Прилеп

Општина Прилеп и Центарот за заедничка основа (ЦЗО) потпишаа меморандум за соработка со кој се воспоставува заедничка рамка за реализација на активности насочени кон превенција од насилен екстремизам и унапредување на интеркултурното образование на локално ниво. Соработката е дел од два значајни проекта што ЦЗО ги спроведува со поддршка од меѓународни партнери: „Градиме инклузивни и отпорни заедници“ – проект поддржан од Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедниците (GCERF), чија цел е зајакнување на отпорноста на локалните заедници против радикализација и насилен екстремизам преку работа со ранливи групи, особено млади, жени и деца, и „Зајакнување на младите во градење ненасилни и инклузивни заедници“ – проект поддржан од Шведската агенција за соработка и развој (SIDA), кој се фокусира на промоција на интеркултурно образование, градење доверба меѓу млади од различно етничко, религиско и социјално потекло и поттикнување на критичко мислење и социјална кохезија.
– Општина Прилеп ќе учествува во активности како што се формирање и поддршка на Акцискиот тим во заедницата (АТЗ) за превенција од насилен екстремизам, организација на културни и спортски настани со ученици, обуки и работилници за млади од основни и средни училишта,, дијалози со заедницата и локалните институции, промоција на ненасилна комуникација и почитување на различностите – велат од Општината.
Со оваа соработка, Општина Прилеп ја потврдува својата посветеност кон создавање безбедна, отворена и инклузивна заедница, каде што сите граѓани, а особено младите ќе имаат можност активно да придонесуваат за подобра иднина.