Ако сѐ е завршено и Македонија треба да разговара со Брисел, тогаш легитимно е македонските претставници да побараат објаснување во кој дел на Копенхашките критериуми се наоѓаат уставните измени, кога такво нешто не се барало од ниту една друга држава
И бугарскиот претседател Румен Радев со уште една порака дека за нив Македонија е завршена работа
Европската Унија не е подготвена да води пристапни преговори со Македонија во согласност со условите што беа поставени пред сите други актуелни земји членки, односно во согласност со Копенхашките критериуми, туку главен услов за продолжување на преговорите е целосно идентитетско обезличување.
Најдобрата потврда дека е тоа така се последните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев, кој нема никаква намера да го загрози сето она што на тацна им го даде претходната македонска влада со прифаќањето на францускиот предлог, па сега од доста лагодна позиција објаснува дека Македонија има проблем со ЕУ, а не со Бугарија.
Имено, бугарскиот претседател неодамна посочи дека секогаш бил отворен за дијалог, но морало да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.
– Преговорите меѓу Бугарија и С. Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по Договорот за добрососедство и соработка – рече Радев, пренесува „Новини.бг“.
Тој уште додаде дека доколку се зборува за дијалог, тој треба да се води меѓу Македонија и Европската комисија и врз основа на преговарачката рамка за Македонија усвоена во исто време.
– Дијалогот е таму, а се работи за условите што мора да ги исполни Северна Македонија, за да можат да почнат преговорите за членство на земјата во ЕУ – појасни Радев.
Според изјавите на Радев, тој ниту е за дијалог ниту за комуникација со Македонија, наместо тоа, македонските власти ги упатува на друга адреса, односно во Брисел.
Како што кажува бугарскиот претседател, односно ако сѐ е завршено и Македонија треба да разговара со Брисел, тогаш легитимно е македонските претставници да побараат објаснување од европските бирократи во кој дел на Копенхашките критериуми се наоѓаат уставните измени, кога такво нешто не се барало од ниту една друга држава. Ако впишувањето на Бугарите во Уставот е европски критериум за почеток на преговорите со ЕУ, тогаш зошто Унијата немаше такво барање кон ниту една друга земја кандидат, туку уставните промени се случуваа непосредно пред самиот влез на секоја земја во ЕУ, што беше востановена практика. Оттука, неразбирливо е зошто Брисел инсистира на поинаков пристап само кон Македонија и не дозволува уставни измени со одложено дејство, кога во повеќе наврати ги изневери очекувањата на македонските граѓани, кои со право повеќе не веруваат на европските ветувања и не се подготвени на нови отстапки.
Дополнително, ако Брисел усвои преговарачка рамка за земјава, тогаш зошто дозволи и нејзино дополнување со протоколи наметнати од официјална Софија, со што де факто се потврдува дека колку и да говори бугарскиот претседател дека адресата кон која македонските власти треба да се обраќаат е Брисел, во суштина, македонскиот пат кон ЕУ оди преку Бугарија.
– Бугарија доби сѐ што сакаше, ЕУ стои зад идентитетското обезличување на македонскиот народ и затоа ја поддржа официјална Софија и се противи на какви било промени на она што е договорено со претходната влада. Навикнаа сѐ да им прифаќаме, Бугарија го искористи моментот и сега нема никаква шанса да се повлече од таа позиција. Таму нема да се смени ништо ни по изборите, бидејќи без оглед која влада ќе дојде на власт, ако воопшто формираат политичка влада, позициите кон Македонија ќе останат исти. Огромна штета направи претходната влада и сега многу е тешко да се санира тоа, без целосно да се загрозат евроинтеграциите – заклучуваат некои од соговорниците со кои дискутиравме околу ова прашање. С.Т.