Осум децении од Повелбата на АСНОМ за македонското правосудство
- Меѓу најважните елементи на реформската агенда во правосудството се реформите во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Соодветно внимание му се придава на спроведувањето на препораките на Оценската мисија на ЕУ, кои вклучуваат измени во законите, за да се осигурат поголема транспарентност, отчетност и професионалност при изборот и разрешувањето на судиите и обвинителите. Еден од важните реформски сегменти е и дигитализацијата на правосудството: активностите се насочени кон унапредување на системот за управување со предмети (АКМИС), поради тоа што токму овој систем беше и една од алатките на претходната егзекутивна власт за мешање во судската власт во насока на отстранување и дури и за осудување и затворање на еден наш истакнат судија што политички не се вклопувал во нејзината доктрина
Правда, правна држава, владеење на правото, професионалност и политичка независност на судиите и обвинителите, на судовите и обвинителствата, реформа на македонскиот правосуден систем – ова се термините што бездруго се меѓу најспоменуваните во последниве неколку месеци од оваа 2026 година. Во меѓувреме, (не)довербата во судството е на историски најниско ниво. Скандалите и неуспесите во борбата против корупцијата кај одделни судии и обвинители како да не ги даваат сѐ уште вистинските и потребни резултати, па сенекако во медиумите одвреме-навреме ќе осамне случај на новооткриен основен или апелациски судија или судија од Врховниот суд со своја „тарифа за пресуди“ или кому дома му нашле во ѕидот „од родители оставено азно“ од неколку стотини илјади евра, за кое ќе тврди дека, ете, „не било негово“…
Повелбата на АСНОМ за устројството на македонското правосудство од пред 81 година и денес е силен и актуелен потсетник колку се важни основните принципи на судската власт како независна, самостојна и професионална, а судството да функционира со почитување на стандардите за законитост, професионалност и јавност, за еднаквост на граѓаните. Инаку, Владата на Република Македонија прави сѐ поинтензивни напори за спроведување на Реформската агенда за правосудството, фокусирајќи се овој месец уште повеќе кон клучните елементи на таа агенда.
Меѓу најважните елементи на реформската агенда во правосудството се реформите во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Соодветно внимание му се придава на спроведувањето на препораките на Оценската мисија на ЕУ, кои вклучуваат измени во законите, за да се осигурат поголема транспарентност, отчетност и професионалност при изборот и разрешувањето на судиите и обвинителите. Еден од важните реформски сегменти е и дигитализацијата на правосудството: активностите се насочени кон унапредување на системот за управување со предмети (АКМИС), поради тоа што токму овој систем беше и една од алатките на претходната егзекутивна власт за злоупотреба и флагрантно мешање во судската власт во насока на „партиско менаџирање со судски предмети“, но и како ефикасен инструмент за отстранување и дури осудување и затворски казни (изречена на истакнатиот судија Владимир Панчевски), кој политички не се вклопувал во нивната доктрина. Последиците од ваквото владеење на извршната власт и до ден-денес длабоко се чувствуваат и институционално, но и на индивидуален и семеен план кон репресираните правораздаватели.
Во доменот на борбата против корупцијата се интегрираат препораките од ГРЕКО и Државната комисија за спречување на корупцијата во редовното работење на правосудните органи, со посебен фокус на следење на имотната состојба и судирот на интереси.
Повеќегодишното одолжување на судските постапки без да се донесат пресуди во разумен рок е една од негативните карактеристики на судството, која наидува на големи критики. Затоа, за да се зголеми ефикасноста во судењата се преземаат и мерки за кратење на времетраењето на судските процеси преку оптимизација на судската мрежа и зајакнување на капацитетите на Академијата за судии и јавни обвинители. Во рамките на усогласувањето со стандардите на Европската агенда, реформската агенда во правосудството предвидува дека со нов кривичен законик и закон за парнична постапка, исто така, ќе се подобри квалитетот на правдата.
Институтот за европска политика со критичка интонација во својот извештај, објавен во февруари годинава, укажува што ќе биде потребно, паралелно со реформските активности, да се коригира и во дел од одредени акти што влијаат врз професионалноста на судиите во Македонија. „Финансиската независност на судството останува предизвик што влијае врз неговата независност. Судскиот совет, како управувачко тело во судството, треба да обезбеди конзистентност, сразмерност и предвидливост при водењето на постапките за утврдување одговорност на судија и претседател на суд, заради зајакнување на правната сигурност и довербата во дисциплинските механизми. За обезбедување на професионалноста на судиите е потребно ревидирање на правилникот за нивно оценување при избор и унапредување во повисок суд, за да се имаат јасни, мерливи и недвосмислени критериуми што ќе ја ограничат дискрецијата и ќе обезбедат еднаков третман за кандидатите“, наведува во тој свој извештај Институтот за европска политика.
Професорката Емилија Локвенец од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје во својата докторска дисертација нагласува дека квалитетот на судските одлуки е гаранција на судската независност и оти единственото „оружје“, со кое располага судството како гранка на власта е „зборот“. „Обраќањето на судијата на јавноста преку своите пресуди е она што ја прави силна позицијата на судството и што ја јакне довербата на граѓаните во него. Само судски одлуки што се добро образложени и се конзистентни го формираат позитивното мислење на јавноста за судството и го враќаат чувството за правда преку правосудниот систем. Затоа е многу важно да се чува зборот ‘добро врзан’, но не за да се зароби, туку за да се направи посилен; зборот да се врзе за правни принципи, а не за ’политички јасли’“.
Значи, едно од најважните прашања е како функционирањето на македонското правосудство да се врзе за правните принципи и за правните стандарди, а да излезе од „политичките јасли“ на партиите и политичките елити. Ако не се постигне тоа, тогаш планираните амбициозни реформи наместо вистинско подобрување во функционирањето на судовите и обвинителствата, на судиите и обвинителите, може да останат без конкретни резултати. Или да предизвикаат само „замор од реформите“, па да излезе дека ќе треба можеби да се прават и „реформи на реформите“! Затоа што веќе имаше неуспех од правосудните реформи во изминатите децении. Ако правосудството остане во очите на граѓаните „кривосудство“, со само 2 проценти доверба кај нив, тогаш многу тешко дека ќе може тоа конечно да ја преземе својата вистинска улога на чувар на правдата и стожер на правната држава, на владеењето на правото – она што беше прокламирано уште пред 81 година, кога се удираа темелите на новата македонска држава. Реформите во правосудството да продолжат со сета динамика, форма и содржина, во функција на граѓаните!
Свето Тоевски
































