Според пишувањето на американските медиуми, „меѓусебната конкуренција на САД и Кина дополнително се засили по скорашниот успех на
кинескиот стартап „Дипсик“ преку развивање на јазичниот модел Р-1, базиран на вештачка интелигенција. Тоа го наведе Вашингтон да преземе чекори за ограничување на кинеската компанија, односно на нејзините врски со водечкиот американски производител на чипови „Енвидија“

Се вжештува трката за технолошки примат помеѓу двете најсилни светски економии, Кина и САД

Развојот на вештачката интелигенција (ВИ) се издвојува како исклучително важен фронт во ривалството помеѓу Кина и САД, во екот на трговската војна, при што се смета оти Кина има амбиции да стекне превласт во иновативната област до 2030 година, додека САД се обидуваат да го сузбијат нејзиниот подем и да го задржат приматот. Меѓусебната конкуренција дополнително се засили по скорашниот успех на кинескиот стартап „Дипсик“ преку развивање на јазичниот модел Р-1, базиран на вештачка интелигенција, што го наведе Вашингтон да преземе чекори за ограничување на кинеската компанија, односно на нејзините врски со водечкиот американски производител на чипови „Енвидија“, според пишувањето на американски медиуми. Но технолошкиот напредок на Кина не се однесува само на вештачката интелигенција туку и на полето на роботиката, електричните возила, батериите, како и на низа други иновативни технологии.

Кина има амбициозни цели на полето на вештачката интелигенција

Кина цели да стане глобален лидер на полето на вештачката интелигенција до 2030 година, откако Планот за развој на вештачка интелигенција на новата генерација беше поставен во јули 2017 година. Пекинг има намера да создаде домашна индустрија за вештачка интелигенција во вредност од околу 150 милијарди долари до 2030 година. А Кина, според објавите во светските медиуми, основа национален фонд за индустријата за ВИ вреден 8,2 милијарди долари, наменет за инвестирање во проекти за ВИ во рана фаза на развој. Кинеската влада исто така обезбедува грантови за истражување и развој, стимулации и договори за набавка за компании од сферата на ВИ.
– Вештачката интелигенција и хуманоидните роботи се нови индустрии. Во ерата на дигиталната економија разговаравме за дигиталната индустријализација и индустриската дигитализација, односно дека ВИ, вклучувајќи хуманоидни роботи, апликации за големи збирови на податоци (биг дата – н.з.) и големи јазични модели, треба да се развие како индустрија – посочува кинескиот економски експерт и универзитетски професор Јифу Лин.
Тој смета дека Кина има одредени предности во однос на конкурентите на ова поле и оти треба да продолжи да ги развива новите индустрии.
– Кина има предности тука – изобилен талент, голем домашен пазар и целосни индустриски синџири на снабдување. Ние треба да ги надградуваме овие индустрии во развој и исто така да ги користиме за да ги унапредиме постојните индустрии. Хуманоидните роботи, на пример, би можеле да ја заменат работната сила во индустриите што се соочуваат со недостиг од кадар поради стареењето на населението. А тие можат да се користат и во грижата за стари лица – објаснува Јифу Лин, кој е почесен декан и професор на Националната школа за развој на Универзитетот во Пекинг, поранешен главен економист и виш потпретседател за развојна економија во Светската банка.

Се охрабрува употребата на вештачка интелигенција во кинеското образование

Во Кина се охрабрува употребата на ВИ, пред сѐ, во образованието, како што истакна Лајонел М. Ни, претседател на хонгконшкиот Универзитет за наука и технологија (Гуангџоу) во неодамнешно обраќање пред медиумите во Пекинг. Тој имаше интересно размислување и за често поставуваното прашање дали ВИ може да ги замени луѓето на одредени работни места.
– ВИ нема да ги замени луѓето, но професионалците што користат вештачка интелигенција ќе ги надминат оние што не го прават тоа. Тоа е неизбежно – вели професорот Ни.
На настанот посветен на вештачката интелигенција беше истакнато како напредните модели на вештачка интелигенција, како на пример „Дипсик“, го трансформираат процесот за стекнување знаење. Се наведува оти овие системи можат брзо да обработат огромни количества пишани написи, да генерираат висококвалитетни резимеа на содржина и истражувачки трудови, како и да произведуваат мултимедијални содржини, вклучувајќи слики и видеа, што им овозможува на корисниците да создаваат разновидна содржина.
Професорот Лајонел М. Ни истакна дека високообразовните институции треба да обрнат големо внимание на влијанието на вештачката интелигенција врз образовниот сектор.
– Треба да се охрабри одговорната употреба на вештачката интелигенција во законски рамки – нагласува професорот Ни, напоменувајќи ја неповратната интеграција на технологијата во современото образование.
Професорите на хонгконшкиот Универзитет за наука и технологија (Гуангџоу), како што наведе тој, исто така се охрабруваат да вклучат вештачка интелигенција во наставните програми. Кина моментално е убедлив лидер според бројот на глобални апликации за патенти за вештачка интелигенција, со 60 отсто во светски рамки во изминатите неколку години, како што објави веб-страницата „ПатентПиСи“. Кина исто така има најмногу научни написи и публикации за вештачка интелигенција, според извештајот за индексот на вештачка интелигенција на американскиот универзитет „Стенфорд“, но САД се пред неа според бројот на високоцитирани научни публикации – 50 наспроти 41, додека Германија има седум, а Канада шест публикации.
Извесно е дека конкуренцијата на полето на иновативните технологии помеѓу двете моментално најсилни светски економии, САД и Кина, ќе продолжи да се засилува во скоро време, со оглед на извонредно брзиот ритам со кој капацитетите за вештачка интелигенција продолжуваат да напредуваат.


САД го почнуваат инвестицискиот план „Старгејт“ вреден стотици милијарди долари

Властите во САД во меѓувреме спроведуваат проекти со приватниот сектор за развој на вештачката интелигенција. Проектот „Старгејт“ заснован врз заедничко вложување меѓу „ОпенАИ“, „Софтбанк“, „Оракл“ и „Ем-џи-екс“ беше објавен од американскиот претседател Доналд Трамп, набрзо откако тој ја презеде функцијата во јануари. Проектот го означува најголемиот инвестициски план за вештачка интелигенција на САД, вреден до 500 милијарди долари во следните четири години, со цел за изградба на нова инфраструктура за вештачка интелигенција во земјата.
Администрацијата на Трамп исто така се обидува да ја ограничи продажбата на чипови од американската компанија „Енвидија“ во Кина, истовремено разгледувајќи мерки што би го блокирале купувањето американска технологија од страна на кинескиот стартап „Дипсик“, а наводно расправа и за забрана на пристап до услугите на кинеската компанија во САД, тврди американскиот весник „Њујорк тајмс“. Таквите потези се должат на загриженоста на САД дека Кина би можела да ги надмине на полето на вештачката интелигенција, што се смета дека би имало големи последици на геополитички план.

Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг