Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вашингтон и Брисел се согласни меѓу себе дека е потребна ревизија на НАТО. Оваа заедничка согласност веќе се преточува во нови стратегиски концепти за дејствување на НАТО, се бараат заеднички именители со концептот на Брисел за „нова европска безбедносна архитектура“, која се крои во Париз, Берлин и во Брисел.
Но целиот тој процес отвора и нови светогледи и перспективи за нас. Имено, по пет години членство на македонската држава во НАТО (и немерливо скапо платено со промената на нашето име), започнатата ревизија на Алијансата отвора сериозен простор за почнување наша сериозна кампања, за активирање инструментариум со кој би се направил restitutio ad integrum, односно да се направи барем исчекор во тој правец и да се даде сигнал дека сме изградиле политичка волја за „враќање во поранешната состојба“. Се разбира, ова се однесува на името Македонија!

Ревизијата на НАТО и можностите за враќање на името Македонија

„НАТО се разви не само во робустен одбранбен сојуз туку и во заедница на вредности! Но, вредните заедници умираат кога нивните вредности повеќе не се истакнати или не се споделени…!“, предупредува д-р Трине Флокхарт, професор по безбедносни студии во Школата за транснационално владеење на Европскиот универзитетски институт во Фиренца, Италија, во научната студија со наслов „НАТО 2030 – кон нов стратегиски концепт и понатаму“, издадена од Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот „Џон Хопкинс“ од САД.

Брисел, ја истакнуваме темелната македонска вредност – името Македонија и во НАТО

Штом се посочува дека е НАТО заедница на вредности, нели е сосема оправдано во оваа реформирана трансатлантска воена заедница да дојде до израз и главната вредност на една од неговите земји членки – името Македонија? Зошто да нема право и македонскиот народ да побара да престане конечно праксата во НАТО, во која не се истакнува, ниту се споделува името Македонија, како негова темелна вредност, идентитетска?
Високопозиционирани воено-безбедносни експерти на НАТО во студијата со наслов „НАТО 2030 – кон нов стратегиски концепт и понатаму“ препорачуваат НАТО да ги истакнува и да ги споделува во следните години вредностите што се дел од него како заедница. Тоа најдиректно значи дека во следните години ќе треба и ќе може да се инсистира во НАТО да се истакнуваат и да се споделуваат и македонските вредности, кои се темелат врз универзалните, заеднички вредности и норми, означени со „јус когенс“. Тие вредности и норми не се подложни на поништување со какви било меѓународни договори: правото на самоопределување и интегритетот, правото на државен и територијален суверенитет и интегритет.

НАТО ја нагласува својата посветеност кон независноста и суверенитетот

Ако е така, зошто би било неможно за НАТО со неговиот нов „политички компас“ – Стратегискиот концепт до 2030 година – да искаже посветеност кон споменатите јус когенс, врховни норми и принципи на меѓународното право, и за својата членка – Македонија, не за „Северна Македонија“? Нормите и принципите јус когенс целосно ги гарантираат и неповредливоста и неотуѓивоста и на името Македонија, кое е темелот на македонскиот идентитет на Македонците и нивното именување како македонски народ. Поврзано со овие норми и принципи на меѓународното право и паралелно со извршувањето на обврските во трансатлантската Алијанса, државно-политичкото раководство на македонската држава треба да ги потпира дипломатската офанзива и лоби-активностите за враќање на вистинското уставно и генеричко име Македонија врз новиот Стратегиски концепт до 2030 година, како и врз Основачкиот договор на НАТО. Барајќи принципиелност, еднаквост и во обврските и во правата како за сите 32 земји членки на Алијансата така и за македонската држава

Колку е навистина реална можноста за враќање на името Македонија?

Според повеќе наши соговорници и експерти од оваа област, „низа факти и аргументи индицираат дека станува сосема остварлива идејата македонската држава да си го врати своето име Македонија иако е членка на НАТО“.
Без оглед на тоа што на оваа идеја жестоко ќе се спротивставува Грција, која сѐ уште е столб на јужното крило на Алијансата. Но забрзано се менува геополитичката, воено-политичката и геостратегиската ситуација, вклучувајќи го и Балканот. Со претстојното ревидирање на НАТО и со навестеното американско повлекување од Европа се зголемува и веројатноста Грција да го изгуби статусот на „столб на јужното крило на НАТО“. Грција се претстави како уште посилна откако се потпиша Преспанскиот договор, кога Македонија со губењето на своето име ја плати „геополитичката и воено-стратегиската фактура“ што им ја поднесе Грција на „плаќање“ на демократска Америка и на НАТО, за да се согласи да ги стави Александропулос и сите други свои воени бази на располагање на САД и НАТО.
Но ситуацијата веќе започна да се менува… Грчките медиуми во средината на февруари 2025 година известија дека „Трамп наредил затворање на американската воена база во Александропулос (Дедеагач)“. „Тоа е само транспортен центар кога американската опрема влегува во Европа или излегува од неа. Американскиот транспортен персонал може да дојде до локацијата за да управува со епизодните пристигнувања и заминувања на опремата, но ова не е американска база на САД, па да се затвора сега“, реагираа пред еден месец американските воени власти и лично Трамп во обид да ги демантираат пишувањата на грчките медиуми.
Дипломатската офанзива и лоби-активностите за враќање на вистинското уставно и генеричко име Македонија врз основа на новиот Стратегиски концепт до 2030 година, како и врз Основачкиот договор на НАТО, ќе треба да се спроведуваат паралелно и со извршувањето на обврските како членка на НАТО – сѐ додека постои овој пакт…

Свето Тоевски


Се промени ли нешто во НАТО од 2019 година?

Емануел Макрон, претседателот на Франција, во ноември 2019 година во интервју за британски „Економист“ предупреди дека „НАТО е на умирање, а Европа на работ на бездната“! Тогаш тој им порача на европските земји членки на НАТО дека не можат да се потпираат на САД, односно оти од САД повеќе не може да се очекува да застанат во одбрана на земјите членки на НАТО.
– Она низ што минуваме во моментов може да се опише како клиничка смрт на НАТО. Европа е на работ на бездната – кажа уште пред шест години шефот на француската држава.
Дали и самиот Макрон сите овие години даваше значајно учество да се остварува неговата констатација? Дали и денес тој продолжува со активности со кои битно ја поткопува Северноатлантската алијанса, работејќи на проектот за „стратегиска автономија на Европа“ и инсистира на т.н. Коалиција на подготвените за продолжување на воениот судир во Украина наместо за мирно решавање на конфликтот? Св.Т.


Американците доминантно го финансираат НАТО и имаат свои воени кадри во најважните раководни позиции во Алијансата

Американскиот генерал со четири ѕвезди Кристофер Џерард Каволи, покрај тоа што е командант на Европската команда на армијата на Соединетите Американски Држави, едновремено е и врховен командант на здружените сојузнички сили на НАТО во Европа. Односно, генералот Каволи е командант на Сојузничката команда на НАТО за операции (Врховен штаб на сојузничките сили Европа) за Европа. Адмиралот на морнарицата на Соединетите Американски Држави, Стјуарт Б. Манш, е командант на Командата на здружените сили на НАТО, стационирана во Неапол, Италија, за неговото јужното крило, во кое токму Грција е „столб“. Што ќе се случи со „јужностолбната“ позиција на Грција во НАТО ако Трампова Америка суштински го смени својот концепт за НАТО? Св.Т.