Во моето работење и во Министерството за одбрана нема да се толерира никаков обид за корупција за какво било прашање, нагласи министерката за одбрана Славјанка Петровска вечерва во врска со тврдењата од пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки дека се дава мито за учество во мисии во странство од 3.500 до 5.000 евра, за прием во професионални војници, како и за унапредување на војници во подофицери.
Оваа сума, информира Ковачки на телевизискиот дуел со Петровска во „Само вистина“ на Канал 5, според негови сознанија, е зголемена на шест илјади евра.
Петровска појасни дека во МО за овој случај долго време е присутна шпекулација засега, бидејќи не е потврдена, дека за одење во мисии, дури и за прераспределување и за курсот за подофицери постои корупција и оти тоа завршува некаде по некои од кабинетите во Министерството.
– Уште првиот момент се обратив до службите во МО кои се задолжени за безбедност. Тоа го направив некаде во март – април кога првпат до мене стигнаа таков вид информации. Сакав прво да го заштитам угледот на МО и на Армијата, второ и сопствениот заради тоа што тие решенија за упатување припадници на Армијата во странски мисии ги потпишувам јас. Сакав да покажам дека јас немам што да кријам, ниту сум побарала, ниту сум примила, ниту тоа ќе биде во иднина и сакав од својот личен пример да тргнам и да кажам дека ќе се спротивставиме на каков било обид за корупција, истакна министерката Петровска.
Таа потенцира дека истрагата која е во тек ја поддржува, а има обврска прво како министер, но и како граѓанин, тоа да го пријави и тоа, подвлече, го направила.
Петровска го праша Ковачки дали тој има информации дека парите завршуваат кај неа, Ковачки одговори „треба да се истражи дали вие ги земате парите или дали некој околу вас ви ги подметнува решенијата да ги потпишувате“.
– Јас сум убеден дека е некој околу вас што ги зема парите и тоа треба да си го проверите од вашето најблиско опкружување – рече Ковачки.
Тој тврди дека се уште нема истрага за овој случај на корупција.
Министерката Петровска истакна дека е загрижена за тоа дали пратеникот Ковачки ги користи своите линкови со поранешни колеги во МО и во Армијата и од таму црпи одредени информации и свесно ги соопштува во јавноста, сакајќи да добие ситни политички поени.
Пратеникот Ковачки покажа документ од 2021 година во кој генерал на Армијата со негова комисија се сомнева и тврди дека се примени професионални војници во Армијата со законски пречки како што се приведување за тешка кражба, со судска постпака, потоа предлог за прекин на договор поради трајна ограниченост за служење во војска, судска пресуда, наод од воена лекарска комисија за ограничено способни за служба…
Ковачки и го отстапи документот на министерката Петровска и рече дека очекува веднаш да се постапи и уште вечерва да има апсења.
Министерката Петровска потенцира дека ниту еднаш ја нема злоупотребено својата позиција за партиски или какви било други цели, што, како што посочи, не е случај и со Ковачки.
– Овој документ не треба мене да ми го доставите, туку треба да го доставите до Јавното обвинителство. Јас овој документ ќе го земам, но не сум јас адресата, јас сум политички избрано и именувано лице. Јас освен што имам обврска да пријавам не треба на никаков начин да влијаам на истрагата. Вие со давањето на овој документ на мене, сакате да ме вмешате во истрагата. Тоа е политиканство и тоа јас нема да го прифатам – истакна Петровска.
На прашањето за лицата кои давале мито, Ковачки потенцираше дека единствен начин вакви лица да влезат во Армијата е или преку партија или преку плаќање на работното место.
– Значи нема друг начин тоа да се случи ако тоа не е направено преку партија СДСМ или ДУИ или ако имаат дадено пари, односно да ги имаат дадено парите во партијата – рече Ковачки.
Меѓу другото Ковачки ја праша министерката Петровска зошто во анкетниот лист од ДКСК, има пријавено два кредити и една кредитна картичка, а нема пријавено никаков имот. Петровска одговори дека се што има е пријавено.
Петровска праша дали Ковачки ги злоупотребува своите контакти во одбрана со цел да добие политички поени и истакна дека тој во вечерашната емисија повторно пласирал лажна вест поврзана околу нејзиниот анкетен лист, за што побара извинување.
– Ако имам непријавен имот, јас ќе го донирам на ВМРО-ДПМНЕ и онака имотот им е одземен со судски наредби. Целото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, па и на пратеникот Драган Ковачки е базирано на лаги, рече министерката Славјанка Петровска.