И пописот во 2023 година, како и тој во 2011 година, малцинствата не го признаа, но на последниот за првпат во Албанија се регистрирани Бугари, и тоа околу 7.000, а Македонците се дефакторизирани и сведени на само 2.000. Сега почна процесот на самоидентификација, политичка операција што се оценува како ризична и опасна затоа што државата нема веродостојна матична евиденција и малцинствата ќе се регистрираат според субјективен избор?!
АЛБАНИЈА ВО ПОСТПОПИСНА ФАЗА – ИСПРАВАЊЕ НА ГРЕШКИТЕ ИЛИ ДЕМОГРАФСКА МАНИПУЛАЦИЈА ПРОТИВ МАКЕДОНЦИТЕ
Пописот во Албанија спроведен од септември до октомври во 2023 година покажа дека таа соседна земја лежи на демографска бомба. Цензусот потврди дека за само 12 години населението во земјата се намалило за цели 14 проценти и дека во Албанија живеат малку повеќе од два милиони население. Оваа бројка ја демантираше поранешниот премиер Сали Бериша, кој изнесен фрапантен податок дека во земјата има само околу 1,4 милион население. Но, ако тоа беше показател за демографска бомба, лошо спроведениот попис со методологија што не ја прифатија припадниците на националните малцинства, тој покажа два сигнала дека во албанската држава се води опасна заткулисна, но сѐ повеќе и јавна, агресивна геополитичка игра. За првпат во историјата на речиси од сто години пописи во Албанија се појавија Бугари, а Македонците, кои се еден од темелите на модерната албанска држава, дојдоа до цифра од само 2.300. Пописот предизвика етнички тензии, а најжестоко реагираа Македонците, но и Грците зад кои застана Атина. И тоа цврсто, чувајќи го во џеб златниот клуч што ги отвора сите врати – вето за членството на Тирана во ЕУ. Нуклеарно оружје главно стационирано во областа Химара, каде што живее грчко малцинство (над 20.000), но црвеното копче го има премиерот Киријакос Мицотакис во Атина, а тоа за албанскиот премиер Еди Рама значеше дека ќе мора да прави отстапки. И направи.
ПРОЦЕС НА САМОПОПИШУВАЊЕ ИЛИ НОЖ СО ДВЕ СЕЧИЛА
Не беше многу далеку таа 2023 година и отфрлањето на пописните резултати, кога Албанија под притисок и на домашната јавност, но и на будното око на Советот на Европа, ОБСЕ и ЕУ доби строги насоки како да постигне веродостоен попис на вкупното домашно население. Токму сега се одвива тој процес, за кој во политички кругови и во Тирана (особено во Пустец) и во Скопје се смета дека може да биде нож со две сечила. Станува збор за процес за самоидентификација на малцинствата во согласност со одлуката број 843 од 26 декември 2024 година потпишана од премиерот Еди Рама.
„Врз основа на членот 100 од Уставот и точка 2, членот 7 од Законот бр. 96/2017 за заштита на националните малцинства во Република Албанија, по предлог на министерот за внатрешни работи, Советот на министри одлучи: 1. Собирањето податоци за идентификација на лицата што припаѓаат на националните малцинства се врши во согласност со нивното право на слободна самоидентификација“…
На прв поглед изгледа многу убаво, демократски и можност за сите да се пријават и да кажат кои се, на која етничка, јазична или религиозна група припаѓаат.
– Во тек е таа операција за самопопишување. За тој процес во општината е отворена и канцеларија, формирана е и специјална комисија. Треба секој да си побара формулар, да го пополни и да го испрати до комисијата, каде што МВР и матичната служба ќе го проверуваат сето тоа. Во таа комисија се и припадници од малцинствата, значи за првпат ќе имаме и Бугари. А, да не заборавиме дека на пописот беа регистрирани околу 7.000, а Македонци само 2.300. Ние како Македонци и како партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) знаеме како е направено тоа и затоа сега стравуваме да не се повтори таа операција – вели Ефтим Митревски, еден од македонските ветерани во борбата за македонштината во Албанија.
Познавачите на состојбите сметаат дека Тирана ќе биде исто така под притисок на Софија, која исто така има златен клуч и црвено копче, и оти таа ќе води сметка пописниот резултат каде што се регистрирани над 7.000 Бугари да биде маркер за во иднина. Помалку не смее да има, може да има само повеќе. Епицентарот на таа нуклеарна офанзива е Пустец (Лиќенас), област населена само со Македонци, но од скоро и со Бугари. Иако навидум Софија е задоволна што успеа со помош на сеење бугарски пасоши да добие бугарско малцинство, со што го инфицира албанскиот демографски, но, се гледа, и политички простор, таа сака таа цифра да ја крене на сметка на Македонците. Има за тоа една сериозна причина, која за Бугарија е стратегиска – употребата на јазикот. Во Албанија постои законска можност за официјална употреба на мајчиниот јазик покрај албанскиот доколку некое малцинство на локално ниво е претставено со 20 проценти од вкупното население. Слично како и во Македонија. Македонците имаат основно и средно образование на македонски јазик. Како ќе биде во иднина? Многу голем прашалник! Но еве и уште еден. Во тек се катастарски реформи, се впишуваат имотите и за првпат ќе се најдат Бугари со имоти, како куќи, ниви, шуми пасишта.
„СУБЈЕКТИВНИОТ ФАКТОР“ ПРЕСУДЕН
Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства усвои препораки за Албанија на 6 јуни 2023, при што даде зелено светло за самоидентификација со донесување подзаконски акт. Во Стразбур сметаат дека треба да се направат вкрстени податоци од тие што ќе ги даде некое лице со тие што ги имаат во архивите. Но тука има една голема вистина, која може да биде опасна замка во која многумина можат да пропаднат, а на тоа предупредуваа од Стразбур – Албанија нема кредибилна официјална документација, архива, односно пописна веродостојна карта на населението. И тука е предложено едно опасно решение, кое се содржи во точката 9 од премиерската одлука на Рама. Точката 9 предвидува: Архивата на Управата за водење матични книги ѝ ги доставува на комисијата собраните информации во врска со елементот на етничка припадност. Комисијата ја разгледува собраната документација, во согласност со точка 8 од оваа одлука, давајќи му одлучувачка тежина на субјективниот избор на поединецот…“ Така, наместо да ја користат документацијата како одлучувачки фактор за признавање на поединецот како припадник на национално малцинство, властите му даваат одлучувачка тежина на субјективниот избор на поединецот да се третира како припадник на национално малцинство.
– Ова е особено опасност за нас Македонците. Знаеме дека бугарските елементи претставени како поединци, но и како друштва, вршат и ќе вршат притисоци врз комисијата. Тие можат да стопираат нечие барања со аргумент дека некој е во постапка за добивање бугарски пасош. Голем ризик. Но за нас ова може да биде и голема можност – ако сакаш да бидеш изброен, мора да станеш. Ние сега работиме на терен за тоа што повеќе наши да станат. Не е лесно затоа што сме под сериозен притисок од три страни, но мораме. Ни треба поддршка од Македонија, секако – вели македонски активист од Глобочани.
ЗАЧЕСТЕНИ ПОСЕТИ НА МАКЕДОНСКИ ПОЛИТИЧАРИ
Неодамна во Пустец беа тројца македонски министри, македонската претседателка во Тирана оствари средба со претставници на македонското малцинство, а викендов општината ќе ја посети и премиерот Христијан Мицкоски. Надежта е дека покрај богатиот фолклор, ќе се зборува и за наталожените проблеми и за статусот на македонското национално малцинство.
– Секако дека ни треба поддршка, затоа што сега сме под силен притисок од три страни. Под притисок сме дома, од Бугарија, а сега и Грција се крена против нас и бараат да си го смениме нашиот симбол – шеснасеткракото сонце. Ќе ви кажам дека на средба кај народниот правобранител во Корча човек кого си го знаеме се претстави како Бугарин и зборуваше само за правата на Бугарите во Пустец. Фондацијата на Бугарите води и судски процес против мене – вели Васил Стерјовски, лидерот на МАЕИ и поранешен пратеник.
Во оваа постпописна фаза, која се одвива откако Брисел почна преговори со Тирана за членство, процесот на самоидентификација под надзор треба да се гледа во поголемата балканска рамка, во која клучна улога има геополитиката, но и некои стари врски поврзани со кралските семејства (Зогу и лозата на Сакскобурготите). Можеби не толку видливо, но тие се обновуваат и добиваат залет. Дали некој ќе биде маргинализиран, па и доведен на работ на видливост, можеме да претпоставиме, но прашањето е легитимно, оти мириса на геополитички проект.
Сепак, оваа пописна игра на бројки, која Македонците едноставно ги брише од Албанија, затоа што само во две села во Пустец има над 2.000 Македонци, а толку вкупно се запишани на пописот во 2023 година, е планска игра подолго време подготвувана, но може и на Албанија да ѝ се врати како фрлен бумеранг. Брисел инсистира во 2017 година Тирана да отвори графа и за Бугарите, нешто што се отвори како опција по смислените авантури на македонскиот премиер Зоран Заев и потпишаниот Договор за пријателство со Бугарија.
И покрај ова, сепак, да ги повториме зборовите на нашиот соговорник и долгогодишен активист – дека ако сакаш да бидеш изброен, ќе треба да станеш. Да те видат!
Македонците се еден од темелите на албанската држава
Бугарите не постоеле до вчера во Албанија, но затоа, пак, Македонците постоеле од памтивек. Тие во Албанија ја делеле судбината на Македонија и македонскиот народ, која со поделбата од 1913 година била поделена од Србија, Бугарија и Грција, а подоцна со формирањето на албанската држава делови од етничката територија на Македонија потпаднале под Албанија. Македонците во Албанија ги населуваат областите Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Поле или Долни Дебар и неколку села во околијата на Корча, Поградец и Билишта. Во Албанија има вкупно 42 села населени со македонско население.
Дека Македонците се жив народ и дека постојат македонски јазик, култура и традиции се покажа и на 21 декември 2019 година, кога во организација на МАЕИ во Конгресната палата во Тирана се одржа научна конференција „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.
Признавањето на Македонците од албанската држава е резултат на пожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката војна во Албанија во Втората светска војна. Уште во 1945 година Македонците беа признаени како национално малцинство во Мала Преспа и селото Врбник, во Деволската област во округот Корча и во областа Голо Брдо во округот Дебар. Во овие области Македонците во Албанија го стекнаа правото на образование на својот мајчин македонски јазик, а за Македонците во Албанија се овозможи развој на македонската култура и традиција. Врз основа на договорот помеѓу Албанија и Југославија во двете земји се испраќаа учители, нешто што е прекинато за време на Информбирото во 1949 година. (Х.И.)