Извештај од 400 страници за ЕУ, по налог на Европската комисија, подготвен од врвниот финансиски експерт Марио Драги, не предвидува светла иднина за Унијата
- Марио Драги (роден на 3 септември 1947 година) е италијански економист, академик, банкар, државник, носител на највисоки државни функции и премиер на Италија од февруари 2021 до октомври 2022 година. Пред неговото назначување за премиер, тој беше претседател на Европската централната банка (ЕЦБ) помеѓу 2011 и 2019 година. Драги исто така беше претседател на Одборот за финансиска стабилност помеѓу 2009 и 2011 година и гувернер на Банката на Италија помеѓу 2006 и 2011 година. По долгата кариера како академски економист во Италија, Драги работеше за Светската банка во Вашингтон, во текот на 1980-тите, а во 1991 година се врати во Рим на местото генерален директор на италијанското министерство за финансии. По една деценија заминува оттаму и му се приклучува на „Голдман Сакс“, каде што останува до неговото назначување за гувернер на Банката на Италија во 2006 година. Неговиот мандат како гувернер се совпадна со големата рецесија во 2008 година, а потоа беше избран да биде првиот претседател на Одборот за финансиска стабилност, глобален поставувач на стандарди што го замени Форумот за финансиска стабилност. Тој ги напушти тие функции по неговата номинација од Европскиот совет во 2011 година за да служи како претседател на Европската централната банка. Тој претседаваше со институцијата за време на кризата во еврозоната, станувајќи познат низ Европа по изјавата дека ќе биде подготвен да направи „сѐ што е потребно“ за да го спречи пропаѓањето на еврото. Во 2014 година Драги беше на листата на „Форбс“ како осма најмоќна личност во светот. Во 2015 година магазинот „Форчн“ го рангира како втор најголем лидер во светот. Тој е и единствениот Италијанец што е наведен трипати во годишната листа на „Тајм 100“. Во 2019 година Пол Кругман го опиша како најголемиот централен банкар на модерното време. Згора на тоа, благодарение на неговата монетарна политика, тој нашироко се смета за „спасител на еврото“ за време на европската должничка криза. Некои медиуми му го дадоа прекарот Супер Марио, прекар што беше популаризиран во текот на неговото време како претседател на ЕЦБ, кога од голем број извори беше наведен како заслужен дека одигра клучна улога во борбата против кризата во еврозоната.
- Ако во Европа останаа некои вистински политички тешкаши, тогаш Марио Драги е несомнено еден од нив – ако не и единствениот
Седумдесет и седумгодишниот Италијанец е познат не по тоа што е премиер на својата земја туку по тоа што тој беше на чело на Европската централна банка речиси 10 години. Оттука и неговиот паневропски авторитет: доколку тој констатира некоја појава, тоа треба да се сфати максимално сериозно. Сега токму Марио Драги зборува за фактот дека Европската Унија (ЕУ) може да престане да постои – и тоа не го кажува вербално, туку го пишува во својот извештај од 400 страници за конкурентноста на ЕУ. Извештајот е подготвен по налог од Европската комисија (ЕК), која деновиве треба да ја формира ново-старата претседателка Урсула фон дер Лајен. Но извештајот на Драги не е упатен само до новите европски комесари – тој во основа ги проценува шансите на Европа да остане единствена целина.
Италијанскиот и светски економист, академик, банкар и државник, Марио Драги, како врвен авторитет од областа на економијата и финансиите, беше ангажиран од владата на ЕУ (Европската комисија) да подготви извештај за највисоките тела на Унијата, во кој тој написмено ќе ги дијагностицира и образложи состојбите во блокот и ќе предложи насоки и перспективи за идното движење и позиција на Унијата, во рамките на развојните правци на глобално, светско ниво.
Што конкретно констатира Драги?
Енергетската криза не е надмината – напуштањето на руските ресурси, конкуренцијата со Кина и намалениот интерес од САД доведоа до губење на економските предности на ЕУ. Европа не може да биде конкурентна кога плаќа четири пати повеќе за енергија од нејзините конкуренти, два-три пати повеќе за електрична енергија и четири-пет пати повеќе за природен гас отколку САД. Во исто време, земен е курс кон декарбонизација, што дополнително ќе го забави економскиот развој на стариот свет. Европа е зависна од надворешниот свет, увезувајќи 40 проценти од своите суровини и напредни технологии, при што „половина од тој увоз доаѓа од земји со кои нема стратегиски врски“ (т.е. снабдувањето е нестабилно) – зависност што не може да се надмине среднорочно. ЕУ е уште позависна од одбраната и безбедноста, при што речиси четири петтини од набавките за одбрана доаѓаат од доставувачи што не се членки на ЕУ (две третини од САД). Во исто време Европа не е подготвена постојано да ги зголемува инвестициите во одбраната, а Вашингтон повеќе не може да дејствува како „безбедносен чадор“ за неа, бидејќи сѐ повеќе се концентрира на регионот на Пацификот и на конкуренцијата со Кина.
Во исто време завршува глобализацијата, чиј автор е Европа – поради која таа стана центар на светот. Драги пишува дека „ерата на отворена светска трговија, управувана од мултилатерални институции, се чини дека е при крај“. Но, без глобализација и во услови на неконкурентна Европа, каде да се добијат пари, односно инвестиции? А без нив Европа уште повеќе ќе заостанува зад САД и Кина, предвидува Драги. Колку е потребно за да се спаси неуспехот? Драги зборува за 750-800 милијарди евра, односно 4,4-4,7 отсто од БДП на ЕУ, а тоа треба да бидат доминантно јавни инвестиции: „Приватниот сектор веројатно нема да може да го финансира лавовскиот дел од таквите инвестиции без поддршка од јавниот сектор“.
Tоа се огромни суми, но без нив нема да има реформи, а без сериозни реформи ЕУ ќе се соочи со бавни смртни маки, сигурен е Драги.
– Никогаш во минатото размерот на нашите земји не изгледал толку мал во споредба со размерите на проблемите. Никогаш причините за унифициран одговор не биле толку убедливи и во нашето единство ќе најдеме сила да спроведеме реформи. Без реформи, ЕУ нема да го забрза економскиот раст и ќе мора да намали некои, ако не и сите свои амбиции. Дојдовме до точка каде што, освен ако не дејствуваме, ќе мора да направиме отстапки или во однос на социјалната политика, во заштитата на животната средина или во полето на слободата – нагласува Драги.
Драги: Европа е во криза!
Ако Европа престане да дава основни вредности и гаранции за својот народ, ќе ја изгуби причината за постоењето. Што се случува? Европа е во криза – ја губи конкуренцијата од Кина и од САД. За да ги врати изгубените позиции, потребни ѝ се огромни инвестиции, кои ќе ја направат „повторно одлична“, односно ќе го вратат лидерството во технологијата и во извозот и ќе ѝ овозможат да ги задржи својот животен стандард и вредности. Ако не се направи тоа, Европа ќе го изгуби поттикот за интегрирање и ќе се распадне.
Констатациите на Марио Драги се исклучително тврди. Тие наидоа и на реакции од опонентите. На пример, министри од Централна и Источна Европа го обвинија Марио Драги дека „внел размислување на стара Европа“ во неговите предлози. Од Летонија, Полска и од Чешка тврдат дека „поранешниот италијански премиер премногу се потпирал на експертизата од постарите земји членки на ЕУ, што ги искривило неговите заклучоци и ги потценило приоритетите во нивниот регион“.
Во секој случај, заеднички именител на низа експерти од ЕУ е дека на Унијата ѝ се неопходни итни и темелни реформи. Но дали Европа има шанса за т.н. „реформи за пробив“? Во услови на конкуренција не само со САД туку и со Кина, истите држави силно препорачуваат Европејците „да ја намалат својата зависност“, односно да не дозволуваат кинески инвестиции (!?). Според анализите на повеќе експерти, внатрешните контрадикторности во самата Европска Унија активно ги користат сите надворешни играчи, но најважно е што во својата надворешна политика и трговија ЕУ стана заложник на играта на неолиберализмот и англосаксонскиот глобализам. А ЕУ не само што не покажува волја да ја промени таа ситуација туку и самата ЕУ-врхушка верува дека токму оваа политика (а всушност самоубиствена) ги исполнува европските интереси. Највпечатлива потврда за тоа е украинската ситуација. Линијата на вистинските Европејци веќе сфаќа дека за успешно интегрирање и постигнување стратегиска автономија – со други зборови, независност од атлантската контрола – им се потребни добри економски врски и мирен соживот со Истокот. Н.М.