Предизборната кампања, иако се одвиваше на отворено, за жал, помина без целосно почитување на протоколите. На денот на гласањето најголем проблем претставуваа метежите пред гласачките места. И апаратите за отпечатоци од прсти, меѓу другото, беа причина поради што граѓаните чекаа, а во голем дел во затворен простор. Но особено проблематичен беше традиционалниот чин на славење на засегнатите страни, вечерта во неделата, кога сите заборавија на мерките за заштита. Патем споменато, на денот на изборите на избирачко место гласало и лице позитивно на ковид-19…
Еуфоријата од изборните резултати ги понесе сите и заборавија на ковид-пандемијата. Гушкања, славење и дружење без почитување на протоколите.
Не само на отворено каде што имаше зурли и тапани туку и во затворен простор и покрај метежите ретко кој од политичарите носеше заштитна маска.
Колкав ќе биде растот на нови случаи од ковид-19 по изборите?
Прашањето за епидемиолозите е дали предизборната кампања, денот на гласањето, а особено вечерта на прославите по изборните штабови ќе предизвикаат нов сериозен бран. Првичната оцена е дека ризикот е голем, но сепак од факторите на имунизација и на прележаните ќе зависи каков бран ќе има.
Зошто граѓаните не ги почитуваат протоколите?
Предизборната кампања, иако се одвиваше на отворено, сепак помина без целосно почитување на протоколите. На денот на гласањето најголем проблем беа метежите пред гласачките места. Причината беа апаратите за отпечатоци од прсти поради кои граѓаните чекаа, и тоа во затворен простор. Особено проблематичен беше чинот на славење вечерта во неделата, кога сите заборавија на мерките за заштита.
Инаку, на денот на изборите на избирачко место гласало и лице позитивно на ковид-19. Експертите велат дека сево ова е резултат на општата неодговорност на граѓаните, но одговорност имаат и партиите и политичарите и организаторот на изборите.
Епидемиолозите предупредуваат на внимателност, бидејќи изборите не се завршени и кампања ќе има и следните десет дена.
Сепак, посочуваат и дека колку досегашните митинзи и прослави ќе ја сменат сликата ќе се знае за една недела.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека по сите оние сцени на славења и на отворено и во затворено, без почитување на никакви мерки – маски и растојание – логично е дека би требало да се очекува зголемување на бројките на новозаразени.
– Тоа би требало да почне да се случува веќе по околу една недела. Но од друга страна, прашање е колкав ќе биде тој пораст, имајќи предвид дека сигурно огромен дел од присутните се веќе имуни – преку прележување или вакцинирање, сеедно. Нивото на имунитетот би бил еден вид контратежа на високиот интензитет на пренесување. За кратко ќе видиме каква рамнотежа се постигнала меѓу овие два фактора – објаснува тој.
Според него, имајќи предвид дека ни претстои вториот круг на изборите, очекува партиите да покажат малку повеќе слух за актуелната епидемиолошка ситуација и да инсистираат на почитување на мерките во текот на предизборните активности.
– Не е фер непотребно да дојде до несакани последици по нечие здравје, што лесно може да се избегне – додава Даниловски.
Изминатите викенди значително намален процентот на позитивни на ковид-19
Викендот како и минатите саботи и недели бројот на тестирани и заболени од коронавирусот значително е намален под 10 проценти на позитивни на ковид-19 од тестираните. Во петокот и во саботата се аплицирани вкупно 3.250 дози вакцини, од кои 884 се аплицирани како прва доза, 2.257 се ревакцинирани, а 109 граѓани примиле трета доза вакцина.
За разлика од работните денови кога процентот на заболени од коронавирусот се движи од 10 до 15 отсто од тестираните, во неделата на изборниот ден се регистрирани 107 позитивни на ковид од 1.667 тестирани, односно 6,4 проценти.
Од Министерството за здравство соопштуваат дека заклучно со завчерашниот ден вкупно се вакцинирани 799.762 граѓани, ревакцинирани се 763.031, а трета доза примиле 1.197 граѓани. Вкупно 54 отсто од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
– Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози се опфатени 45 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја се вакцинирани, а 35 отсто од популацијата во државата примиле две дози вакцина – посочуваат од ресорното министерство.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, изјави дека во ЕУ повеќе од 75 проценти од возрасните граѓани се веќе целосно вакцинирани против ковид-19.
Фон дер Лајен објасни дека целта е до следната година 70 проценти од луѓето во светот да бидат вакцинирани против новата болест. Таа потсетува дека ковид-19 може да се победи само со борба насекаде и најави дека ЕУ ќе донира најмалку 500 милиони дози за најзагрозените земји во следните неколку месеци.
МАНУ со апел за вакцинација против ковид-19
Сите доктори по професија и ние членовите на Македонската академија на науките и уметностите сметаме дека сме должни да го повикаме населението на нашата земја да прифати вакцинација против ковид-19.
Од сите научни докази и од веќе добиените светски искуства се потврди дека засега вакцинацијата е единствена превентива и заштита од оваа кобна болест. Таа спречува заболување или потешка форма на болеста, а со тоа ја намалува можноста за смртен исход.
Ова е неопходно уште и од причината што сѐ уште се јавуваат нови, непознати соеви на вирусот, а кои, сепак, се помалку опасни за вакцинираните субјекти.
Напоменуваме дека сите членови на медицинското одделение на МАНУ се вакцинирани со две дози од достапните вакцини, а ќе се вакцинираме и со трета доза кога за тоа ќе имаме термин.
Сметаме дека сме должни да го изнесеме во јавноста ваквиот едногласен став поради тоа што постојат разни контроверзии околу ова прашање. Бројките на новозаболени и смртни исходи секојдневно се зголемуваат и затоа е неопходно сите наши граѓани да се вакцинираат за да се заштитат и себеси и своите најблиски.
Одделение за медицински науки МАНУ, Скопје