Секогаш кога имаме проблем, многу од оние што ни се претставуваат како пријатели тргнуваат во напад и гледаат како да „избоксуваат“ некои свои интереси и позиции. Во одлучувачките мигови за почеток на преговорите со ЕУ и барање решенија за предизвикот на бугарското вето, поигрувањето со идеи за менување на границите не е коректен потег од некој што претставува дека евроинтеграциите ни се заеднички интерес, вели македонскиот дипломат и поранешен амбасадор Љупчо Арсовски
Бран на пролетни нонпејпери за менување граници во пакет со сецесионизмот на Илирида
Новото одбројување со висока доза на неизвесност за деновите пред претстојниот јунски самит на Унијата (за започнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ), овој пат се случува во амбиент сѐ уште врамен со бугарското вето, но и од симптоматичната појава на повеќе иницијативи за менување на границите на Западен Балкан. На бранот на пролетните нонпејпери со „кројачки амбиции“ (за кои сѐ уште стои сомнежот дека се правени ако не во продукција, но со знаење на ЕУ), во Македонија се разбуди и контроверзната идеја за т.н. Република Илирида, која повторно го реанимира албанскиот сецесионизам, односно територијалното отцепување на дел од македонската држава.
Кој тоа да ги засили евроинтегративните процеси за регионот?
Ставени во комплексниот контекст на политиката на проширување на ЕУ, која во однос на Македонија се претвора во непринципиелна и дволична гротеска, се наметнува и размислувањето дали иницијативите за менување на границите на Западен Балкан и будењето на национализмите може да влијаат предупредувачки барем на некого од оние клучни играчи во престолнината на ЕУ, односно во Брисел.
– Одговорот на проектите за големи држави и нови граници на Балканот треба да го даде ЕУ со засилување на евроинтегративните процеси за регионот -порача македонскиот премиер Зоран Заев, адресирајќи одговорност од Унијата за неисполнетиот долг спрема Македонија.
Иако смета дека „националистичките проекти, како оние што се промовираат во некои од нонпејперите, како и овој за ’Илирида’, не поминуваат“, македонскиот премиер имплицитно ѝ префрла и голем дел од одговорноста на Унијата за самото нивно појавување и вознемирување на духовите на Западен Балкан и поигрување со македонските евроинтеграции. Колку и да се бесмислени, па и „непостојни“ овие предлози, ноторен факт е дека речиси целата историја на надворешнополитичка афирмација на Македонија во нејзината триесетгодишна независност е исполнета со настојувања за побивање такви „непостојни бесмислици“. Токму поради таквото искуство, македонската политика не треба наивно да ги игнорира појавите на иницијативи за бирократско-политичко интервенирање со териториите.
– Секогаш кога имаме проблем, тие што ни се претставуваат како пријатели тргнуваат во напад и гледаат како да „избоксуваат“ некои свои интереси и позиции. Реактивирањето на проектот „Република Илирида“, токму во време кога повторно се одлучува за македонските евроинтеграции, е дел од таквата „стратегија на пријателите“. Сѐ уште не е извесно како ќе реагираат другите чинители од албанскиот фактор во Македонија, но познато е дека колку и да се разединети, кога станува збор за албанската кауза – се манифестира заедништво. Во одлучувачките мигови за почеток на преговорите со ЕУ и барање решенија за предизвикот на бугарското вето, поигрувањето со идеи за менување на границите не е коректен потег од некој што претставува дека евроинтеграциите ни се заеднички интерес – вели македонскиот дипломат и поранешен амбасадор Љупчо Арсовски.
Не смее да има ниту премолчна толеранција за сецесионизам
политичко насилство
Околу опцијата за „сенката на ЕУ“ во иницијативите за менување на границите на Западен Балкан, амбасадорот Арсовски смета дека не треба да се исклучат можностите дека тие потекнуваат од некои други центри, кои се обидуваат да ѝ подметнат на Унијата. Во секој случај, циркулацијата на нонпејперите треба да ѝ биде предупредување на ЕУ дека нови поделби на Балканот со менување граници се стапица и за самата Унија.
Во однос на повикувањето на одговорност на Унијата од македонските политичари, Петар Богојевски како директно упатен во политичките процеси смета дека ЕУ не може да биде директно одговорна за постапките на домашната власт, односно Унијата да се справува со предизвиците на самата Македонија во односите со соседите, како и во решавањето на внатрешнополитичките проблеми.
– Илирида е стара приказна во македонската политика. А доколку власта меѓу редови ја премолчи и дозволи нејзината најавена регистрација, одговорноста за поддршка на тероризам и сецесионизам нема да биде на ЕУ, туку на домашната извршна и судска власт. Несправувањето со внатрешните проблеми во функционирањето на државата и проблемите во билатералните односи со соседите е одговорност на оној што ја има власта, а не на Унијата. Што се однесува до иницијативите за менување на границите, преточени во неколку нонпејпери, тие се креирани по нарачка на центри на кои не им се во интерес актуелните политики на ЕУ. Целта на овие нонпејпери е да се создаде ново жариште на Балканот, т.н. македонско-косовски фронт, со цел да се одржи актуелната власт во државите каде што се креирани (Унгарија и Турција) и да се интензивира нивната доминација во регионот. ЕУ нема врска со ретроградните сили на Балканот и менувањето граници – вели Петар Богојевски.