или лекови како одредени антибиотици, диуретици, НСАИЛ) можат да ја зголемат чувствителноста на кожата.
  • Постепено изложување на сонце
    Доколку треба да бидете подолг период изложени на сонце, најдобро е претходно да се подготвите со кратки интервали на изложеност и истите тие постепено да се зголемуваат.
  • Изладете ја кожата по изложување (со ладни облоги, алое вера и хидратантни креми)
    Ова помага да се смири иритираната кожа и да се намали воспалението.
  • Подобра, поздрава, побогата исхрана и повеќе рехидратација
    Исхраната богата со антиоксиданти (бета-каротен, витамин Ц, витамин Е, никотинамид или витамин B3) и внесувањето поголеми количества течности во летниот период помагаат кожата да биде поотпорна на УВ-оштетувања.
  • Консултирајте се со лекар за употреба на антихистаминици и кремови со кортикостероиди
    Тие помагаат да се намалат чешањето и воспалението.
  • Водете дневник на симптомите
    Забележувајте кога и каде се појавуваат реакциите – тоа може да помогне во откривање на предизвикувачите и подобро справување и спречување на појавата на алергиска реакција.

    Автор: Д-р Виданка Стефановска, докторка по општа медицина во „Прима-мед“ при „Ре-медика“


Наследен фактор или последица од користењето одредени лекови

Кај некои луѓе алергијата од сонце се појавува врз основа на наследен фактор, додека кај други симптомите и знаците на алергија се развиваат кога ќе почнат да користат друг фактор што може да ја поттикне алергијата, како што се на пример одреден вид лекови.
Сè уште не е разјаснето зошто кожата реагира на овој начин кога ќе дојде во контакт со сончевите зраци, меѓутоа, според дерматолозите, некои компоненти на кожата иритирана од сонце имунолошкиот систем ги препознава како туѓо тело и започнува процес на одбрана од нив. Сето тоа доведува до хемиска реакција, која се манифестира со исип, пликови, оток, црвенило или некои други видови промена на кожата, кои во екстремни случаи зафаќаат поголеми делови од телото.
Алергија на сонце најчесто имаат средовечни жени, а и воопшто многу повеќе се јавува кај жените отколку кај мажите. Исто така, луѓето со посветол бел тен повеќе се склони на алергија. Кога еднаш ќе се појави, таа се повторува секоја наредна година. Одреден вид лекови и хемикалии може да ја направат кожата чувствителна на сонце. Експертите тврдат дека алергиите на сончевите зраци се во пораст во сите земји. И додека изгорениците се чести кај лицата со посветол тен, алергијата на сонце не ја избира жртвата – таа ги погодува луѓето со секаков тип кожа. Алергијата обично трае два-три дена доколку не се изложувате на сонце. Во текот на пролетта и летото сончањето може да доведе до адаптација или природно намалување на чувствителноста на кожата од ефектот на сончева светлина.

Лекарства што може да предизвикаат негативна реакција од изложеноста на сонце се: антибиотици, контрацептивни пилули, антидепресиви и апчиња за покачен крвен притисок. Третирањето зависи од видот на алергијата. Во најблагите случаи тоа е само избегнување сонце неколку дена, ладни облоги и орални хистаминици. Додека за посериозен вид алергија треба да се посети доктор за да се дијагностицира алергијата, обично за тоа се користат кремови што содржат кортикостероиди. Постои и фототерапија што целосно ја изложува кожата на зголемени дози ултравиолетови зраци. Обично терапијата трае околу три недели. Како превенција од алергијата на сонце треба да се избегнуваат козметички производи што содржат етерични масла од лаванда, лимон и сл. Заштита од сончевите зрачи секако е и носењето шапка, очила за сонце, подолга облека, како и сончање со кремови со најмалку 15 фактор.
Витаминот Ц е антиоксидант што помага во заштита на каротинот на кожата и го намалува ризикот од појава на меланом. Исто така, кај алергиската реакција предизвикана од сонце неопходно е да се пие зелен чај. Р.Н.М.