Претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери денеска на прес-конференција информира дека вчера ги потпишал указите и до Службен весник ги доставил законите за употреба на јазиците и за ратификација на Договорот од Преспа. Двата закона веќе се објавени од Службен весник со што стапуваат во сила.
Заедно со указите, до Службен весник доставил и дополнително објаснување на причините зошто се потпишан само од него, а не и од претседателот Ѓорге Иванов.
Според Џафери, претседателот Иванов со непотпишувањето на двата закона не ги исполнил неговите обврски кои произлегуваат од Уставот и направил злоупотреба на службената должност.
– Јас не чувстувам никаква одговорност за тоа што сум презел како претседател на Собранието. Јас му дадов доволно време за двата указа, за првиот за законот за јазици имаше една година, а за другиот шест месеци. Јас го презедов тоа што е во мојата институционална надлежност и не сметам дека сум прекршил нешто, рече Џафери.
За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека со тоа сторил кривично дело што не застарува и го прекршил Уставот, и најавата и од Иванов дека ќе бара кривична одговорност, Џафери вели дека претседателот на државата „ги помешал лонците“ и оти се е направено според одредбите од собранискиот Деловник. Џафери најави дека е можно да биде побарана одговорност од претседателот Иванов.
– Иванов не е тој што ќе покрене постапка против законодавната власт, туку таа е која ќе побара одговорност од него, не кажав дека ќе побарам импичмент, но надлежноста на законодавната власт е да побара одговорност од претседателот. Тоа е надлежност на пратениците и тие можат да поведат импичмент за претседателот, истакна Џафери.
Во однос на тоа кога називите ќе се сменат, согласно Законот за употреба на јазиците, тој рече дека во законот многу прецизно е укажано и даден е рок од шест месеци за извршување на тие измени.