Собранието на Република Македонија попладнево со 62 гласа „за“ ја утврди потребата за донесување по скратена постапка на измени и дополнувања на Изборниот законик што се однесуваат на изборот на членови на Државната изборна комисија (ДИК).
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара точката да биде тргната од дневен ред што не беше изгласано од владејачкото мнозинство, кое со измените предлага ДИК да се бира со 61 пратеник, наместо со двотретинско мнозинство и Комисијата за прашања на изборите и именувањата да не го гледа предлог-законот.
Претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, врз основа на член 117, став 1 од Деловникот на Собранието на РМ, ја задолжи Комисијата за европски прашања, како што рече, како матично работно тело, и Законодавно правната комисија, да расправаат за законот. Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби засега не кажува кога ќе ја закаже седницата.
По процедуралната реакција од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев во која, како и пред седницата, тој апелираше да се повлечат предложените измени, Џафери рече дека нема процедурални пречки парламентарното мнозинство да се изјасни за предложениот закон.
Како што појасни Данев, и претходно побарал едночасовна пауза затоа што биле убедени дека предлог законот ќе биде повлечен затоа што се носи без консултации и поддршка од опозицијата.
– Ова е тажен ден за демократијата во Република Македонија, и лош ден за демократијата и интересите на граѓаните. Тоа што беше до ВМРО-ДПМНЕ во овие четири месеци е исполнето, учествуваме во сите реформски закони, бевме критикувани и од нашите членови дека гласаме двотретински закони но на прво место ни беше партискиот интерес, рече Данев апелирајќи да преовладаат разумот и државничкото однесување за државниот и граѓанскиот интерес во Македонија.
Џафери појаснувајќи дека нема процедурална пречка за изјаснување за законот, наведе дека политичките партии презеле обврска за измена на Изборниот законик во делот на ДИК, но и дека дека нема да го блокираат изборот на ДИК за што се воспоставил инструментот двотретинско мнозинство за да биде и гарант дека тоа е консензуално решено.
– Од кои причини не се познати, досега политичките партии тактизираа околу изборот на ДИК и со тоа се доведува во прашање правото на граѓаните да се изјаснат по она што е најавено и побарано од сите политички партии дека по однос на договорот ќе има и референдум. Исправени пред ова, Собранието не може да биде заробеник на однесувањето на политичките партии по однос на обврските и надлежностите што ги има, рече Џафери.
Појасни дека Владата е една од надлежните институции за предлагање закони, и потенцираше дека во тој контекст процедурално нема никаква пречка да се излезе пред Собранието со предлог закон без оглед како ќе се толкува и каква ќе биде содржината на законот.
– Во тој контекс нема никаква пречка Собранието да се изјасни по предлогот на Владата како надлежен и овластен орган за предлагање соодветни материјали пред Собранието. Тука не би требало да спориме оклу процедурата. Политичкото – да, сите треба да си мислиме, а првенствено опозицијата која се противи на сето ова, рече Џафери.
Тој нагласи и дека нема пречка политичките партии да продолжат со дијалогот и да изнајдат консензус, а според Деловникот, во фаза на расправа законот може да се повлече.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев во поддршка за носење на предлог-законот рече дека ВМРО-ДПМНЕ пред 4,5 месеци имале предлог одлука за распишување оглас за избор на ДИК. Потоа, појасни, тоа станало предмет на разговори во тек на кои политичките партии се договориле дека ќе има политички договор за избор на партиска ДИК составена од седум члена каде три ќе ги предложи опозицијата вклучувајќи го и претседателот на ДИК, а четири мнозинството, вклучувајќи и заменик претседател.
– ВМРО-ДПМНЕ се согласи на тоа пред еден месец и цел месец чекаме претседателот на Комисијата за избор и именувања да свика седница затоа што објавивме оглас конкурираа 47 кандидати. Сега чекаме повеќе од еден месец за да свикаат седница за да се избере ДИК онака како што се договорија најголемите политички партии, но ништо од тоа, рече Тунтев, прашувајќи како ВМРО-ДПМНЕ сега не сака референдум ако десет години претходно се изјаснувале дека тоа е највисокото демократско средство за изјаснување за прашањето за името.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара, но не му беше дозволено процедурално изјаснување, со образложение дека не е координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а повикувајќи се на известувањето што го добиле собраниските служби.
Предлог-законот за измени и дополнувања на Изборниот законик е предложен како 12. точка на дневниот ред на 53. седница. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ еден по еден бараа најнапред да биде тргната точката од дневниот ред, а потоа и други промени во редоследот седницата. Со тоа тие го одолговлекуваат почетокот на расправата за точките од дневниот ред.
Пратеникот Трајко Велјановски предложи изменте на Изборниот зкаоник да бидат тргнати од дневен ред, укажувајжи дека никогаш Изборен законик не бил носен без опозицијата. Неговиот предлог не беше изгласан од мнозинството.
Пред пратениците тој исто така предложи, како што рече, една од шестте сали за комисии во Собранието да биде со европско знаменце и именувана Артан Груби и секогаш таму да се носат закони со европско знаменце по желба на Владата.
– Владата се наоѓа во една сопка бидејќи не го заменила членот кој вели дека од рок од еден месец од постапување на Изборниот законик треба да се избере ДИК, а тоа е 29 јуни. Како ќе се избере тој нов состав. Пак ќе го кршите законот. Како мислите да учествува опозицијата доколку на сила го носите овој закон и каква порака им давате на граѓаните во изборните процеси, вклучувајќи го референдумот, кој треба да се спроведе по вољата на граѓаните кога на сила го менувате законот, рече Вељановски.
Претходно, заменик-министерот за правда Оливер Ристовски појасни дека со Предлог законот се менува членот 27 од Изборниот законик.
– Сето ова е предложено до Собранието со цел да се разреши проблемот што се појави со блокирањето на процесот за избор на ДИК и со тоа изгледа ќе се разрешат фиктивно настанатите состојби, рече Ристовски.
Уставот на РМ, дополни, го уредува потребното мнозинство за донесување на одлуки кое варира во зависност од законската материја или избраната именуваната позиција за која се носи одлука.Дополнително освен овие уставни решенија определени закони предвидуваат двотретинско мнозинство за избор на членови на тела во конкретниот случај двотретинското мнозинство за избор на членови на ДИК според Изборниот зкаоник.
Ристовски укажа и дека и Венецијанската комисија го опфаќа проблемот со нефункционалноста на институциите. Таа јасно и недвосмислено наведува дека потребата од избор или именување на членови на некое тело или носители на функции со квалификувано мнозинство не смее да се претвори во контрапродуктивен инструмент за блокирање на процесите за формирање на клучните институции во системот, рече Ристовски.