Фото: „Нова Македонија“

Во песните тој вклучува обраќања кон Македонците, но и кон европската јавност, реагирајќи против решенијата на Берлинскиот конгрес во 1878 (по Руско-турската војна и ослободувањето на Бугарија), со кои Македонија пак се оставила под турско ропство. Исто така и во песните на оваа стихозбирка Ѓорѓија Пулевски ја истакнува непосредната поврзаност на Македонците со Античките Македонци, а Александар Македонски и Филип Македонски ги споменува како македонски цареви

Македонската преродбеничка мисла не правела разлика помеѓу денешните и Античките Македонци

Историските документи и извори посочуваат дека поставката за континуитет на Македонците од античко време е стара околу 200 години и не станува збор за современа појава. Ова е особено очигледно од македонската преродбеничка мисла кога македонските преродбеници не правеле разлика помеѓу денешните Македонци и Античките Македонци. Во средината на 19 век, најголем приврзаник на тврдењето за континуитетот на Македонците низ вековите е преродбеникот Јордан Хаџи Константинов–Џинот. Бугарскиот научник и географ Васил К‘нчов вели дека Џинот во текот на учителствувањето во македонските градови тврдел пред македонското население оти денешните Македонци се потомци на Античките Македонци.
Континуитетот на Македонците соодветно место наоѓа и во делата на македонскиот национален деец Ѓорѓија Пулевски, како што е неговата „Славјанско-маќедонска општа историја“ или стихозбирката „Македонска песнарка“.

„Македонска песнарка“

Стихозбирката „Македонска песнарка“ се состои од два дела (две книшки) и е објавена во 1879 година во Софија. Како и во поемата „Самовила македонска“, Ѓорѓија Пулевски и во ова свое дело со силен македонски патриотски набој ги повикува Македонците да се кренат во борба за својата слобода и слобода на Македонија. Во песните тој вклучува обраќања кон Македонците, но и кон европската јавност, реагирајќи против решенијата на Берлинскиот конгрес во 1878 (по Руско-турската војна и ослободувањето на Бугарија), со кои Македонија пак се оставила под турско ропство. Исто така и во песните на оваа стихозбирка Ѓорѓија Пулевски ја истакнува непосредната поврзаност на Македонците со Античките Македонци, а Александар Македонски и Филип Македонски ги споменува како македонски цареви.
Како и насловите на претходно објавената поема „Самовила македонска“ и на песнарките, така и првите три целосно негови стихотворби се одликуваат со изразито потенцирани и национално интонирани наслови, кои ги содржат зборовите Македонија, македонско и Македонци. Меѓу овие песни се вбројуваат: „Плачење македонско“, „Македонцим ув прилог“ и „Жаљост македонска“. Додека првите две песни се со еден специфично негов изразен стил, сличен на оној на Григор Прличев, третата патриотска песна е напишана наполно во духот на македонската народна песна, поради што е прифатена во народот до денешни дни.
Песната „Жаљост македонска“ претставува приспособување, односно адаптација на постара народна песна, кое е успешно актуализирано со тековните случувања, при што таа започнува со познатите стихови: „Не жали, Стано мори, не плачи, не рони тије с’лзи крвави“. Слични потфати Ѓорѓија Пулевски има правено и во другите навистина народни умотворби што ги објавува во продолжение. Сите тие носат и една специфична графика за укажување на мелодиската линија при вокалното исполнување: со своевидно повторување на вокалите (наместо со нотација) авторот сака да укаже како треба да се пее стихот, а тој исто така изречно наведува со каква инструментална придружба се пеат одделни песни. Мечтата за Кралевина Македонија со децидната потенцирана национална идеологија ги покривала рапавоста на стиховите и несмасноста на одделни јазични конструкции.

„Македонцим ув прилог“

Една од песните во стихозбирката „Македонска песнарка“ е песната „Македонцим ув прилог“. Во оваа песна Ѓорѓија Пулевски повторно се повикува и ги потсетува Македонците на нивното славно минато и историја со нивните кралеви Филип Македонски и Александар Македонски. Понатаму тој реагира против решенијата од Берлинскиот конгрес со кои Македонија била оставена под турското ропство, за на крајот да ги повика своите сонародници – Македонци да се кренат и јуначки да се борат како под цар Александар и историјата стара да ја оживеат.
– Татковина ја ово место мило Македонцим, кралевина била под краљом Филипом, старо царство, јесте од цара Александра, наш цар македонски, познат Александар велики ув вселену. Он је наше царство во Полостров Балкански је го оставил все горским Славјаним. Чујте, браќа наши јевропски христијани, да ја наша судбина нами досадила мије хоштеме нашу домовину. Ево днеска в македонскеј кралевини наши браќа тужат зашто само назе под ропство оставајет зато и мије хоштеме своју домовину! Братије наши Македонци од православну веру, да се сви сложиме, јуначки бориме, како наши стари под цар Александром, повтор спомен своим имјам по нас оставиме! Историју стару да ју оживиме, мије глејте сега да ју исполниме. Д.Ст.


Ѓорѓија Пулевски – еден од највеликите бранители на македонштината

Во македонската историска меморија Ѓорѓија Пулевски останува вечно запаметен како еден од највеликите дејци што оставиле неизбришлива трага во развојот на македонската културна мисла, но и како еден од најголемите бранители на македонските интереси во втората половина на 19 век. Македонската научна мисла го препозна и го ценеше неговото значење. Во овој контекст е и искажувањето на Гане Тодоровски дека доколку сакаме целосно да ги разбереме и протолкуваме ликот и делото на Крсте Петков Мисирков, тогаш ќе мора да укажеме и на неговите претходници во Македонија. Според Тодоровски: „Меѓу нив секако би дошле Ѓорѓи Пулевски, Исаија Мажовски, Марко Мушевич и Темко Попов, во прв ред, како и Спиро Гулапчев, Евтим Спространов, Коста Шахов и Марко Цепенков на еден поширок и индиректен план. Делувањата на овие македонски дејци во добра мера го објаснуваат појавувањето на Мисирков и ја осветлуваат генезата на неговите идеи“.
Споменувањето на Пулевски од страна на Гане Тодоровски како една од личностите што му го поплочиле патот на Мисирков не е случајно. Пулевски активно учествува во ослободителните борби на Македонците, а во Македонското (Кресненско) востание од 1878 година како војвода предводи востаничка чета. Меѓутоа неговата културна и национална дејност како учебникар, лексикограф, граматичар, поет, фолклорист, етнограф и историчар можеби е позначајна од неговата политичка и револуционерна дејност. Д.Ст.