Средината на јануари ќе биде рокот до кој прашањето за уставните измени во врска со договорот со Грција ќе биде затворено, најави претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, на вчерашниот празничен појадок со новинарите, за време на кој тој ја сумира и работата на Собранието.
Џафери истакна дека тоа отвора можност Законот за ратификација на договорот, заедно со оној за употребата на јазиците, да биде испратен во „Службен весник“ без потпис на претседателот Ѓорге Иванов.
– Седницата за уставните измени е свикана за 9 јануари. Очекувањата се до 15 јануари да биде завршена целата постапка и да бидат усвоени амандманите. Ако се раководиме од искуството, дебатата не би требало да трае повеќе од пет-шест дена. Но онака како што е најавено, неприсуството на опозицијата остава можност таа да заврши и побрзо. Во секој случај, тоа прашање ќе биде затворено до средината на јануари. Со тоа се отвора патот двата закона да одат во „Службен весник“ – изјави Џафери.
Во врска со одбивањето на Иванов да ги потпише овие два закона, Џафери вели дека тој има обврска да го направи тоа, бидејќи, како што истакна, волјата на Собранието не може да се попречи и тоа ќе се реализира.
– Тоа ќе се случи кога ќе ги испратам во „Службен весник“. Мој потпис има. Тоа е одлука – рече претседателот на македонското собрание.
Џафери не одговори конкретно ни за барањето од група пратеници по истекот на мандатот да имаат бенефиции за вработување во државната служба. Идеја има, а дали ќе има закон е работа на пратениците, рече собранискиот спикер.
– Не можете да кажете дали поддржувате или не поддржувате идеја. Јас додека не видам конкретно предлог, не можам да се изјаснам дали поддржувам или не – рече Џафери.
Во врска со идејата за избор на претседателот на државата во парламентот, наместо на директни избори, Џафери исто така вели дека во политичките партии се размислува и за таква можност.
– Но тоа подразбира нова постапка за уставни измени, значи мора да се менува Уставот за да се реализира таквата идеја. Во секој случај, засега решението останува какво што е сега, претседателот да се избира на директни избори – рече Џафери.
Во меѓувреме, во врска со претстојните претседателски избори, Џафери истакна дека нема да се кандидира за шеф на државата и ќе остане претседател во Собранието.
На крајот на годината Џафери, повикувајќи се на испитувањата на јавното мислење, оцени дека перцепцијата на граѓаните за Собранието сега е поинаква и дека пратениците ги завршиле сите битни работи во предвидените рокови. А.С.