Модел што може да послужи за враќање на нашето исконско име
- Многу дискусии се отворија изминатите години во државата околу можноста за враќање на уставното име Република Македонија, а во добар дел од нив се изразува скепса дека такво нешто воопшто може да се случи. Но ако доследно се следи линијата на меѓународното право, враќањето на името е повеќе од возможна мисија. Токму едно вакво позитивно сценарио за земјава подолг период разработува професорот по меѓународно право Игор Јанев. Како паралела со гореспоменатото, професорот опиша реален модел, во кој очекува Генералното собрание на ОН да ја признае палестинската држава. Истиот модел, со гласање во Генералното собрание на ОН, професорот Јанев предлага да се примени и за враќање на нашето име Република Македонија
- Битието на идејата (освен, се разбира, враќањето на името) е всушност да биде идентификувана и легална и легитимна меѓународноправна можност преку која постои апсолутно одржлив формалноправен излез од ситуацијата за состојбата што им е наметната на нашата држава и нација, без притоа да се направи прекршување на востановените процедури, форми и содржини!
Конфликтната ситуација на Блискиот Исток, која се заканува да прерасне во судир од поголем обем, продолжува да предизвикува низа реакции во светот. Во тој контекст, забележливо е дека повеќе земји инсистираат на наоѓање конечно решение за палестинското прашање, што, според нив, „единствен начин да се постигне траен мир во регионот“. Во врска со тоа, професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, е убеден дека многу скоро Генералното собрание (ГС) на Обединетите нации (ОН)би можело да ја признае државата Палестина, а својот оптимизам го темели врз препознаени индикатори што ја потврдуваат можноста одлуката да се донесе со мнозинство на присутните во салата на пленарна седница на ГС на ОН.
Ваквата форма, односно идентичен меѓународноправен урнек што би се применил за признавање на палестинската држава, професорот Јанев веќе подолго време посочува и за враќање на уставното име Република Македонија.
Битието на идејата, освен се разбира враќањето на името, е всушност да биде идентификувана и легална и легитимна меѓународноправна можност преку која постои апсолутно одржлив формалноправен излез од ситуацијата за состојбата што им е наметната на нашата држава и нација, без притоа да се направи прекршување на востановените процедури, форми и содржини!
Чекори што треба да се преземат
Според професорот, она што треба да го направи земјава како прв чекор е да се повлече од Преспанската спогодба и да побара од Генералното собрание на ОН признавање под името што македонските граѓани го одбрале во согласност со нивното суверено право, а кое гласи Република Македонија. Токму тоа беше името под кое беше прогласена независноста пред 34 години.
Професорот Јанев во продолжение прецизно ги наведува постапките што треба да се преземат за да може Македонија да го добие она што ѝ следува во согласност со меѓународното право.
– Основната претпоставка за запирање на процесот на бугаризација (поточно бугарска асимилација) и поврзано со воспоставувањето на името Република Македонија (односно отстранување на сегашното, базирано врз Преспанскиот акт, Република Северна Македонија) е – раскинувањето на Преспанската спогодба!
По раскинувањето на оваа спогодба, неопходен чекор е да се извести генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации (ООН) и да се бара отстранување на овој акт од регистарот на ООН како раскинат договор. Потоа, државата мора да поведе акција преку предлог-резолуција на Генералното собрание на ООН за продолжување на членството на државата Република Северна Македонија под името Република Македонија во ОН – појаснува Јанев.
Тој е свесен дека ваквиот чекор ќе наиде на жестока реакција од Грција, но додава дека сите аргументи се на наша страна.
– Се разбира дека Грција нема да седи со скрстени раце и ќе ги повика САД, Франција и Велика Британија да свикаат седница на Советот за безбедност (СБ) на ООН бидејќи Република Северна Македонија еднострано го раскинала Преспанскиот договор, со што ќе се обиде да ја наметне перцепцијата дека со тој чин „се загрозуваат регионалниот мир и безбедноста“.
Понатаму, во таа насока, Грција ќе бара од СБ да донесе препорака и одлука со кои ќе ѝ наложи на Македонија да мора повторно да се обврзе со истиот акт (Преспанската спогодба) или да седне на маса и да започне со нови преговори за идентитетот базирани врз (претходно раскинатиот) Преспански договор. Доколку Македонија цврсто застане на позицијата дека нема намера повторно да го склучи раскинатиот акт (што е суверена одлука на секоја држава или, пак, да преговара за новото име), маневарскиот простор на СБ на ООН е многу мал и објективно екстремно лимитиран – истакнува Јанев.
СБ на ОН има ограничени можности за дејствување
Понатаму професорот Јанев аргументирано наведува зошто Советот за безбедност на Обединетите нации НЕМА да може да донесе некои одлуки бидејќи состојбите се поинакви од оние во 1993 година.
– Имено, во споредба со 1993 година, Советот за безбедност на ООН нема да може да донесе:
1. Резолуција со која ќе наметне (повторно) привремена референца од каков било вид или да ја врати претходната референца БЈРМ (односно нема да може да ја воспостави „претходната состојба“ со наметната референца, бидејќи сега ги немаме истите околности – проблемот со референцата БЈРМ не заврши во СБ на ОН, туку во регистарот на ОН како спогодба од небезбедносен, поточно административен / несуштински карактер), а и нема да има консензус меѓу големите сили со различни доктрини околу суверенитетот на државите, особено Русија и Кина нема да бидат индиферентни и да допуштат „интерферирање во внатрешните работи“ (се разбира водени од своите интереси).
2. Резолуција со која ќе се бара „оваа држава“ (РСМ) повторно да ја склучи истата спогодба, бидејќи СБ нема надлежност за овие суверени домашни (уставни) прашања и нема да има минимум консензус меѓу големите сили, од кои двете (Русија и Кина) ја базираат својата надворешна доктрина врз основа на апсолутен суверенитет за секоја држава членка на ООН. Имено, суверено право на секоја држава е да склучува и да раскинува договори и суверено да го определува или менува своето државно име, а органите на ООН немаат надлежност да се мешаат во овие одлуки, кои се во строга внатрешна надлежност на секоја држава (особено одлуката за уставното име).
3. Резолуција со која ќе се наметнат нови преговори околу државното име (ова е практично невозможно), освен ако самата држава имплицитно или експлицитно не даде некаков вид согласност за преговори или (ре)преговарање околу истата (апсолвирана) материја, за што и самата Грција нема да се согласи, како што и Македонија не смее да даде никаква согласност, од каков било вид (ниту „премолчено“), дека ќе го репреговара новото име на државата. Македонија мора да инсистира на името со кое аплицираше во ООН во 1993 г., како единствено легитимно име на нацијата и државата (за кое народот дал согласност и кое не беше резултат на надворешното интерферирање или надворешен акт/договор)!
Заклучок
Доколку нема обврзувачка резолуција на СБ на ООН, тогаш последниот збор околу државното име на оваа држава го има Генералното собрание на ООН (во кое државите немаат право на вето).
За продолжување на членството на оваа држава во ООН под Република Македонија, како несуштествено прашање, се гласа со просто мнозинство од присутните што гласаат. Едноставно кажано, просто мнозинство од присутните во салата на Генералното собрание (во кое членуваат 193 држави членки на ООН).
Ако, на пример, во салата на Генералното собрание на ООН се присутни и гласаат 120 држави, за позитивен исход ќе ни требаат 61 глас. Ова е многу лесно да се постигне со стручни луѓе. Доколку, на пример, не успее ваквата акција оваа година, на ова Генерално собрание на ООН, може повторно да се поведе акција следната (а потоа и ако треба и следната), сè додека не се изгласа одлуката оваа држава да членува во ОН како Република Македонија, заклучува Јанев.
Во секој случај, според повеќето консултирани високорангирани странски професори и експерти по меѓународно право, Македонија треба многу поспокојно и трпеливо да пристапи кон овој наметнат историски проблем. Според соговорниците, треба да созреат условите, овој предлог логистички да се одработи, а промените на меѓународен план будно да се следат, бидејќи тие се случуваат во моментов, на глобален план, а се во полза на Македонија, на правото и на правдината. Колосален исчекор е што е идентификувана една легална и легитимна меѓународноправна можност преку која постои апсолутно одржлив формалноправен излез од ситуацијата со името, која им е наметната на нашата држава и нација, но времето само по себе носи созревање на условите за враќање во поранешната состојба.
А во престојниов период многу е битно Македонија да го (о)држи вистинскиот курс и да биде (веќе) нескршлива и бескомпромисна за прашања што се однесуваат до идентитетот, името, јазикот, историјата, симболите на нацијата и карактерот на државата.