Македонија има нешто што другите го немаат. Или, попрецизно, според геолозите, минерал што во светски рамки Македонија го има во најголеми количества, а само на неколку места низ светот во траги. „Нова Македонија“ потсетува на „гладот за критични суровини и минерали во глобални рамки“ на конкурентската предност на државите и нациите што поседуваат вакви ресурси. Неодамна редакцијата само потсети на колосалниот потенцијал на еден проект што сѐ уште е во латентна фаза, но кој во одреден момент би можел да направи квантен скок за Македонија во реализацијата на нејзините стратегиски национални (економски, политички, научни, образовни, па и безбедносни) цели
Ретките минерали – значајна конкурентска предност за државите што ги имаат на пазарот на новите меѓународни односи
Значењето на ретките земни метали/минерали беше тежишна тема во преговорите со Соединетите Американски Држави со Кина неодамна во Лондон.
Имено, на Кина отпаѓа околу 60 проценти од светското производство на ретки земни метали и речиси 90 проценти од нивната преработувачка.
Но, во април годинава, како одговор на зголемените царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп врз кинескиот извоз, Пекинг ја ограничи глобалната понуда на критичните елементи, со воведување контрола на извозот на седум ретки метали и трајни магнети. Токму таквите ограничувања ги разоткрија слабостите на САД, кои немаат сопствен капацитет за преработка.
– Целата светска економија зависи од овие магнети од Кина. Ако кинескиот извоз престане, тоа ќе се почувствува низ целиот свет – вели во интервју за „Дојче веле“ Јост Вибеке од истражувачкиот институт „Синолитикс“ со седиште во Берлин, специјализиран за Кина.
Намалување на залихите од ретки метали
Последователните прекини во синџирот на снабдување силно ја погодија американската индустрија. Производителот на автомобили „Форд“кон средината на јуни објави дека ќе го намали производството на теренски возила во Чикаго поради недостиг.
Доставувачите на автомобилски делови „Аптив“ и „Борг Ворнер“ изјавија дека развиваат мотори со минимална или никаква содржина на ретки земни метали за да спречат идни недостатоци.
Мајкл Дан, консултант за автомобилска индустрија специјализиран за Кина, изјави за „Њујорк тајмс“ дека ограничувањата на Кина би можеле „да го спречат производството во американските автомобилски фабрики“. Според Американската стопанска комора во Кина, три четвртини од американските компании очекуваат нивните залихи од ретки метали да се исцрпат во рок од три месеци.
Американските производители се залагаат за преговори за укинување на ограничувањата. Во Лондон, Кина се согласи да го забрза издавањето на извозни лиценци. Сепак, не е јасно дали тоа важи и за американските компании од областа на наменската (воената) индустрија, на кои им се потребни овие минерали за авиони и ракетни системи.
Електричните возила се користат низ целиот свет – што дополнително ја зголемува побарувачката за ретки метали.
Габриел Вилдау, директор на консултантската фирма „Тенео“ со седиште во Њујорк, предупредува дека кинескиот систем за лиценцирање извоз не е само реакција на царините и заканите на Трамп – системот е тука за да остане. Тој напиша во белешка до клиентите дека „прекините во снабдувањето остануваат сеприсутна закана“. Кина, како што додава тој, не сака да игра игри со Вашингтон.
И на Европа ѝ се потребни ретки метали
САД не се единствената земја што се соочува со недостиг од ретки метали. Европската Унија се потпира на Кина за 98 проценти од своите залихи од ретки земни магнети, кои се користат за автоделови, борбени авиони и медицински дијагностички уреди.
Европската асоцијација на производители на автомобилски делови претходно месецов предупреди дека секторот веќе доживува „сериозни нарушувања“ поради кинеските ограничувања на извозот. Тоа доведе до затворање на повеќе производствени линии и фабрики низ цела Европа, а дополнителни влијанија се очекуваат во наредните недели поради исцрпени залихи.
Алберто Прина Чераи, истражувач во Италијанскиот институт за меѓународни политички студии, вели за „Дојче веле“ дека Брисел итно треба да купи време.
– Во однос на обемот, не можеме да ја стигнеме Кина- предупреди тој.
Иако целосното одвојување од Кина е „незамисливо“ на краток рок, ЕУ треба „да ја управува оваа меѓузависност со конзистентна индустриска стратегија“.
Европската комисија сака во ЕУ да се произведат 7.000 тони магнети до 2030 година според упатствата за критични суровини. Планирани се неколку проекти за рударство, рафинирање и рециклирање. Годинава во Естонија требаше да се отвори огромен погон за преработка на ретки метали, објави „Дојче веле“, а друг голем погон во југозападна Франција треба да започне со работа во 2026 година.
Гренланд оценет како најголем ресурс за ретки минерали со околу 28,2 милиони тони минерали
Бидејќи доминацијата на Кина не може брзо да се надмине, лидерите на земјите од Г7 се согласија за стратегија за спречување на недостигот од ретки земни метали на самитот во Канада.
По 44-те милиони тони ретки земни метали во Кина, Бразил, Индија и Австралија, според податоците од Геолошкиот завод на САД, имаат втори најголеми резерви од вкупно околу 31,3 милиони тони. Околу дваесет милиони тони неодамна беа откриени во Казахстан.
САД и Австралија најмногу напреднаа во производството на ретки метали. Плановите на другите земји сè уште се во почетна фаза – мора да се земат предвид еколошките аспекти и да се направат големи инвестиции.
САД и ЕУ веќе потпишаа договори за соработка, а во 2023 година рударскиот проект „Танбриз“ во јужен Гренланд беше оценет како најголем проект за ретки минерали со околу 28,2 милиони тони минерали.
Новинската агенција „Ројтерс“ на почетокот на месецот објави дека американската банка Експорт-импорт ќе одобри заем до 104 милиони евра за операторот на „Танбриз“. Тоа би било првата странска инвестиција на администрацијата на Трамп во рударски проект.
Ова е уште еден показател за сè поважната улога на Гренланд во глобалната економија.
Јост Вибеке од „Синолитикс“ не е сигурен дека другите земји некогаш ќе можат да ја поминат Кина во делот од производството на ретките метали (вклучувајќи и поради огромната ценовна конкурентска предност на Народна Република Кина). Р.С.