Која е таа „повисока цел“ на репрезентите од албанскиот кампус што се манифестира со стравотен отпор за интеграција на Албанците во македонското општество?
- Политичките лидери на албанското малцинство во земјава никогаш немале цел да работат на интеграција на Албанците во македонското општество. Ноторен факт е дека од осамостојувањето на Македонија тие не создале, ниту спровеле ни една иницијатива и проект за поврзување на деловите на нашето мултиетничко и мултикултурно општество во една целина – во држава заедничка за сите граѓани заради заеднички државни и национални интереси и заради поуспешно севкупно дејствување
- Наши соговорници, уставноправни експерти од странство, дипломати, политички аналитичари и хроничари, професори, историчари, па дури и економски експерти даваат низа примери како репрезентите во албанскиот кампус континуирано работат на етничка поделба на сите полиња на државното уредување и управување, па и во сферата на буџетот и економијата, во науката и образованието, при што цело време „туркаат поставување паралелен систем“, кој и сега функционира, но кој треба да почне да функционира во полн капацитет во моментот кога ќе се влезе во следната фаза – федерализација на државата
Македонија како држава за овие нешто повеќе од три децении независност покажа највисок можен степен на почитување на малцинските права, надминувајќи ги на тоа поле и највисоките светски демократии, кои потврдуваат дека земјава не само што доследно ги почитува малцинските права туку и дополнително ги унапреди многу повеќе од она што го предвидува Повелбата за малцински права.
Со таквиот пристап земјава постигна највисок степен на интеграција на малцинствата што ја чувствуваат Македонија како своја татковина, за разлика од албанското малцинство, кое и покрај сите подадени раце и направени отстапки во овие 30 години, упорно одбива да се интегрира и отворено работи на разбивање на унитарниот карактер на државата и на воспоставување федерален систем, како преодна фаза кон територијално отцепување и приклучување кон Албанија.
Несакање, па и одбивност за реална општествена интеграција
Несомнено големоалбанската идеја постојано е присутна, без оглед на сите концесии што албанското малцинство ги доби во земјава, иако во повеќе наврати таквите отстапки направени од македонска страна беа спротивни и на Уставот, како и на македонските национални интереси. Целта беше на припадниците на албанското малцинство да им се покаже дека Македонија е еднакво и нивна држава и дека треба заеднички да работиме на нејзин развој во интерес на сите граѓани, без оглед на етничката припадност. Очекувањата беа дека Албанците ќе покажат барем грам лојалност кон државата и нејзините симболи, но тоа никогаш не се случи.
Дури и оние што до пред некој месец ги водеа речиси сите македонски министерства, сега откако се најдоа во опозиција се жалат дека некој сака да ги дезинтегрира од системот во кој самите не сакале никогаш да се интегрираат.
– Албанците секогаш ги почитувале меѓуетничките односи и затоа исто треба да постапуваат и нашите сограѓани Македонци. Немаме сила да се занимаваме со инаети со други земји, туку на земјата ѝ требаат мир и стабилност, борба против корупцијата – порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на настан на кој се коментираа 100-те дена на новата влада.
Со сличен тон се обрати и првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој праша до каде ќе одело угнетувањето на Албанците.
– Кажете ни до каде ви е планот со угнетувањето на Албанците и другите заедници, а ние ќе ви кажеме до каде достигнува отпорот на „Европскиот фронт“ – истакна Села.
Тврдењата на Ахмети и Села дека Албанците се угнетувани не држат вода, имајќи го предвид фактот дека токму Ахмети 20 години беше на власт и за сето време на комотно владеење тешко дека ќе дозволел некој да ги угнетува Албанците, туку напротив, последните седум години имаше владеење на едно малцинство над мнозинството, при што се донесоа одлуки на штета на националните интереси на македонскиот народ!
Албанската кауза пред македонската?!
Министрите и политичките претставници на македонските Албанци, платени од македонскиот буџет, ги користеа сите меѓународни средби да работат на афирмирање на албанската кауза, па се случуваше поранешниот министер за надворешни работи да лобира во полза на Косово, преговорите со Бугарија да ги води на своја рака, поранешниот собраниски спикер да го погазува официјалниот јазик на државата и на меѓународни настани да говори на албански јазик, а министрите Албанци да ги омаловажуваат државните институции и во нив да си слават родендени, да пеат песни и да играат фудбал.
Истите тие функционери не мрднаа со мал прст во западниот дел на земјата да се тргнат знамињата на туѓа држава поставени на сите можни јарболи и на нивно место да се постави македонското државно знаме, во исто време давајќи ѝ отворена поддршка на албанската фудбалска репрезентација и ословувајќи ја како „наша“.
Сето ова говори дека политичките лидери на албанското малцинство во земјава никогаш немале цел да работат на интеграција на Албанците во македонското општество, туку континуирано работат на етничка поделба, па зборуваат за изборни победници во македонски и албански блок, за тоа колку министри се Албанци, колку во јавната администрација се Албанци, колку судии, колку фестивали се албански, колку заменик-директори или директори се Албанци, буквално цело време се работи на поставување паралелен систем, кој треба веднаш да почне да функционира во моментот кога ќе се влезе во следната фаза од нивниот план, федерализација на државата.
Токму тука треба да се бараат причините зошто тие никогаш не се интегрираа во македонскиот систем и тоа нешто го одбиваа, бидејќи воопшто не беа заинтересирани за такво нешто. Соговорниците наведуваат безброј примери за тоа: од негласањето за Уставот, преку прогласувањето на „Илирида“, формирањето „Албанската паравојска“ и паралелни институции во првите години по осамостојувањето на Македонија, преку непринципиелнота на територијалната поделба на единиците на локална власт, непочитување на централната власт во „албанските“ општини и тенденции за регионализација, па сѐ до воената агресија и загрозување на територијалната целовитост на Македонија во 2001 година, барање етнички буџет, Законот за јазиците итн. Соговорниците потсетуваат дека единствено нешто за што беа заинтересирани сиве овие години, тоа беа тендерите и бизнисите преку кои политичките врхушки на Албанците во земјава дебело се нафатираа, додека обичните граѓани останаа и натаму да живеат во сиромаштија.
Сецесионизмот како вовед во создавањето на големоалбанската држава – идеја што несомнено сѐ е уште жива
Дипломатот во пензија Драган Јањатов нема никаква дилема дека албанските политичари во земјава упорно работат на дезинтеграција и дека главната цел им е припојување македонски територии кон Албанија.
– Војната во 2001 година што ја направија беше за освојување територии и за федерализација, а не беа националните права во прашање. Македонија ги има пречекорено правата што им ги има дадено на малцинствата, едноставно нема земја во Европа што им дала поголеми права на малцинствата. Албанците ја етнизираат работата, а не Македонците. Тоа е зацртана политика, си имаат тие цел, работат на тоа и не треба никого да изненадува тоа што се случува. Во 2001 година беше извршен некаков притисок врз нив, се притаија, дојдоа до Охридски договор и оценија дека сега е критичен момент за да си ги остварат плановите. Од каде Ахмети резервна гума, кога до пред извесно време брцаше и во кацата и во буџетот – вели Јањатов.
Според него, тие беа блиску до таа идеја за голема Албанија во 2001 година, а потоа продолжија да работат на истата идеја.
– И со Изборниот законик и со територијалната поделба и со симболите што секаде ги истакнуваат обележуваат своја територија со немакедонски суверенитет и со сѐ покажуваат дека сакаат да се одвојат од Македонија и да се припојат кон Албанија. Па погледнете какво подаништво имаат и кон Албанија и кон Косово. Направија од Курти херој, а нашите како да не сфаќаат што им се подготвува – појаснува Јањатов, притоа додавајќи дека не очекува ништо добро.
Тој уште додава дека Албанците во земјава го користат моментот на целосно нарушени односи во македонскиот политички кампус.
– Никогаш односот во македонскиот блок не бил лош како сега и затоа Албанците го користат тоа за да си ги остварат своите планови. Имаа неколку обиди, како Диво Насеље и други помали инциденти и сметаат дека сега е моментот да ја остварат својата цел – потенцира Јањатов.
За него клучно е македонските институции да реагираат доколку се случи таков дезинтегрирачки план.
– Одат на радикализација заради федерализација и ќе си го тераат тој курс. Останува да видиме како ќе реагираат нашите институции, а еднаш треба системот да почне да функционира за сите еднакво – заклучува Јањатов.
И другите соговорници го делат неговото мислење, јасно истакнувајќи дека Македонија како држава треба еднаш засекогаш да постави црта за нелојалното однесување.
– Изјавите на Ахмети и Села не се ништо друго, туку уште една демонстрација на одбивност за интеграција во државата и процеси на дезинтеграција на Македонија. Тие се вовед во непредвидлива состојба што не се знае каде води. А додека владееја до пред некој месец се виде што им е важно, важни им беа тендерите и бизнисите. Тие се дезинтегрираат од Македонија, која им пружи сѐ што можеше, а сега ќе се интегрирале во Европа. Со кои вредности? Со корупција и криминал? Тоа што ги одбија сите подадени раце за општествена интеграција е затоа што имаат некаква повисока цел, во која, за жал на сите македонски граѓани, се вклучени територијални делови од Македонија. Затоа крајно време и државата да ги изолира сите оние што не покажуваат лојалност и да им даде можност на луѓе што ја чувствуваат Македонија како своја татковина и кои ќе работат за нејзин просперитет и просперитетот на сите граѓани – констатираат соговорниците.