Во силеџиско-воинствениот настап на бугарската политика, токму научната вистина треба да биде наша посилна страна, а нивото на презентирање на објективната вистина и правда треба да се подигне на академско, научно ниво, синхронизирано како интегрален дел на нашиот политичко-дипломатски меѓународен настап
Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои од 19 октомври се одржуваат во оваа научна установа, како да се претворија во трибина од која политичарите упатуваат пораки и ставови за актуелните горливи политички теми, а истражувањата на научниците, нивните аргументации и факти остануваат помалку забележани, иако токму тие ја имаат суштествената тежина на научната вистина.
Премиерот и претседателот на државата со свои политички пораки пред научната јавност
Токму на научниот собир во Институтот за македонски јазик, премиерот Зоран Заев изнесе свои верувања во наоѓањето решение за надминување на новиот апсурден проблем што ѝ го наметнува Бугарија на Македонија. Неговиот став прозвуче како апел до научната јавност за раскринкување на барањата на бугарската држава за „ревизија на автентичноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската историја.“
– Нема народи и држави што признаваат или не признаваат идентитети. Тоа е чувство, право на определба и голема европска вредност. Јас очекувам бугарскиот народ преку сите свои претставници да има недвосмислено потврдување на фактот на постоењето на македонскиот јазик и народ, затоа што пријателите, браќата го прават тоа, и не треба тоа да биде доведено во прашање. Како што слушам во изјавите на Борисов и другите, тие ја прифаќаат реалноста за постоењето на македонскиот јазик и народ и сакаат да дебатираат за заедничкиот и посебниот дел од историјата. Но, во духот на пријателството, верувам дека може да се најдат решенија – порача на научниот собир премиерот Заев.
Сепак, премиерот не пропушти да нагласи дека од нас се бара нешто за што ние никако ниту смееме да разговараме ниту би сакале да го прифатиме. Ако првата меѓувладина конференција биде одложена, тоа не би било по наша вина.
– Бугарија е земја-членка на ЕУ, сите членки во декември треба да донесат одлука за првата меѓувладина конференција. Ние имаме одличен извештај, охрабрени сме од инфраструктурно-економскиот фонд на ЕУ насочен кон Западен Балкан од 9 милијарди евра. Сето тоа е една убава иднина пред нас. Верувам дека Бугарија, која беше најголем поддржувач, ќе продолжи тоа да биде и во иднина. Во сите свои изјави и наративи тоа го потврдува.
Јас верувам дека тоа ќе се случи во декември, но ако не се случи тогаш, треба да се знае дека се бара од нашата страна нешто што ние никако ниту смееме да разговараме ниту би сакале да го прифатиме – изјави Заев.
И претседателот Пендаровски на отворањето на манифестацијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, што се одржува во чест на одбележувањето 75 години од официјализирањето на современиот македонски јазик, азбука и правопис, со жалење констатира дека и покрај тоа што поминаа седум и пол децении од стандардизирањето на македонскиот јазик и откако неговото постоење, во меѓувреме, беше потврдено од светската лингвистичка наука, ние сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата посебност и постоење.
– Интересно е дека негирањето не доаѓа од релевантни светски лингвистички авторитети и институти, кои за тоа прашање се имаат одамна изјаснето, туку од одредени, најчесто политичко-академски кругови од нашето непосредно опкружување – рече Пендаровски.
Некои квазинаучни прашања не заслужуваат научно засновани одговори?
Надвор од контекстот на политичките декларации (иако децидни), но некарактеристични за еден научен собир, на одреден начин анемично и без верба во себе прозвучи изјавата на директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, која како да се дистанцира од одговорноста што со себе ја носи научната, историската или лингвистичката вистина, која е интегрален, неделив дел од севкупниот реален приказ на објективната стварност.
Се доби впечаток дека има нишка на тенденција за дистанцирање на одговорноста на науката во аргументацијата за наоѓање точни одговори за прашања од нејзиниот домен, кои веќе извртено се проблематизирани и политизирани од некоја квазинаучна исполитизирана структура од бугарската страна, која настапува со аргументи на сила наместо со силата на аргументите. Сугестијата на директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, всушност беше дека барањата на бугарските лингвисти се во служба на дневна политика и тие не заслужуваат одговор.
– Инцидентни барања, наметнати од дел од бугарски лингвисти, кои се користат во дневна политика. Такви прашања не постојат и ние нема потреба да си ги губиме нашето време и нашата енергија како научници да објаснуваме нешто што светската лингвистика веќе го прифатила. Македонскиот јазик е признаен во сите славистички и лингвистички центри во светот и се проучува на многу универзитети во светот – изјави директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, додавајќи дека на бугарските провокации ќе одговорат со најновите лексикографски трудови од илјада страници, кои се промовирани годинава.
Во недостиг од научни аргументи, Каракачанов дувна во воените труби
Во меѓувреме интензитетот на политичките и (квази)научни условувања и уцени од бугарска страна, кои започнаа со објаснувачкиот меморандум до земјите-членки на ЕУ, воопшто не се намалува. Напротив, како што се наближува времето за прифаќање на преговарачката рамка за Македонија од Унијата, бугарскиот притисок се засилува. Имено, од највисоки државни инстанци на Бугарија доаѓаат јавни закани за воени агресии и најава за формирана политичка волја кај единици на бугарската армија што со употреба на воена сила ќе ја спроведе политиката на воениот министер Каракачанов.
– Доколку е потребно, ќе им го испратам инженерскиот полк да ги отстрани сите споменици што побргу, или пак ќе им ја пратам младинската организација на ВМРО, ќе ги отстранат во вечерните часови – изјави воениот министер на Бугарија, Красимир Каракачанов.
Во таквиот силеџиски настап на бугарската политика, токму научната вистина траба да биде нашата посилна страна, а нивото на презентирање на објективната вистина и правда треба да се подигне на академско, научно ниво, синхронизирано како интегрален дел на нашиот политичко-дипломатски меѓународен настап.
Сепак науката е супериорна во споредба со политиката
Во овој момент недозволива е индиферентноста на македонските научни институции за прашања што се суштината на нивното постоење и работа. Не смеат да оддаваат впечаток на наивност до степен на несериозност, со аргументацијата дека „реакција на политички прашања е губење време во научната работа“.
– Немањето реакција на македонските научни институти во врска со негирањата од страна на Бугарија на македонскиот идентитет, јазик и историја, покрај гласноста на негаторите, изгледаат како молк. А молчењето најчесто се прифаќа како одобрување. Иако во целиот овој период на притисок на бугарската политика и наука за суштинските елементи на македонскиот идентитет (историјата и јазикот) имаше повеќе индивидуални реакции на македонските интелектуалци и научници, молкот на националните научни институции како МАНУ, Институтот за национална историја, па и Институтот за македонски јазик (иако од таму можеби има и најмногу реакции), може да се протолкува и како официјално прифаќање на бугарските позиции.
Со нашето молчење, ЕУ и светот ќе нѐ третираат според вревата на Бугарите. Препуштањето на идентитетските прашања исклучиво на политичарите, затоа што „науката нема време за дневна политика“, не е соодветна научна позиција. Проблемот што ни е наметнат е од историско-научен карактер и политиката треба да добие поддршка и аргументација од националните научни институции. Во крајна линија, без историја не можат да се сфатат современите политички процеси. Дури и еден од највлијателните светски политичари во современата историја, Хенри Кисинџер, според првата диплома е историчар. Индиферентност на официјалната наука, историска и лингвистичка, во политичкото проблематизирање на идентитетските прашања е неодговорно – вели историчарката Наде Проева.