Новиот систем за влез во Европската Унија веќе создава застои
- Новиот систем за влез и излез во ЕУ бара од над една третина од државјаните на земји што не се членки на Унијата да обезбедат дополнителни податоци на границата при влез во шенген-зоната
Новиот пропис на Европската Унија што налага поголем дел патници да поминат низ електронски гранични проверки на идентитетот ризикува „да предизвика значителна непријатност кај патниците“, предупреди шефот на лобито на аеродромите на блокот, пренесува „Политико“. Но, портпарол на Европската комисија инсистира дека системот за електронска проверка, кој првпат стапи во ограничена употреба во октомври минатата година, „во голема мера работи без проблеми“.
Дополнителните чекори при регистрација предизвикуваат застои
Новиот систем за влез/излез во ЕУ има цел да ги замени печатите во пасошите и да се справи со нелегалните престојувања во европскиот блок. Според новиот систем, патниците од трети земји како Велика Британија и САД мора да регистрираат отпечатоци од прсти и слика од лицето првиот пат кога ќе ја преминат границата пред да стигнат до граничен службеник. Но, тие дополнителни чекори предизвикуваат застои.
Во октомври, 10 проценти од патниците мораа да го користат новиот систем. Од минатата недела, пак, најмалку 35 проценти од државјаните на земји што не се членки на ЕУ што влегуваат во шенген-зоната за краток престој мора да го користат. До 10 април се очекува целосно воспоставување на системот.
Проблемите забележливи на аеродромите
Неговото воведување минатата година предизвика проблеми на многу аеродроми, а индустријата се грижи дека засилувањето од петок ќе предизвика повторување.
ЕЕС „резултираше со зголемување на времето за обработка на граничните контроли на аеродромите за до 70 проценти, со време на чекање до три часа во периодите на најголем сообраќај“, рече Оливие Јанковец, генерален директор на АЦИ Европа, додавајќи дека новиот мандат од петокот „сигурно ќе создаде уште полоши услови“.
Портпаролот на аеродромот во Брисел, Ихсане Чиуа Лехли, истакна дека воведувањето на ЕЕС има влијание врз времето на чекање за патниците и ја зголемува потребата од доволно персонал на граничната контрола, додавајќи дека времето на чекање при пристигнување (влез во Белгија) може да достигне до три часа, како и дека е забележано зголемување на времето на чекање при заминувања.
Но, Комисијата го отфрли обвинувањето дека ЕЕС предизвикува хаос на аеродромите во ЕУ.
– Од неговото основање, системот во голема мера функционираше без проблеми, дури и за време на шпицот на празниците, и сите почетни предизвици типични за новите системи беа ефикасно решени, згора на тоа, со него знаеме кој влегува во ЕУ, кога и каде – рече Маркус Ламерт, портпарол на Европската комисија за внатрешни работи.
Суспензијата на ЕЕС во Португалија посочена како пример
Ламерт рече дека земјите „го побија тврдењето“ на АЦИ Европа за зголемено време на чекање и дека загриженоста за проблемите поврзани со новиот праг од 35 проценти е „побиена“. Тоа е во остра спротивност со ставот на лобито на аеродромите, кое посочи на неодамнешните проблеми во Португалија.
– Постојат растечки оперативни проблеми со воведувањето на ЕЕС. Пример претставува и суспензијата на системот од страна на португалската влада за време на празниците – рече Јанковец.
Кон крајот на декември, португалската влада го суспендира ЕЕС на аеродромот „Умберто Делгадо“ во Лисабон на три месеци и распореди воен персонал за да ги зајакне капацитетите за гранична контрола.
АДР, кој управува со аеродромот „Фјумичино“ во Рим, исто така се соочува со проблеми.
– Оперативните услови се покажуваат како многу сложени, со значително влијание врз времето на обработка на патниците на граничните контроли – се наведува во писмен одговор од АДР.
Здружението на хотелската индустрија на Шпанија побара од Министерството за внатрешни работи на земјата да го зголеми бројот на вработени, предупредувајќи на „повторливи тесни грла на граничните контроли“.
– Неразумно е, по патување од неколку часа, туристите да се соочат со чекање од еден час или повеќе за да влезат во земјата – рече Хорхе Маричал, претседател на лобито.
Шпанското министерство за внатрешни работи соопшти дека ЕЕС се користи низ целата земја, без досега „пријавени редици или значајни инциденти“.
Сепак, не сите аеродроми имаат проблеми со имплементацијата на новиот систем.
„АДП група“, која управува со двата најголеми аеродроми во Париз, изјави дека „не забележала никаков хаос или зголемување на времето на чекање во оваа фаза од функционирањето на системот“. Р.С.
Што е ЕЕС и што значи за македонските граѓани?
ЕЕС е дигитален систем за евиденција на влезот и излезот на сите државјани на трети земји што патуваат во земјите од шенген-зоната за краток престој – до 90 дена во кој било период од 180 дена. Тоа вклучува туристички, деловни и приватни патувања, но не и подолг престој, студиски или работни визи. За македонските граѓани, кои сега можат да патуваат без виза во повеќето земји од ЕУ, тоа значи:
– При прв влез во една од 29-те земји членки на шенген-зоната, регистрацијата на лични податоци, вклучувајќи ги и биометриските податоци – отпечатоци од прсти и фотографија од лицето – ќе биде задолжителна.
– Ставањето печат на пасошите е укинато, а сите податоци електронски се чуваат и се разменуваат во рамките на системот.
– Секој следен влез или излез од шенген-зоната ќе биде автоматски евидентиран.
ЕЕС, чие постепено воведување почна на 12 октомври минатата година, претставува само еден сегмент од паметната контрола на европските граници, а следниот чекор е воведувањето на ЕТИАС (Европски систем за информации и авторизација за патување), што претставува еден вид дозвола за патување, сличен на американскиот ЕСТА.
Од крајот на 2026 година сите патници од земјите од ЕУ без виза, вклучувајќи ја и Македонија, ќе мора да пополнат онлајн формулар и да платат такса (20 евра) пред да патуваат. Овој систем ќе овозможи дополнителни безбедносни проверки пред патникот дури и да тргне на патување.
Иако овие мерки се спроведуваат за поголема безбедност и контрола, тие ќе бараат дополнително време и внимание при преминување на границата, особено во текот на првите месеци од имплементацијата. Р.С.
































