Делегациите на САД, Русија и Украина на средба со лидерот на ОАЕ во Абу Даби / Фото: ЕПА

Трилатералните мировни преговори продолжуваат во Обединетите Арапски Емирати: Донбас и енергетското примирје се во фокусот

  • Иако разговорите ќе продолжат во Абу Даби, очекувањата за значаен пробив остануваат ниски. Русија продолжува да инсистира на максималистички територијални барања, додека Украина одбива какво било повлекување без јасни и однапред загарантирани безбедносни обврски

Во пресрет на новата рунда на трилатерални мировни преговори меѓу Русија, Украина и Соединетите Американски Држави, закажана за 1 февруари во Абу Даби, остануваат отворени двете најинтересни прашања – иднината на регионот Донбас и можноста за договор за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура.

Како помина втората рунда на преговори?

Втората рунда на разговори, одржана на 23 и 24 јануари во Обединетите Арапски Емирати, беше оценета како „конструктивна“ од американска страна. Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, изјави дека администрацијата во Вашингтон е „целосно посветена на донесување мир“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски по разговорите изјави дека главна тема биле „можните параметри за завршување на војната“, нагласувајќи ја важноста од американски надзор и безбедносни гаранции во евентуалниот мировен процес. Владата на ОАЕ соопшти дека разговорите се одвивале во позитивна атмосфера и дека вклучувале директен контакт меѓу руските и украинските претставници.

Донбас е првиот клуч

Прашањето за Донбас останува централна точка на судирот. Русија инсистира Украина да ги повлече своите сили од деловите на Донецката и Луганската Област што сè уште не се под целосна руска контрола, наведувајќи дека тоа е безусловен предуслов за каков било мировен договор. Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, изјави дека претседателот на Русија јасно ставил до знаење оти „без решавање на територијалното прашање нема смисла надежта за крај на војната“, повикувајќи се на т.н. „формула договорена во Енкориџ“ од самитот меѓу Трамп и Путин во август 2025 година. Од друга страна, Украина категорично го отфрла повлекувањето од Донбас. Претседателот на Украина изјави дека евентуална одлука за територијата може да донесат само граѓаните на Украина, преку избори или референдум. Официјален Киев сигнализираше подготвеност да разгледа алтернативи, како демилитаризирана зона, додека САД предложија и можност за слободна економска зона во делови од регионот.

Американски ставови и безбедносни гаранции

Деновиве дополнителни тензии предизвикаа наводите дека „Вашингтон ги условува американските безбедносни гаранции со подготвеноста на Киев да направи територијални отстапки“. Ова го објави „Фајненшл тајмс“. Натаму, според другите информации објавени од „Фајненшл тајмс“, САД сметаат дека „откажувањето од Донбас е неопходно за завршување на војната, а во замена би понудиле безбедносни гаранции и дополнително оружје за Украина“. Украински и европски претставници ваквиот пристап го опишуваат како обид за уште посилен притисок врз Киев да прифати услови што ѝ одговараат на Москва. Сепак, за издвојување е дека Белата куќа ги отфрли овие тврдења, оценувајќи ги како „целосно неточни“, и нагласи дека улогата на САД е исклучиво посредничка.

Енергетското примирје како втор клуч

Вториот клуч за отклучување на преговорите е „договор за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура“. Украина и САД планираат да ѝ предложат на Русија прекин на нападите врз украинските електроенергетски капацитети, во замена за воздржаност на Киев од напади врз руски рафинерии и нафтени танкери. Идејата за вакво енергетско примирје не е нова, а досега не даде трајни резултати. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за кршење на претходните договори, додека зимските напади ја оставија Украина со сериозни проблеми во снабдувањето со струја и греење.

Четири дена пред трилатералната средба – сѐ уште ниски очекувањата за постигнување договор

Иако разговорите ќе продолжат во Абу Даби, очекувањата за значаен пробив остануваат ниски. Русија продолжува да инсистира на максималистички територијални барања, додека Украина одбива какво било повлекување без јасни и однапред загарантирани безбедносни обврски.
Специјалниот претставник на Кремљ, Кирил Дмитриев, повторно порача дека „повлекувањето на Украина од Донбас е единствениот пат кон мир“, став што дополнително ја вкопува позицијата на Москва пред продолжението на трилатералните разговори. Р.С.