Никола Димитров се обрати на онлајн-конференција
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска се обрати на онлајн-конференција со наслов: „Земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ – предизвици и можности за европската интеграција“.
– Нема да престанеме со напорите. Остануваме посветени да најдеме излез, но само во рамките на тоа што е можно. Ние сме целосно посветени на обврските што произлегуваат од договорот за добрососедство, но не можеме да зборуваме или да преговараме за јазикот или идентитетот. Јазикот не може да биде пречка за пријателство ако тоа пријателство се заснова на заемна почит и ние ќе продолжиме да ги убедуваме нашите соседи во Софија дека тоа е така. Не е мудро историјата да стане предмет на разговор меѓу политичарите, тоа треба да им се остави на историчарите. Не можеме да ја смениме историјата, но можеме да го промениме денес и утре – истакна вицепремиерот на прашањето што е потребно за Бугарија да го смени својот став во однос на Македонија.
Во контекст на темата на панелот „Што е Европа“, на која Димитров се обрати како главен говорник, тој потенцира дека постојат два магнета што ги привлекуваат македонските граѓани кон Европската Унија.
– Првиот е просперитет и е поврзан со заедничкиот европски пазар. Вториот се европските вредности, како што се демократијата, владеењето на правото, независни судии, борба против корупцијата, отчетност, слободни медиуми, чист воздух и вода. Секогаш кога се прават компромиси во однос на вториот магнет, ЕУ станува помалку привлечна – рече Димитров.
Онлајн-конференцијата беше во организација на Европскиот балкански фонд, БиЕПАГ и Данскиот институт за надворешна политика.