Државата е пред 10-тите по ред парламентарни избори, а први со името Република Северна Македонија. Овие избори, како и претходно многу други, се одржуваат во необични услови. Исто така, овие избори се втор циклус со пржинска влада, откако во 2016 година беше воведена со цел да се одржат фер и транспарентни избори. И се разбира, покрај многуте услови, тука се вбројува и светската пандемија на ковид-19, која ги одложи парламентарните избори, но и ги разниша сите вообичаени процеси во државата. Имајќи ги предвид сите овие услови со кои се соочува државата, но и народот, техничката Влада имаше за цел да обезбеди заштита на здравјето на граѓаните, но во исто време и да обезбеди распишување на нови избори со стабилна Влада, која ќе го продолжи управувањето на државата.
Кога веќе се распишани нови избори, испитувањата за рејтинзите на политичките партии и лидери се зголемува. Веќе неколку институти и центри спроведоа испитувања во кои низ различни параметри го испитуваат јавното мислење и расположението на граѓаните за претстојните избори. Овојпат и институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико спроведе неколку испитувања за јавното мислење, но и ги анализираше податоците од претходните парламентарни избори во 2016 година и ги систематизираше податоците на локалните избори во 2017 година со цел да проектира симулација на новиот парламент и мандатите на партиите.
Исто така, во делот на новите коалиции, поделбата на движењето БЕСА го промени просекот кај новосоздадената коалиција СДСМ и БЕСА и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Распределбата на нивните гласови се одреди 60% кај коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и 40% од гласовите кај СДСМ и БЕСА затоа што во последниот состав на парламентот, Алтернатива има тројца пратеници, а БЕСА има двајца пратeници. Според анализата на податоците, симулацијата проектира 52 мандати за коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и БЕСА, 46 мандати за коалицијата „Обнова за Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 12 мандати за ДУИ, 9 мандати за коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива и 1 мандат за ДПА. Се разбира оваа симулација предизвикува сериозна дебата во која многу услови би влијаеле на крајниот резултат. Во продолжение, во овие избори се кандидираат шест кандидати Роми од двата најголеми политички субјекти во државата и една ромска партија самостојно ќе се натпреварува во изборната единица 2.
Ромалитико изготви две можни сценарија од кои, првото сценарио предвидува веројатност на избирање на кандидати Роми според резултатите без именување на министри, директори или други позиции во политичкиот систем. И второто сценарио каде што предвидено е матичните партии на кандидатите Роми да формираат Влада, односно првите двајца од матичните партии да бидат именувани во министри, директори или други позиции на политичкиот систем.
Во редовите на СДСМ во изборната единица 2 ќе се најде Љатифа Шиковска на 6-тото место на листата, на истата листа ќе биде и Ферат Асан на 11тото место, додека на листата на ВМРО-ДПМНЕ на 13-тото место ќе биде Ерџан Демир. Во оваа изборна единица има најмногу кандидирани Роми, а со тоа и веројатноста за мандат за Ром/ка е многу поголема за разлика од другите изборни единици. Според анализата на податоците, веројатноста на мандати покажува дека во двете сценарија кандидатката Љатифа Шиковска ќе биде дел од новиот парламент затоа што нејзината веројатност е 100%. Резултатите покажуваат дека Ферат Асан во првото сценарио има 81% веројатност за добивање на парламентарен мандат, додека пак во второто сценарио има 100% затоа што првите двајца ќе бидат именувани во различни позиции во државата. За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ерџан Демир податоците покажуваат веројатност од 54% во првото сценарио и 69% веројатност за парламентарен мандат во второто сценарио. Овие податоци покажуваат дека при формирање на Влада на СДСМ, постои можност за 2 парламентарци Роми од изборната единица 2, но ако формира Влада ВМРО-ДПМНЕ, веројатноста на кандидатот Ферат Асан да биде парламентарец е мала.
Во редовите на СДСМ во изборната единица 3 кандидиран е коалициониот партнер на СДСМ, партијата ПДПР односно Аксел Ахмедовски на 15тото место на листата. Според податоците, веројатноста за мандат е 67% во првото сценарио и 80% во второто сценарио. Што значи доколку влада формира СДСМ, постои можност од 80% Аксел Ахмедовски да биде дел од парламентот.
Во продолжение, во редовите на СДСМ во изборната единица 5 кандидиран е коалициониот партнер на СДСМ, партијата ПЦЕР односно Самка Ибраимоски на 10тото место на листата. За оваа изборна единица податоците покажуваат дека кандидатот има веројатност за мандат од 90% во првото сценарио и 100% во второто сценарио. Тоа би значело дека при формирање на Влада од страна на СДСМ, Самка Ибраимоски би бил третиот Ром парламентарец, што би било нов момент за политичката историја за ромите, затоа што ромите досега најмногу парламентарци во еден мандат на партија или коалиција имале 2ца пратеници.
Во изборна единица 6 во редовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, кандидиран е коалицискиот партнер ДСР односно Ајдоган Демири на 6тото место на листата. Веројатноста за мандат е 50% во првото сценарио, но околу 90% во второто сценарио. Со тоа, Ајдоган Демири би имал можност од околу 90% ако коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ формира Влада.
Народната Партија на Ромите е нова партија која за прв пат настапува со своја листа во изборна единица 2, поради тоа што нема податоци врз основа на кои може да се пресмета веројатноста како останатите кандидати за пратеници, при што оваа партија не беше предмет на симулацијата на Ромалитико. Според досегашните податоци за да се освои еден мандат во изборна единица 2 потребни се минимум 8500 гласови доколку има излезеност од 45% до 49%.
За излезеноста, исто така на национално ниво анализирани беа податоци од парламентарните избори во 2016, локалните избори во 2017 и претседателските избори во 2019, а просекот за овие избори е проектиран да изнесува од 44% до 48%. Се очекува ваков резервиран процент на излезеност поради многуте услови кои ќе влијаат на ситуацијата меѓу кој се наоѓа и ковид-19.
На крај, останува одлуката на народот, на гласачите, на граѓаните. Важно е да се напомене дека за разлика од претходните парламентарни избори, во овие избори ќе се натпреваруваат старо-нови партии и комплетно нови партии. На листите ќе се најдат и Интегра, СДУ, Твоја партија, Левица, Глас за Македонија и многу други партии. Покрај тоа, јавното мислење е релативна варијабла која може да донеси и различни резултати кои статистиката и испитувањата не можат да ги предвидат секогаш. Останува да им посакаме среќа на сите партии, фер, демократски и транспарентен натпревар за довербата на гласачите.
Автор: Суад Скендери, Институт за истражување и анализа на политики – Ромалитико