Потврдено е дека кај северниот сосед од мали сипаници заболеле вкупно 348 лица од почетокот на годината до септември. Најголем дел од заболените се од округот Рашка (207), откако на 7 мај беше забележана епидемија во Нови Пазар, како и во Белград (99). Ситуацијата во соседството повикува на внимателност и во Македонија со оглед на блискоста, како и на меѓусебните врски и патувања на граѓаните во Србија
По регистрирањето зголемен број случаи на мали сипаници (морбили) во соседството’
Вкупно 93 нови случаи на морбили се регистрирани се во Србија во текот на минатиот месец, при што ситуацијата е најалармантна во Нови Пазар, каде што има 88 случаи, додека три се во Тутин и два во Белград, според најновиот извештај на институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“. Ситуацијата во соседството повикува на внимателност и во Македонија со оглед на блискоста, како и на меѓусебните врски и патувања на граѓаните во Србија.
Потврдено е дека кај северниот сосед од мали сипаници заболеле вкупно 348 лица од почетокот на годинава до септември. Најголем дел од заболените се од округот Рашка (207), откако на 7 мај беше забележана епидемија во Нови Пазар, како и во Белград (99). Забележително е дека најголем дел од случаите (47,1 отсто) се во возрасната група до четиригодишна возраст, при што 97 отсто од заболените деца биле невакцинирани.
Летово еден регистриран случај во Македонија
Во Македонија во јуни беше регистриран еден случај на мали сипаници кај дете од Струшко, според известувањето на Одделот за епидемиологија на заразни болести при ЈЗУ Институт за јавно здравје (ИЈЗ).
Комисијата за заразни болести минатата година донесе неколку препораки што се однесуваат на адаптација на системот во однос на следење на случаите на морбили, по забележан случај на мали сипаници кај 13-месечно бебе од Свети Николе.
Тогаш беше предвидено засилување на епидемиолошкиот надзор врз сите исипни трески со цел побрзо сузбивање на процесот на ширење на новодетектирани случаи. Имаше ангажман за издигање на свесноста помеѓу здравствените работници и помеѓу популацијата за постоење случај на морбили. А третата препорака се однесуваше на матичните лекари, педијатрите и инфектолозите, внимателно да ги следат сите симптоми што се карактеристични за морбили и да ги пријавуваат до надлежните центри за јавно здравје. Беше предвиден и дополнителен преглед во документацијата на сите деца што не се вакцинирани или не се комплетно вакцинирани, со цел да се вакцинираат. Се работеше и на издигање на свесноста на населението за ефикасноста и важноста на вакцината како најефикасен начин за контрола и ублажување на последиците од морбили.
Последен пат во земјава беше прогласена епидемија на морбили во декември 2018 година, а од наредната 2019-та немавме регистриран случај.
Н.М.
Колку се опасни малите сипаници (морбили) и како се шират
Мали сипаници или морбили е заразна болест предизвикана од вирус од групата миксовируси. Болеста може да се јави кај оние што не прележале морбили или не се соодветно вакцинирани против сипаниците.
Лекарите објаснуваат дека кога ќе нападнат сипаниците, првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото.
Морбилите се една од најзаразните болести во светот. Дури девет од 10 блиски контакти на заразениот, кои не се имуни, може да се заразат. Болеста се шири со кашлање и со кивање, близок или директен контакт со секрет од носот или грлото, четири дена пред и по исипувањето. Вирусот останува активен и заразен во воздухот или на заразените површини до два часа.
Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации, па и да бидат фатални кај организми со слаб имунитет.
Кај 20 отсто од случаите, според епидемиолозите, настанува воспаление на белите дробови или морбилиозна пневмонија. Ако таа не се лекува навреме, може да се искомплицира и поради друга бактериска инфекција. Морбилите во одредени случаи може да предизвикаат морбилиозен енцефалитис или воспаление на мозокот.
Епидемиолозите ги сметаат за опасни поради тоа што имаме случаи кога се избегнува вакцинацијата против мали сипаници или МРП-вакцината (за морбили, рубеола, паротитис).
Потребен е опфат на вакцинација од 95 отсто за колективен имунитет
Вакцината против морбили, според податоците на Институтот за јавно здравје, почнала да се дава во 1971 година, а во 1972 година е воведена како редовна кај децата од 13-месечна возраст. Во 1983 година била воведена една доза од комбинираната МРП-вакцина (против морбили, рубеола и паротитис), исто така на 13-месечна возраст. Во 1987 била воведена ревакцина на седумгодишна возраст само со вакцина за морбили, а во 1997 година била воведена ревакцина со МРП.
– Се смета дека две дози вакцина против мали сипаници овозможуваат висок заштитен ефект кај вакцинираните лица и затоа и Светската здравствена организација препорачува најмалку две дози вакцина за заштита од заболувањето – објаснуваат епидемиолозите.
Оние што имаат примено само една доза вакцина се нецелосно заштитени и можат да заболат од мали сипаници кога ќе дојдат во контакт со вирусот, односно со заболено лице.
За да се стекне колективен имунитет, кога вирусот нема лесно да се шири, лекарите велат дека треба да бидат вакцинирани 95 отсто од оние што треба да примат вакцина. Заклучно со 2022 година во Македонија имало 70,7 отсто вакцинирани деца од морбили. Светската здравствена организација (СЗО) издаде предупредување дека до крајот на годинава повеќе од половина од светот ќе биде под висок или многу висок ризик од сипаници.