Арбр Адеми, потпретседател на ДУИ која e дел од коалицијата „Европски фронт“ на денешната прес-конференција ги повика граѓаните на 8 мај да гласаат според нивната индивидуална волја.
– Што се однесува до претседателските избори, граѓаните треба да одлучат како ќе се однесуваат во вториот круг од претседателските избори. Тие се слободни да гласаат врз основа на нивната слободна волја. Тие ќе треба да одлучат како да се однесуваат. Во среда ве покануваме да бидете дел од народниот референдум, повеќе од кога било да ја поддржите платформата на „Европскиот фронт“. Никој не може да го прекине европскиот пат на нашата држава. Во среда масовно да излеземе и да гласаме – рече Адеми.
Адеми рече дека немале официјална средба со претставници на ниту едната од двете македонски партии за да ги поддржаат нивните претседателски кандидати.
– Немаше официјална средба. Меѓутоа, жални и разочарувачки се изјавите на еден од кандидатите, односно на г-ѓа Гордана Силјановска Давкова, која со својот дискурс и реторика не враќа во минатото и тоа минато не ни има донесено ништо добро. На овие избори убедливо ќе победи „Европскиот фронт“. Ќе победиме затоа што тоа е волјата на граѓаните. Овие избори имаат посебна и многу важна симболика – победа на европската агенда над руската, победа на посветлата иднина наспроти обидот за враќање назад пред 2001 година – рече Адеми.
Тој потенцира дека опозициските ривали се натпреварувале само со пораката против „Европскиот фронт“ без никаква платформа.
– Во текот на целата кампања, нашите опозициски ривали се натпреваруваа само со една порака – таа против „Европскиот фронт“, без платформа поттикнати од Москва и Белград. А ние наместо да зборуваме против нив, зборувавме за она што е навистина важно за граѓаните. Зборувавме за борбата против корупцијата и непотизмот, за создавање еднакви можности, за економски развој и отворање на работни места, за подобрување на образовниот систем и здравствениот систем, за интеграција во Европската унија и за добрососедство со сите – рече Адеми.