Предизборната кампања покажува дека фокусот на идните градоначалници е загревање на домовите со уреди што работат исклучиво на струја, што на краток рок е наједноставно решение. Но во време кога се заканува енергетска криза, прашањето што се наметнува е како ќе работат овие уреди ако снема струја или, пак, ако таа драстично поскапи. Во таков случај, тоа може да ги принуди луѓето да ги вратат старите дотраени ќумбиња и загадувањето на животната средина да прогресира…
Во финишот на кампањата за локалните избори, сè позачестени станаа ветувањата на кандидатите дека проблемот со загадувањето на воздухот во своите општини ќе го решат со субвенции за набавка на инвертери за загревање на домовите, на сметка на старите ќумбиња на дрва и другите нееколошки грејни тела. Очигледно е дека фокусот на идните градоначалници ќе биде загревање на домовите со уреди што работат исклучиво на струја, што на краток рок е наједноставно решение, но во време кога се заканува долгорочна енергетска криза, прашањето што се наметнува е како ќе работат овие уреди ако снема струја или, пак, ако таа драстично поскапи, со оглед на константното покачување на цените на енергентите на светските пазари.
Токму евентуалните рестрикции и поскапување на струјата може да ги принудат луѓето да ги вратат старите дотраени ќумбиња и да продолжат да се греат на буквално што ќе им дојде до рака, од стара дограма, паркет, градежни штици, како и други неееколошки материјали, имајќи ја предвид сиромаштијата на поголемиот дел од населението.
Ветувањата во повеќе изборни циклуси во минатото беа дека домаќинствата ќе се гасифицираат и дека ќе добијат евтин енергент за загревање, но сега, во оваа кампања, гасификацијата на домаќинствата не е во фокусот, туку повторно еколошкото греење се сведе само на инвертер-уреди и печки на пелет, за чија работа е потребна струја, а која во Македонија во најголем дел се добива на нееколошки начин, односно со работа на термоцентралите на јаглен.
Прашањето што секој човек си го поставува во пресрет на зимата е како ќе го загрее домот ако цените на струјата отидат до плафон, бидејќи никој не сака грејната сезона да го чини екстремно скапо, а уште повеќе да смрзнува за време на студените денови.
Она што како по обичај недостига во секоја изборна кампања се реални решенија за евтино и еколошко греење на долг рок, наместо парцијални решенија со субвенции, кои веќе сега се покажуваат како проблематични.
– Ниту една власт овие 30 години не најде вистински начин да им помогне на граѓаните да можат евтино и ефикасно да ги загреваат своите домови. Откако веќе пропадна приказната со гасификацијата, сега кандидатите за градоначалници ветуваат инвертери и печки на пелет. Сето тоа е добро ако Македонија беше некаков енергетски крстопат и ако самата произведуваше доволно струја, но еве, по само две-три години од субвенционирањето на тие уреди, ни се заканува енергетска криза, со која не знам како ќе се справиме. Што правиме ако снема струја, на што ќе се грееме тогаш? Ќе ги гледаме инвертерите закачени на ѕид како украс – прашува загрижено Дамјан Костадиновски, занаетчија што инвестирал во инвертер клима-уред како примарно загревање на својот дом.
Според него, претстојнава сезона ќе покаже дали овие парцијални решенија што им се нудат на граѓаните, а за кои и самиот се одлучил, се добри или, пак, ќе се потврди дека државата е таа што потфрлила, не успевајќи да обезбеди енергетска сигурност за своите граѓани.
– Своевремено речиси сите имавме дома акумулациски печки на струја. Струјата не беше скапа, ја имаше доволно и немаше никаков проблем. Но тоа не траеше долго. Прво се покачи цената, а еден период имаше и рестрикции по неколку часа во денот. Тогаш прекуноќ тие термоакумулациски печки одеднаш станаа вишок мебел во домовите и повеќе никој не ги користеше. Се плашам да не ни се повтори истото тоа и со инвертерите – констатира Костадиновски.
Познавачите на состојбите се согласуваат дека без долгорочна стратегија нема вистински решенија, туку само козметички, како ова со инвертерите и печките на пелет. Без струја тие се неупотребливи и состојбата се враќа на почетна точка.
– Ако снема струја, инвертерот нема да работи. Нема да работи ниту печката на пелет, бидејќи и за неа е потребна електрична енергија за вклучување, но и за работа на дувалката. Нема да работи ниту централното греење оти секоја зграда има пумпи што работат на струја. Едноставно сè ќе биде парализирано без струја. Видовме што се случи со голем број снабдувачи со струја, кои кога неодамна се покачи цената на светските берзи еднострано ги раскинаа договорите за снабдување со своите корисници, оставајќи ги буквално на цедило. Затоа инсистирањето и форсирањето на загревање на домовите на струја во услови кога државата не знае како ќе се справи со евентуална енергетска криза е несериозно, а граѓаните се оставени без алтернатива – вели Јане Николов, енергетичар.
Според него, државата е таа што досега требаше најпрво да обезбеди целосно покривање на енергетските потреби на своите граѓани, па потоа да го промовира еколошкото загревање на домовите со уреди што работат на струја.
– Ако навреме се гасифицираше РЕК „Битола“, како и другите термоцентрали и ако дополнително се направеа нови гасни централи, тогаш ќе имавме доволно евтина домашна струја за нашите потреби и ќе можевме да им нудиме на граѓаните инвертери без тие да стравуваат дека ќе им дојдат високи сметки или, пак, дека ќе останат без греење поради прекини во снабдувањето – смета Николов.
И професорот Константин Димитров од Македонскиот центар за енергетска ефикасност смета дека државата требаше да инвестира во енергетиката во земјава, наместо да се трошат пари за енергетски проекти во Грција.
– Со тие средства може да се изградат три помали централи, на пример во Тетово, ете и загадувањето така ќе се намали, друга во Штип или Скопје не е важно. Но важно е што тие централи ќе ги градат македонски фирми и со тоа ќе заживее и домашната економија – смета Димитров.
Според него, гасификацијата е таа што ќе им донесе поевтин и еколошки ресурс на граѓаните, но процесот е закочен повеќе години.
– Направени се преносни системи за гасот. Стигнат е до Штип, Неготино, Кавадарци, Прилеп и така натаму. А ниту еден метар не е направена дистрибутивна мрежа, за да можат граѓаните да ги користат придобивките на ова благородно гориво – изјави Димитров.
Несомнено, неостварените ветувања за гасификација на домаќинствата влијаеја и врз самите партиски кампањи, па кандидатите наместо гасен приклучок, во кој повеќе никој не верува, сега ветуваат инвертери како брзо и едноставно решение за еколошко и евтино греење. Останува да се види како претстојната енергетска криза ќе се одрази и врз ваквото решение, односно дали инвертерите ќе ја оправдаат својата улога или ќе бидат уште еден украс во домовите во текот на зимската сезона.