Ахмети во својот тотален пораз го подметнува албанскиот јазик за спас за себе и својата група од ОНА, пардон ДУИ
По политичката катастрофа што ДУИ и Али Ахмети ја доживеаја на парламентарните и претседателски избори, наместо да ја искористи шансата за внатрешно реструктурирање на својата партија додека е во опозиција (или, со воен речник, ако подобро го разбира, да се регрупира и подготви за контранапад), тој со десеткувана политичка војска сака да направи пробив и повторно да извојува победа и влез во власта?! Тоа што го прави Ахмети е тотално нелогично и дилетантски на политички план (а и на воен, ако така сака). Имено, Ахмети, Бујар Османи и уште два-тројца во таа партија се обидуваат со веќе видени и поразени трикови најпрвин да ги испровоцираат Албанците во Македонија, колку и да се, за потоа малку да си го покачат сопствениот рејтинг и да се вратат во врвот на македонската политика. А имаат шанса да се соземат и да смислат некаква нова методологија, пристап, содржина, концепт, програма, за да можат да се надеваат на стабилизирање на партијата и својата политика и, секако, да го запрат личниот пораз, кој допрва следува!
На ред – расчистување со (не)делата на Ахмети
Кон албанскиот, УЧК и ОНА аспект, сѐ уште не се расчистени вистинската улога и функција на Ахмети во воениот конфликт во 2001 година, кој доведе до Охридскиот рамковен договор!? Овде вреди да се забележи дека Ахмети, кој над 20 години се претставува како лидер на албанските партии и коалиции, никогаш ниту побарал ниту добил и извршувал некоја висока државна функција, премиер, министер… или која било друга функција во извршната власт!? Од која позиција тогаш ќе придонесе за својата држава, ако ја смета за таква? И најпосле, каква одговорност би презел кога не сака да биде носител на функција во јавната власт?
На Али Ахмети на глава му виси расчистувањето на воените злосторства како откриените четири случаи во 2001-та (плус уште еден, за кој пишувавме). Неизбежно, тука се и основите на сомневање за извршени тешки форми на организиран криминал во кои актери биле државните функционери теледиригирани од ДУИ, за што конечно одлучувал Ахмети. Од „непознати“ причини досега не постапувал ниту еден државен орган, МВР или надлежните обвинителства, ниту институциите на кои предмет им се корупцијата и високите форми на организиран криминал!?
Познат (им е) само јазикот на заканите
Ахмети повторно се заканува во име и со силата на албанската зедница и по пет месеци од изборите на кои доживеа пораз бара нови избори!? Сега, веќе видените и слушнати закани и некакво повторно отворање на „прашањето на албанскиот јазик“, за кој во државава постојат огромен број институции и форми за проучување, зачувување и унапредување, впрочем како и за сите други јазици, се веќе политички оптоварувачки, напорни и контрафункционални. Сепак, можеби би било единствено интересно да се види колку Албанци од Македонија би му дошле на таков „предупредувачки протест“, за кого и самите Албанци во државава и оние што се иселиле токму како последица на постоењето и политиката на ДУИ и Али Ахмети тераат мајтап или едноставно не ги интересираат ниту Ахмети ниту ДУИ, а за жал веќе ниту Македонија како сопствена татковина!
Илија Максимовски