Фото: „Нова Македонија“

Наместо официјален Брисел навреме да го заокружеше процесот на проширување со сите земји од Западен Балкан и да го завршеше тоа некаде до 2014 година, тој ја одложи работата на неодредено и испрати лоша порака. Ако се случеше навреме проширувањето со Македонија и со сите други земји од Балканот, во следниот период ЕУ ќе можеше да ги насочи сите сили кон европеизација на општествата на Молдавија и Грузија, да работи на превентива од избувнување воен конфликт во Украина и на тој начин да стекне доверба кај граѓаните од крајниот исток на Европа

Резултатите од изборите во Грузија и од референдумот во Молдавија се одраз на лицемерни политики на дел од бриселската бирократија

Плановите на Европската Унија да се прошири со Украина, Молдавија и Грузија се чини дека почнуваат да се изјаловуваат бидејќи овие земји реално по ниту еден параметар ги немаат достигнато потребните стандарди ниту за стекнување кандидатски статус, а уште помалку за почеток на преговори за членство во Унијата.
Од друга страна, тамошните општества се длабоко поделени околу европската идеја, имајќи предвид дека во минатото биле дел од поранешниот Советски Сојуз и во овие земји во добар дел сѐ уште е присутно руското влијание, многу повеќе од европското, така што намерите на ЕУ со политички одлуки да ги привлече кон себе овие земји очигледно во пракса тешко ќе се реализираат.
Имено, грузискиот премиер Иракли Кобахиѕе изјави дека владејачката партија освоила рекордни 1,2 милион гласа на изборите одржани за време на викендот, истакнувајќи дека граѓаните се определиле за „мир и европска иднина“.
– Грузискиот народ направи избор што нема алтернатива. Тие избраа мир и развој на земјата, како и нејзина светла, европска иднина – рече Кобахиѕе на прес-конференција.
Тој додаде дека првата седница на парламентот ќе се одржи нормално и ќе биде формирана влада, и покрај тоа што опозицијата одбива да ги признае резултатите.
Од друга страна, грузиската опозиција одбива да ги признае резултатите, обвинувајќи дека зад ваквиот изборен резултат се кријат многу нерегуларности и мешање на Русија.
Реагираа и САД и ЕУ, кои бараат испитување на наводите за изборни нерегуларности пред да се соопштат конечните резултати. Официјална Москва демантираше секаква вмешаност, обвинувајќи го Западот дека на сила сака да инсталира марионетски влади во овие поранешни советски републики.
Слично сценарио имаше минатата недела и во Молдавија, каде што на гласањето на референдумот за европската иднина на државата, приврзаниците и противниците на ваквата идеја беа речиси изедначени.
Во Украина, пак, земја што е цел на руската воена агресија, нема воопшто можност за какво било изјаснување на граѓаните, па претседателските и парламентарните избори се ставени на стенд бај, без оглед што веќе требаше да се одржат.
Она што е повеќе од јасно е дека мешање во изборите, во референдумите и во случувањата во овие три земји има од сите страни, што од друга страна ги прави далеку од подобни кандидати во процесот на проширување на ЕУ. Од друга страна, оние што се подобни и подготвени како Македонија, не можат дури ни да започнат пристапни преговори.

Зошто политичко жонглерство во ЕУ?

Европската Унија погреши многу одамна со пристапот кон овие земји, создавајќи силен блок што отворено се противи на европската идеја и кој сака државна сувереност и право земјата сама да одлучува каде и како ќе ги остварува сопствените интереси.
Тој антиевропски блок во Молдавија и во Грузија беше дополнително засилен откако се виде дека Унијата не ги прима во членство ниту земјите од Западен Балкан што преговараат со години, а кои се децении понапред од поранешните советски републики. Наместо официјален Брисел навреме да го заокружеше процесот на проширување со сите земји од Западен Балкан и да го завршеше тоа некаде до 2014 година, тој ја одложи работата на неодредено и испрати лоша порака. Ако се случеше навреме проширувањето со Македонија и со сите други земји од Балканот, во следниот период ЕУ ќе можеше да ги насочи сите сили кон европеизација на општествата на Молдавија и Грузија, да работи на превентива од избувнување воен конфликт во Украина и на тој начин да стекне доверба кај граѓаните од крајниот исток на Европа.

Борба за интереси

За познавачите на геостратегиските политики, случувањата во Грузија и Молдавија се резултат на лошите европски политики кон земјите од Западен Балкан.
– Треба неколку работи да се земат предвид. Прво, и Молдавија и Грузија, како и Украина, многу години биле во рамките на Советскиот Сојуз, значи биле зад железната завеса, немале некаков контакт со Европа што би значело промоција на европските вредности дома. Сега некој сака одеднаш тие безрезервно да ја гушнат европската идеја и да се одлучат за ЕУ. Тоа не оди така, луѓето гледаат вести, гледаат како истата таа ЕУ се однесува со земјите од Западен Балкан, патем земји, кои речиси сите биле дел од Југославија и дел од тој западен свет. И ако Брисел се мајтапи со нив и не ги прима во членство, тогаш како Грузијците или Молдавците да им веруваат? Дополнително, во овие земји има значително руско население што секогаш ќе си влече кон Русија, така што ако продолжи со ваквиот пристап, на ЕУ може да ѝ се случи само нов Кипар, односно ако веќе реши со политичка одлука да ги прими овие земји, тоа ќе биде прием со нецелосна територија бидејќи руското население таму никогаш нема да се согласи со тоа. Гледаме што се случува во Украина токму поради големото руско население во Донецк – посочуваат аналитичарите.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов ги гледа случувањата со референдумот во Молдавија и изборите во Грузија исклучиво низ призмата на задоволување на геостратегиските интереси.
– Целта е јасна. Ниту Украина, ниту Молдавија, ниту Грузија не ги исполнуваат критериумите за стекнување кандидатски статус, а уште помалку за добивање датум и почеток на преговорите за членство во ЕУ. Намерата на Унијата е јасна, нема да ги прими, туку на овој начин сака што повеќе да се доближи до Русија и да го потисне нејзиното влијание каде било во Европа. Меѓутоа, приоритет им се тие земји што потекнале од Советскиот Сојуз или ѝ се соседни на Русија, прибалтичките, кавкаските, средноазиските, така што јасна е политиката. На Европа не ѝ е до проширувањето, туку целта е да се запре руското влијание во овие земји – смета Јањатов.
Според него, глобалната концепција на меѓународната политика е променета, нема ништо од детантот што на времето се постигна, така што сега се оди на сѐ или ништо.
– Притисокот врз овие земји може да доведе до катастрофа. Балканот не им е толку приоритетен и затоа нѐ влечат за нос. Вредностите се измешани, а на прво место е интересот, како политички така и економски – заклучува Јањатов.