Референдумот е можност граѓаните да се изјаснат дали ќе останеме во „статус кво“ ситуација или ќе ги отвориме вратите кон подобра иднина, рече претседателот на Собранието Талат Џафери во вечерашното гостување на „Топ тема“.
Џафери повика секој да се вклучи и да биде дел од овие, според него, историски настани. Шансата и моментот, нагласи, се сега.
Во врска со тоа како е конципирано референдумското прашање, Џафери потенцира дека формулацијата дава можност граѓанинот да осознае за што може да се изјасни.
– Правото на секој граѓанин да учествува на референдумот е неприкосновено, затоа апелираме секој да го искористи тоа свое право и да излезе да гласа. Ова е историски момент за државата. Се одлучува дали ќе останеме „статус кво“, ситуација по која не можеме да предвидеиме каде ќе одиме, рече Џафери, уште еднаш нагласувајќи дека не се работи за партиски интерес, туку за клучна одлука за иднината на државата.