Од опсежното и исклучително содржинско експозе по првата година од мандатот на претседателот на МАНУ, академик Живко М. Попов, за читателите на „Нова Македонија“ и за пошироката јавност издвоивме делови од неговиот говор во кој мошне прецизно ги дијагностицира досегашните (преживеани) предизвици во македонската историја по осамостојувањето, но и се осврнува на идните предизвици и искушенија на македонската држава и општество, со идеја и автентичен концепт на МАНУ за надминување на проблемите и ставање во функција и во полн капацитет на државниот систем.

Екстракти од експозето на претседателот на МАНУ, академик Живко М. Попов, на редовното годишно собрание:

Хируршки прецизна вивисекција на општествените премрежиња и идните предизвици на македонската нација и држава

Во нашето општество сè уште е присутна генерална партизација на институциите, посебно видлива во јавната администрација, во агенциите, во регулаторните тела, кои треба да бидат независни, и слично, што доведува до негирање на критериумите за квалитет и до вработувања по непринципиелна основа. Тоа перманентно ги ослабува квалитетот и капацитетот на дејствување на институциите и државата ја прави нефункционална.

Со вака конципирани институции, Република Македонија многу тешко ќе се бори со предизвиците

Децениското невладеење на правото и коруптивноста на системот доведоа до девастирана држава, со нефункционални институции. Како резултат на тоа, во последните години, ни се случија неколку масовни несреќи, меѓу кои и последната голема трагедија во Кочани. Потребна е целосна поддршка на енергичните напори и на заложбите на институциите на државата за расчистување со наведените појави. Верувам дека е возможно рестартирање на државниот систем и доколку успееме да им го вратиме на институциите барем нивото што го имаа при осамостојувањето на земјата, навистина ќе постигнеме огромен успех. Со вака конципирани институции, Република Македонија многу тешко ќе се бори со предизвиците што ја чекаат при отворањето на поглавјата за членство во ЕУ.

За правосудниот систем

Понатаму, партизацијата на општеството доведе до нефункционален правосуден систем. Вистина е дека се направени повеќе квалитетни реформи во правосудството со добри решенија, но тие имаат слаба имплементација. Тоа што најмногу ја бранува јавноста се Републичкиот судски совет и Академијата за судии и обвинители. Имено, Судскиот совет, во текот на неговото досегашно дејствување, не се покажа доволно силен, убедлив и компетентен да ги наметне своите одлуки. Се поставува прашањето дали е Советот доволно голем со 15 члена, за да се избегне манипулирање, бидејќи лесно се постигнува мнозинство. Притоа, членовите мора да бидат од редот на најискусните и најеминентните правници во државата (пред сè судии, адвокати, обвинители), па затоа, во други држави, ваквиот совет се нарекува Висок судски совет. Постојат и други модели за избор и за разрешување судии: претходниот модел, во кој судиите се избираа и се разрешуваа од функција во парламентот и којшто беше потранспарентен и подемократски со јавно оценување на кандидатите, потоа моделот за избор на судии на непосредни избори, во комбинација со парламентарни или локални избори, како и моделот со поголемо учество на судските здруженија или нивни комбинации. Во нашата земја треба да се избере модел што најмногу соодветствува со големината на државата, менталитетот на населението и со меѓународната практика.

За здравствениот систем

Здравствениот систем постепено се руинираше со партизацијата и со асиметричното учество на приватниот сектор, што како модел е меѓу ретките на Балканскиот Полуостров и пошироко, особено ако се знае дека Македонија е една од посиромашните држави во регионот. Најголем удар на системот му е зададен со укинувањето на Законот за Медицински факултет (lex specialis од 1947 година) како универзитетска установа од посебен општествен интерес, со последователно одделување на Клиничкиот центар од Факултетот и од УКИМ. Така, единствената универзитетска академска болница за терцијана здравствена заштита прерасна во 32 јавни здравствени установи, во чии клиники раководителите, наместо деканот и факултетската управа, ги назначува ресорниот министер, а тие веќе не мора да бидат професори, туку директори може да бидат и асистенти и други специјалисти, со што настана политизирање на Клиничкиот центар. Тоа доведе до деградирање на наставниот кадар и на квалитетот на наставата и лекарските дипломи, бидејќи факултетите ја изгубија својата автономија. Неопходно е што поскоро обединување на клиниките во еден клинички центар и негово враќање во матичната установа, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Сличен процес настана и на другите два државни медицински факултета, кои, пак, и немаат вистински терцијарни клинички болници во кои се изведуваат наставата и обуката на идните лекари.
Воспоставената практика на повеќегодишното раководење со здравствените установи од страна на поставени директори (в. д.) го крши постојниот Закон за здравствена заштита и најчесто резултира со неквалитетно и неефикасно раководење. Ако на тоа се додадат недоволното финансирање и инвестиции во инфраструктурата и во опремата на државните медицински установи, како и слабиот развој, пред сè, на регионалните болници, логичен резултат е масовно преминување на најквалитетниот медицински кадар, во кој државата со децении вложувала, во приватниот сектор и во странство, со последователно ослабување на државниот здравствен систем.

За правичната застапеност како обврска на јавните институции

Правичната застапеност е уставна категорија и обврска за јавните институции, регулирана со Законот за работните односи, во кој стои дека таа треба да биде заснована на квалитет и на компетентност, а не на чисто етнички критериуми. Понатаму, употребата на принципот на гласање по Бадентер, односно дополнително мнозинство на немнозинските заедници, исто така, е уставна категорија произлезена од Рамковниот договор, која веќе триесет години се применува во парламентот и во општинските совети во Републиката. Законот за употребата на јазиците на територијата на државата, исто така, произлегува од Рамковниот договор од Охрид во 2002 година, преточен во уставните амандмани. Но и по три децении од конфликтот, овие три придобивки од Охридскиот договор сè уште се обвиени во магла и ја брануваат јавноста поради спротивставените мислења и нејаснотиите околу ширината на нивната употреба. Време е да се направи нивно јасно и прецизно дефинирање, проследено со правни механизми со кои ќе биде оневозможена нивната злоупотреба, а многубројните пречекорувања на прописите да бидат отстранети на соодветен начин. Веруваме во капацитетот на Уставниот суд да го направи тоа во соработка со експертите од земјата и со Венециската комисија и со поддршка на гарантите на Охридскиот договор, што ќе резултира со враќање на довербата меѓу етничките заедници во државата.

За демографските проблеми и депопулацијата

Државата, исто така, сè повеќе се соочува и со демографските проблеми (стареењето на населението, намалувањето на наталитетот, а со тоа и на понудата на трудот, нејзиниот моноцентричен развој предизвикува масовно доселување во главниот град со можност за згаснување на повеќе населени места низ земјата), миграциите во странство, посебно на млади високообразовани кадри, во кои нашата земја инвестирала, во основа претставуваат губење на човечкиот капитал и сл.
Депопулацијата веќе е сериозен предизвик за Република Македонија, што се потврди на последниот попис од кој произлезе дека нема ни милион и осумстотини илјади население. Таа трае веќе долго време и доколку не се преземат сеопфатни мерки со кои, пред сè, младите парови ќе остануваат во државата со своите семејства, таа ќе биде уште поизразена во наредните децении. И покрај тоа што се чини дека со напредните технологии, развојот на роботиката и со вештачката интелигенција, се намалува важноста на бројот на жителите, сепак тој е важен за зачувување на културниот и на националниот идентитет, како и за безбедноста на државата. Понатаму, покрај иселувањето, пред сè, на младите и на оние на средна возраст, подигањето на животниот стандард и напредокот на медицината доведуваат до стареење на населението, што од друга страна станува нов општествен проблем кој државата мора да го менаџира.
Причините за емиграциските и за преостанатите депопулациски процеси се многу сложени и бараат сеопфатна анализа и соодветни одговори за спречување на иселувањето од државата и особено на напуштањето на руралните средини. Тука, важни се политиките за раѓањето, проектите за враќањето на нашето население од странство во земјата, како и примамливи државни проекти и програми за заживување на селото преку населување млади брачни парови, проекти што веќе се применуваат во земјите во регионот.

За европскиот пат на Македонија и за условот за промена на Уставот

Перспективата на евроинтегративните процеси на РМ не ѝ ја гарантира ни Договорот за безбедност и одбранбено партнерство со ЕУ, потпишан минатата година, таа е комплетно блокирана со ирационалниот спор со нашите соседи. Понатаму, потпишаниот Военополитички стратегиски договор со САД по распадот на Југословенската Федерација, сега и надграден со значајното подобрување на нашите односи со американската администрација предводена од претседателот Трамп, во секој случај е нешто многу позитивно и не треба да се пренебрегне. Тоа на поголемиот дел од македонскиот народ му влева надеж дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и во подобрувањето на релациите со Брисел. Република Македонија не може да биде поштедена од последиците на војната во Украина и таа мора да си го најде своето безбедно место во светот и за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, земјата да биде поддржана од повеќе стратегиски партнери, што само може да ѝ донесе корист на државата. Во ваква ситуација мора да се реагира мудро и навремено.
Европскиот пат, сепак, е наша единствена права и реална опција бидејќи ние сме, пред сè, Европејци, а исто така, и Европската Унија е свесна дека европскиот континент никогаш нема да биде комплетен без Западен Балкан, и затоа проширувањето на ЕУ повторно станува приоритет што не смееме да го пропуштиме. ЕУ нам ни е потребна како високоразвиена економска и политичка заедница, која може да ни помогне да ги достигнеме нејзините стандарди и вредности.
Европскиот пат на Западен Балкан повторно е на испит и на крстосница, и покрај јасната волја и желбата на речиси сите околни соседни држави. Сега, ветена година е 2030, и затоа потребни се реформи, и покрај евроскептицизмот, кој е во пораст поради неконзистентното однесување на ЕУ, и честата дисонантност на Брисел и на одделни европски престолнини, при што, наспроти повеќедецениските подготовки и болните реформи на земјите од Западен Балкан, се нуди брз прием на Украина, Молдавија, Грузија и др. Работите на глобално ниво се менуваат од ден на ден, од час на час, Македонија е мала и сиромашна земја, поделена по повеќе основи и мора да реагира навремено, а истовремено, да чува и одредена неутралност, зашто од неа секако дека не зависат работите. Сметам дека премногу направивме, премногу жртвувавме, и повеќе од тоа, па поради тоа губи секаква смисла евроатлантскиот процес.
Во однос на спорот со нашите соседи, со кои со векови живееме едни до други, со или без граница, имаме одличен предлог со предвидено одложено дејство, што претставува солидна основа за компромис. Контактите на научниците од двете страни, повторното воспоставување научни проекти, соработката во културата, инфраструктурното поврзување и честите контакти и разговори на сите нивоа, се разбира, со запазување на нашето национално достоинство, би можеле да бидат мост на кој ќе се сретнат политичарите од двете страни заради изнаоѓање компромис.

МАНУ останува да биде апсолутно посветена на градењето на современата македонска нација и држава

МАНУ, како и досега, активно ќе учествува и ќе дава целосен придонес во спроведувањето на реформските процеси и приоритети на земјата, преку нивно научно следење, истражување и осмислување, како и преку обезбедување експертска помош на државата, особено во автономните сфери на општеството – науката, уметноста, културата и образованието. Тоа не е само наша законска обврска туку и наша морална должност и одговорност – да ја градиме нашата земја како модерно, демократско, мултикултурно и економски просперитетно општество.
Познатиот француски академик Ернест Ренан (Ernest Renan), од втора половина на XIX век, на својата пристапна беседа, во 1879 година, во Француската академија, под куполата, ќе истакне: „Нацијата не ја прави тоа што луѓето зборуваат на ист јазик или припаѓаат на иста етничка група, туку тоа што заедно направиле големи работи во минатото и што сакаат да направат уште многу други во иднината“. Затоа за зачувувањето и за градењето на современата македонска нација и држава неопходни ни се, пред сè, слога, заедништво и многу самопрегорна работа на нашиот европски пат.