Европскиот формалноправен механизам за остварување на правата од областа на животната средина е воспоставен со потпишувањето на Архуската конвенција во 1998 година, во данскиот град Архус. Конвенцијата ја ратификуваа земјите од Европската Унија, заедно со 46 други земји од Европа и Централна Азија. Тие со конвенцијата се обврзаа дека ќе преземат мерки од законодавна и регулативна природа во областа на животната средина и оти со тоа на нивните граѓани ќе им овозможат информирање, учество во процесите на донесување одлуки и пристап до правда во областа на животната средина. И нашата држава е потписник на споменатата конвенција. Но колку таа стана ефикасна алатка во борбата за подобра животна средина?
Имањето правни норми за санкционирање на „еколошките дела“ не е доволна гаранција
Македонија во 1999 година ја ратификува Архуската конвенција, која, според членот 9, предвидува граѓаните на суд да можат да бараат остварување на правата во областа на животната средина, во услови кога власта ги прекршува законите.
Натаму, за остварувањето на правдата во областа на животната средина, Европската комисија усвои известување за пристап до правда во врска со прашања поврзани со животната средина, во кое се информира дека Европскиот суд на правдата може да наложи врз националните судови начини како да се справуваат државите со правните предизвици од оваа материја.
Според известувањето на ЕК, пристапот до правдата во однос на прашања за животната средина е збир на гаранции што овозможуваат претставници на јавноста да ја оспорат законитоста на одлуките, актите или пропустите на јавните органи на земјите-членки пред националните судови.
Граѓаните слабо ја познаваат правната проблематика
Правните експерти со кои се консултиравме велат дека граѓаните и граѓанските организации малку ја познаваат оваа материја.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска има интересeн став, сo кој тврди дека, за жал, конвенцијата за заштита на животната средина, која ја потпиша Македонија пред една декада, не е обврзувачка кон нас.
– Имено, иако оваа конвенција е одличен правен механизам за справување со заштитата на животната средина, таа сепак не ја обврзува стриктно Македонија да ја применува. За споредба со овој чин, Македонија на пример мора да ја почитува и обврзува конвенцијата за заштита на човековите права, на која исто така сме потписнички. Токму поради овие работи не е најмудро правно да се излезе пред меѓународен и домашен суд во барање некаква одговорност за нарушената животна средина – вели професорката.
Но, од друга страна, професорката Најчевска сепак истакнува дека Македонија во исто време внатре во своите закони има одлични кривични и прекршочни правни норми што ги санкционираат делата што се поврзани со уништувањето на животната средина.
– Нам не ни треба меѓународна конвенција, бидејќи домашното право солидно го има решено овој проблем. Сепак, пречката настанува таму бидејќи граѓаните не се навикнати правдата за нарушена животна средина да ја бараат во суд. Дополнително, и граѓанските организации и народот исто така не се ни добро запознаен со овие работи – вели професорката.
Таа истакнува дека граѓаните треба посериозно да се зафатат со оваа проблематика и да почнат правдата за своите загарантирани права да ја бараат во судница и во институциите на државата.
– Само на овој начин, со правилна употреба на судовите и институциите, можеме сите ние како граѓани во оваа земја да ја бараме правдата за евентуалните нарушувања на животната средина во Македонија – вели таа.
Слично размислува и Александра Бујароска, која е правничка специјализирана за еколошко право од граѓанската организација „Фронт 21/42“. Таа за оваа тема вели дека кај нас на некој начин е овозможено правото на пристап до правда, но практиката е оскудна, имајќи предвид колку е мал бројот на организации и физички лица што практикуваат остварување на своите права.
– Од тоа што можеме да го видиме како практика, може да се увиди дека ниту судовите ниту засегнатите страни во патот кон правдата имаат познавање од Архуската конвенција или од законите од областа на животната средина – вели таа.
Досега никој не одговарал кривично за нарушување на животната средина
Неодамна директорката на Инспекторатот за животна средина, Ана Петровска, информира дека Државниот инспекторат за животна средина досега не го применил Кривичниот закон за да поведе кривична постапка против некој субјект што ја загрозил животната средина, спроведувани се само прекршочни постапки.
– Имаме и кривична одговорност. Кривичната одговорност во ниту еден случај не е применета. Не сме го примениле досега Кривичниот закон, а причината за тоа е веројатно дека кривичните постапки бараат истражни постапки, каде што треба да се вклучи МВР. Таа соработка досега не била официјализирана и искористена и сѐ што досега е водено како постапка е водено во рамките на законите и прекршочната постапка. Значи не кривична – вели Петровска.
Таа додава дека сигурно оти досега имало основа во некои од случаите да се поведе кривична постапка, меѓутоа едноставно тие можности не биле искористени.
– Тие се долги и опсежни постапки. Државниот инспекторат за животна средина сѐ уште нема правник. Почнавме да користиме надворешен соработник за да можеме да ја земеме под контрола оваа постапка, оти и решенијата што ги издаваме, утре може да ни паднат ако правно не се издржани. Инспекторите се технички лица, а дури да се води кривична постапка, значи треба да имаме кривичар, кој би можел да им помогне на инспекторите да ги реализираат овие постапки. Поради недостиг од таков ресурс, правник, претпоставувам дека инспекторите воопшто не се осмелувале да навлезат во авантура да ги тераат кривичните процеси – истакнува Петровска.
Според неа, фокусот не треба да биде на санкциите, туку најважно е инспекторите да бидат на терен и да ги следат загадувачите и да превенираат од хаварија.