Фото: Маја Јаневска-Илиева

Софија перманентно со опструктивни форми и методи за секаква македонска иницијатива

  • Соседна Бугарија спроведува континуиран, систематски процес да се проблематизира секаква македонска пројава што не е во линија со бугарските очекувања. Особено на удар се иницијативите што имаат цел потврдување на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, но и личностите што се истакнуваат со нивниот ангажман околу македонската кауза

Сите можни македонски иницијативи, како оние внатре во државата така и во меѓународни рамки, се под постојан мониторинг на Бугарија, која воопшто и не ги крие активностите за спречување на сето она што не е по нејзин вкус.
Ваквите атаки беа јасно видливи за време на усвојувањето на Извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, кога бугарските европратеници јасно ставија до знаење дека нивната држава не признава македонски идентитет, јазик, ниту, пак, историја што претходно не е одобрена од официјална Софија.
Но нападот како оној во ЕП не е само еден изолиран случај, туку се работи за континуиран процес, да се проблематизира секаква македонска пројава што не е во линија со бугарските очекувања. Особено на удар се иницијативите што имаат цел потврдување на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, но и личностите што се истакнуваат со нивниот ангажман околу македонската кауза.

Бугарија не остава ништо на случајот

Во разговор со поранешни дипломати, историчари, особено оние запознаени со македонско-бугарските односи, беше потенцирано дека Бугарија како стара држава ги има сите организациони алатки што ѝ овозможуваат добро да следи што се случува околу неа и да реагира во секој момент кога ќе процени дека е загрозен некој нејзин интерес.
– И во пракса така функционираат сите држави, се грижат за сопствените интереси, но тоа во никој случај не смее да значи загрозување на највисоката норма на меѓународното право јус когенс, односно правото на еден народ да се самоопредели, да го именува својот јазик, да гради свои историски наративи и да негува сопствена автентична култура. Бугарија го прави спротивното, отворено го негира историскиот континуум на македонскиот народ, не го признава македонскиот јазик, бара таа да ја редактира македонската историја и ги присвојува културните обележја на Македонците. Воопшто и не се стеснуваат јавно да го прокламираат тоа, како што впрочем целата европска јавност можеше да го види тоа летоска во ЕП. Да не заборавиме, станува збор за стара организирана држава со сета моќ на хегемонијата, на инструментите за асимилација, така што го користи секој момент да ги примени тие инструменти. Буквално секаде допираат, ја следат секоја иницијатива од македонска страна и ја блокираат ако утврдат дека се истакнува некаков македонски карактер. Дури си дозволуваат отворено да се мешаат во нашите внатрешни работи, па вршат притисок врз судовите, сугерираат какви уставни измени да направиме, каде да ги ставаме Бугарите во текстот, едноставно се однесуваат буквално како администратори, како што еден поранешен македонски премиер ја дефинираше нивната улога во Втората светска војна – објаснуваат соговорниците.
Според нив, една од алатките што ги употребија во својот асимилаторски поход беа клубовите што се отвораа во Македонија и кои намерно беа со провокативни имиња, само за да се инсценира некаква нетрпеливост во земјава кон бугарското малцинство, кое според пописот има одвај 3.000 луѓе.
– Видовме што правеа со клубовите, а гледаме и што прават со припадниците на македонското малцинство во Албанија и во Косово. Не се дрзнуваат тоа да го направат во Грција оти знаат каков одговор ќе добијат. Ние како држава мора да се одбраниме од таквите напади, кои постојано ќе ни се случуваат, и да опстојуваме и натаму на нашите барања, Бугарија да дозволи малцински права на македонското малцинство на нејзина територија, кое е огромно, за разлика од оние што вистински се чувствуваат како Бугари во земјава – констатираат соговорниците.

Менкиноски: Очекувам сопки во намерата да станам судија во ЕСЧП, но не се плашам

Еден од оние што врз свој грб директно ги почувствува бугарските деструктивни активности е адвокатот Тони Менкиноски, кој ја истакна својата кандидатура за судија во Европскиот суд за човекови права. Тој подолг период е цел на бугарски притисоци бидејќи е означен како бугарски непријател бидејќи не само што ги доби сите пресуди пред Европскиот суд за човекови права поднесени од македонското малцинство во Бугарија туку продолжува да се бори Македонците во оваа соседна земја да ги добијат сопствените права.
– Да, очекувам да имам сопки од соседните земји на мојот пат да се изборам за местото судија во ЕСЧП, но не се плашам. Сметам дека македонското лоби и лобито што стои зад мене е многу појако од оние што Крсте Петков Мисирков ги нарекува „македонски држаици“ и кои имаат империјалистички големи цели. Поентата е во Македонија еднаш засекогаш да престане тој начин на негативна селекција на кадри, дали тоа се работи за ЕСЧП или, пак, за некоја друга институција. Во политиката се потребни луѓе со авторитет, знаење, искуство и кредибилитет – истакнува Менкиноски.
Според него, слободата за вакви отворени атаки од бугарска страна врз сите македонски иницијативи, вклучително и врз луѓето што земјава ги номинира за одредени функции, е исклучиво поради слабата дипломатија низ годините, или, како што тој ја нарече, „Преспа-дипломатија“.
– Уште 2008 година, Венецијанска комисија има донесено извештај во кој вели дека Бугарија треба да го смени Уставот во делот на малцинствата, особено тоа се однесува на македонското малцинство. Кај нас ретко се споменува ова, нашиот тогашен член во Венецијанската комисија требаше да каже дека Бугарија треба да го смени Уставот и ние да опстоиме на тоа, но, за жал, нашата „дипломатија од Преспа“ го игнорираше тоа и таа приказна Бугарите подоцна ја свртеа против нас – посочува Менкиноски.
Уште оценува дека барањето на Бугарија за уставни промени, кое сега е преформулирано како европски услов, е нелегитимно.
– Барањето на Бугарите е нелегитимно. Нашиот устав е заснован на Кресна, Илинден, АСНОМ. Секогаш Бугарите биле на спротивната страна, но тоа не значи дека ние Македонците не ги почитуваме нивните основни човекови права. Тие имаат емисија на бугарски јазик, можат да го практикуваат јазикот во средини каде што има поголема нивна концентрација, а гледаме дека такви места не постојат. Ние бараме нашите Македонци во Пиринска Македонија да ги уживаат истите права, да ги имаат основните човекови права, да можат во основно образование да учат на македонски јазик, да формираат здруженија и слично – потенцира Менкиноски.
Тој предупредува и на една многу опасна заблуда што се шири тука во Македонија за тоа дека исто и Франција не исполнувала пресуди од ЕСЧП, па нема зошто да бараме и Бугарија да го прави тоа.
– Тоа е исклучиво поради некој дефетистички пристап што се шири во земјава. Заблудата што се шири е дека Франција имала 40 предмети што не ги извршила од Европскиот суд за човекови права. Тоа не е точно, сите тие пресуди се под надзор, тие пресуди се делумно извршени и се извршуваат, а некои немаат услови. Во принцип се работи за некои затворски пресуди, што во никој случај не е идентично со пресудите што Македонците ги добија против Бугарија. Бугарија мора да ги исполни пресудите, особено осумте пресуди во кои директно ОМО „Илинден“ бара политички права, право на здружување – категоричен е Менкиноски, кој е решителен да одолее на сите притисоци што доаѓаат од бугарска страна.