Кога влегов дома и понатаму ме измачуваше идејата за причината на исушениот простор. Повторно се сетив на Васил, кој велеше дека земјата треба да се полева колку што треба, ни повеќе ни помалку. Значи пустошот што го видов е резултат на недостиг од капки што вредат! За крај на оваа глупост, во фактура добиена од едно градско ЈП, под точката дополнителни услуги, пишува: Надомест за одржување на јавното градско зеленило (без ДДВ) за наплата 30 денари, што значи ние граѓаните плаќаме. Колку капки има во една ваква сума само Господ знае
Пред неколку години, доаѓајќи од Егејот, со мене патуваше близок роднина што живееше во селото Неред, кое е сместено на дваесетина километри од градот Лерин. Роднината Васил често доаѓаше во Скопје или во други градови од Македонија, милуваше да се види со многу роднини што по потекло се од Неред или од други села од леринскиот и костурскиот крај. Васил се занимаваше со земјоделство, цел живот го помина опкружен со зеленило. Секојдневните контакти со природата му овозможија добро да ја спознае работата со земјата, знаеше колку треба земјата да се полее со вода, не треба премногу ниту премалку, велеше Васил. Често кажуваше како и на кој начин човекот треба да се бори со земјата, со природата за да извлече квалитетни плодови од неа.
Васил тоа го имаше научено и потврдено кога на парцела од неговиот посед од околината на Неред, покрај другите земјоделски производи, тој со неговото семејство одгледуваше планучки, јагоди, чиј квалитет беше познат пошироко и подалеку од местото каде што се произведуваа. Кога одеа на пазар во Лерин или во Костур можеше да се чуе – „овде планучки од Неред“.
Значи, кога со возилото се приближувавме кон Скопје, некаде околу селото Маџари, покрај кое место минува автопатот, нѐ пречекаа мали зелени површини, кои почнаа да ни го освежуваат видикот. Кај фабриката „Алкалоид“ и населбата Автокоманда, погледот и љубопитноста кај Васил се зголемија бидејќи зелената убавина и сѐ околу неа растеа побрзо отколку нашето возило во кое се наоѓавме. Кога поминувавме покрај добро уредените зелени простори, сместени на двете страни од возачкиот простор, на многу места посадени помали или поголеми цветни дрвја, меѓу нив ред борчиња, глетка што личеше на послан природен мозаик. Присутни и неколку поголеми дрвја, кои чиниш се поставени тука за со нивната височина и широчина да им прават сенка и ладовина на тревата и растенијата под нив.
Да не се случеше реакцијата на Васил, сигурно немаше да го забележам присуството на ваквата глетка, поминувајќи речиси секој ден по оваа патека, ми се причинуваше дека сето ова е сосема нормално и зошто би се воодушевувале за работи што така треба да бидат, добро средени и пријатни за гледање. Но реакцијата на Васил ме изненади, по што како за себе рече: Убаво, многу убаво! Знаеш, цел живот сум во природата и со природата. Знам што е убаво и исто така знам кога работите се така направени за да личат како да се направени од самата природа. Во Грција ги имам посетено речиси сите поголеми градови, вакво нешто нема. Да ми веруваш дека нема! Гледај колку е лично, браво за вас!
Кога доаѓавме во Скопје и кога Васил го кажуваше ова, беше јуни. Оттогаш помина време, Васил замина од овој свет, отиде во вечните зелени простори, кои Васил ги замислуваше.
Во еден сличен јуни, односно пред неколку дена, повторно се враќав од Егејот. Дваесетина дена се плискав во зелените води од Бело Море. Возејќи, си реков, за населбата Ченто има излез од автопатот, но нема веднаш да одам дома, ќе наминам до трговскиот центар „Веро“, да земам нешто за јадење, подобро е да има отколку да нема. Со такво убедување продолжив кон градот Скопје.
Кај бензинската пумпа Млин Куманово нешто ми стана чудно, очите почнаа да ми се гледаат кон темножолта боја. Тоа е нормално си реков, по вакви нагли промени, Бело Море, потоа голем град, природно е да се случуваат и такви работи. Кога дојдов до „Алкалоид“ и населбата Автокоманда жолтата боја се претвори во темноокер! Ова, си реков, не е до очите, ова треба да е нешто друго, нешто непознато и длабоко мистериозно! Ако е до мене, во таков случај треба да застанам некаде со колата, да се преиспитам и запрашам што се случува со мене. Од друга страна, си велам, како може да биде до мене, кога штотуку сум дојден од Бело Море да ми се случува што било. Не, не може јас да сум во прашање. Во прашање треба да е нешто друго, ама што друго?
Да не случајно некој силен ветер од Африка, во темноокер боја ја паплоса земјава наша? Не, не е во прашање ветер од Африка, а што може друго да биде? Можеби некој дрон, од војната во Украина сосема случајно залутал кај нас? Повторно не! Еве, застанувам пред семафор, луѓе си поминуваат на пешачки премин, малку загрижени, но поради топлиот ден.
Ајде тревата зелена ќе ја оставиме понастрана, што би се рекло ќе ја жртвуваме. Ама тие средните и помалите градинарски дрвца, сега тотално изгубени во темнотоплите бои, зошто се тие такви? Трагична глетка даваа тие борчиња, сега подгрбавени и свиткани како да ја носат тежината на грдиот свет. Мозаикот што личеше на послан тепих, начичкан со сите колоритни нијанси, сега го немаше. Дури и во центарот на градот гледав скршени дрвја, гранки паднати врз сувата трева, како да се најдов во“дива шума… во трње и буеж сета“ (Данте), во кој уништен урбан простор може да се видат пантер, лав и волчица со сини очи!
Во ваква емотивна состојба решив да се вратам дома. Во „Веро“ не одам, бидејки останав празен и изгубив желба за што било!
Кога влегов дома и понатаму ме измачуваше идејата за причината на исушениот простор. Повторно се сетив на Васил, кој велеше дека земјата треба да се полева колку што треба, ни повеќе ни помалку. Значи, пустошот што го видов е резултат на недостиг од капки што вредат!
Причината е во полевањето односно во неполевањето, кога украсните зелени површини беа оставени на немилост и некои од нив се покорија на нивната судбина, на нашата немарност. Наместо капка по капка, тие зелените вредности не добиле ниту една капка!
Каде е вината? Во претседателот на државата не, во Владата не, во Собранието исто така не! Во градските власти, да!
Можеби тие од градот, на чело со дамата што многу ветуваше, помислиле оваа година да остават Господ Бог да даде некоја капка, ама тој севишниот не може само со нас да се расправа, тој како Бог си има и други обврски. Затоа оваа година остававме без ниту една божја капка вода. А, нели секоја капка вреди!
За крај на оваа глупост, во фактура добиена од едно градско ЈП, под точката дополнителни услуги, пишува: Надомест за одржување на јавното градско зеленило (без ДДВ) за наплата 30 денари, што значи ние граѓаните плаќаме. Колку капки има во една ваква сума само Господ знае? Да се надеваме дека на челните луѓе од градот нема да им текне во големите горештини од јули и август да чекаат Господ Бог да даде некоја капка од вредната течност потребна за сите нас и за градското зеленило.
Коле Манев