Не е точна констатацијата дека во бугарската историографија нема светли примери каде што бугарските историчари, држејќи се до историската вистина и факти, биле вистински хроничари и експоненти на историската независна научна мисла. Нивните истражувања, извори, белешки и научни трудови денес се затскриваат или тотално потиснуваат и заклучуваат во темните дамари на историските архиви. Денешните актуелни политикантско-историски фабрикувања од Софија се за нив конјунктурни, при што се прави систематска ревизија на подалечната, а особено на поблиската историја. Сепак, историските вистински извори и сведоштва тешко може да бидат ревидирани, ретуширани или целосно изменети
Научната бугарска мисла од минатото го деноминира денешниот бугарски политикантско-историски наратив
Како резултат на активностите од последниве години, македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања даде препорака за заедничко чествување на светите Кирил и Методиј и Наум со Бугарија, како и препораки за измени во учебниците по историја. Во бугарското општество одредени политичари и интелектуалци, вклучувајќи и бугарски членови на споменатата комисија, се обидоа да ги искористат препораките за да промовираат триумфализам и победа со „бугарското историско фабрикување“. Во овој контекст беше и изјавата на професорот Даниел Вачков, член на историската комисија, според кого „бугарската вистина ќе биде револуција во македонското општество“.
Побугарени и Кирил и Методиј и словенскиот книжевен јазик
Една од мноштвото контроверзни изјави на повеќе политички историчари е изјавата на професорот Даниел Вачков, член на историската комисија.
– Кој ја знае историјата, ќе види дека тоа што го договоривме се наоди на работи што се познати во Бугарија одамна и никој не ги доведува во прашање. Она што е буквална вистина за нас, за општеството во Македонија, за многу луѓе ќе звучи како вистинска револуција. Бидејќи во нивните учебници до ден-денес се пишуваат сосема други работи, се кажуваат сосема други работи – изјави Даниел Вачков за бугарскиот медиум „Труд“.
„Нова Македонија“, во соработка со еминентни историчари, минатата година направи истражување на бугарските учебниците по историја. Во таа пригода беше констатирано присуството на антиисториски тврдења. Во споменатите учебници, меѓу другото, може да се прочита дека словенскиот јазик на Кирил и Методиј е „старобугарски“ јазик или дека браќата се апостоли на „бугарската книжевност“. Меѓутоа овие антиисториски содржини што се сретнуваат во современото бугарско образование, всушност, се априори веќе негирани од самата бугарската научна мисла што творела во минатото, која се држела до историските факти. Тука може да се споменат пишувањата и објавите во неколку познати бугарски научни списанија што третираат прашања од областа на литературата, науката и општествениот живот. Споменатите статии потврдуваат дека во минатото, бугарската научна мисла реално ја согледувала историската вистина и се во спротивност со денешните антиисториски тврдења за старобугарски јазик
Списанието „Македонски преглед“, во издание на Македонскиот научен институт, објави неколку научни текста во кои се разгледува просветната дејноста на браќата Кирил и Методиј. Во овој контекст, во 1935 година беше објавена статијата со наслов „Историски поглед врз духовниот живот во Солун до 19 век“, а како автор е потпишан Иван Снегаров. Авторот во статијата констатира дека: „Само со подобна духовна дејност солунските Словени можеле да станат благопријатна средина, од која се појавиле даровитите творци на суштинската словенска писменост“. Во понатамошниот дел од текстот, Снегаров вели дека врз основа на словенското наречје од околината на Солун и благодарение на дејноста на браќа Кирил и Методиј и нивните ученици, тоа наречје станало „општословенски книжевен јазик“.
Иван Снегаров исто така нагласува дека браќа Кирил и Методиј биле „Словени“ и дека Солун преку нивната дејност станал „духовен светилник, кој ги оживотворил сите словенски племиња и ги насочил кон висок идеал – да си ја создаваат словенската култура“. Во спомената статија, Снегаров вели дека бугарскиот владетел Симеон сакал да го освои градот Солун и да го насели со „Бугари“. Наводниците се ставени токму од авторот, кој во фуснота објаснува дека Лав Магистрат, кој е историски извор за тој период, под зборот Бугари ги подразбирал сите жители на бугарската држава, односно дека терминот има политичка, а не етничка конотација.
Не е точно дека аполитичната бугарска научна мисла не ја согледувала реално историската вистина
Јазикот на браќата Кирил и Методиј се разгледува и во списанието „Славјански глас“. Во 1906 година, споменатото списание ја објавува статијата „Општословенски јазик“ од професорот Б. Цонев. Авторот вели дека под изразот општословенски јазик треба да се подразбира стар говор што бил општ за сите Словени кога немале држава и писменост или, пак, книжевен јазик на сите словенски народи по разделбата на племињата. Според професорот Цонев, во првото значење „општословенски или, како што би го нарекле уште, старословенски јазик, одамна веќе не постои“, а второто значење го поврзува со дејноста на Кирил и Методиј. Авторот исто така нагласува: „Првите основачи на словенската писменост, солунските браќа Кирил и Методиј, беа првите макар и несознајни апостоли за општословенски јазик. Тие војуваа, навистина, за Словото Божие, а не за општословенска идеја, ама заедно со Христовото евангелие тие раширија меѓу Словените и еден општ јазик“.
Списанието „Славјански глас“ во 1910 година ја објави и статијата „Словенски јазици“ на хрватскиот славист Ватрослав Јагиќ. Авторот констатира дека браќата Кирил и Методиј биле творци на „една словенска азбука“. Во понатамошниот дел од текстот, Јагиќ нагласува дека „како основачи на еден словенски литературен јазик со преведување на црковните пишувања и на различните црковни книги, нужни за литургиските цели, тие се јавуваат како вистински водачи на славјанството“.
Месечното списание „Македонска мисла“, официјален орган на Македонскиот научен институт од Софија, во 1945 година ја објави статијата „Македонија и славјанството“ од Д. Томчев. Во статијата, авторот констатира дека „Св. Кирил и Методиј, родени во Солун, создаваат словенска азбука и словенска писменост“. Д. Ст.