Во договорот на победничката германска семафор-коалиција се наведува дека процесот на пристапување на новите членки треба да се одвива паралелно со процесот на реформирање на надворешната политика на Унијата, што се смета за голем исчекор во однос на досегашната политика. И она што за Македонија и за Западен Балкан е многу битно, е тоа што семафор-коалицијата ќе бара реформа и во Европскиот совет, во насока одлуките поврзани со надворешната и безбедносната политика да не се донесуваат едногласно, туку со двотретинско мнозинство. Регионалните аналитичари веќе ги оценија како „добар сигнал“ за Западен Балкан ваквите заложби на идната германска влада…
Германско-македонските односи по Меркел и
заложбите на црвено-жолто-зелената коалиција
Охрабрувачки прогнози во однос на политиката кон Македонија што ќе ја спроведува новата германска влада, за која веќе е постигнат коалициски договор и која наскоро би требало да биде формирана, доаѓаат од повеќе страни по едно и полдеценискиот застој во македонските евроинтеграции и покрај упорно декларираната поддршка на нејзиниот најголем трговски партнер, кој наедно е и најмоќната европска држава – Германија.
На чело на новата владејачка, таканаречена семафор-коалиција во Германија (прекарот доаѓа од трите партиски бои на коалицијата – црвено, жолто и зелено), е социјалдемократот Олаф Шолц, кој ќе ја наследи Ангела Меркел на канцеларската позиција. Во коалицијата, покрај Социјалдемократската партија (СПД), ќе партиципираат Зелените и Либерално-демократската партија ФДП. Тие потпишаа коалициски договор во кој, меѓу другото, се најави дека ќе се работи на забрзување на европските интеграции на земјите од Западен Балкан, при што многу посилен акцент се става на спроведувањето на реформите и на јакнењето на правната држава како услов за напредок, што според повеќе изнесени оцени, досега не било случај. Имено, досегашната влада, на чело со Меркел, не инсистирала многу на реформите и многу повеќе вложувала во економското доближување на Западен Балкан кон ЕУ.
Освен тоа, во коалицискиот договор се наведува дека процесот на пристапувањето на новите членки треба да се одвива паралелно со процесот на реформирањето на надворешната политика на Унијата, што исто така, се смета за голем исчекор во однос на досегашната политика. И она што за Македонија и за Западен Балкан воопшто можеби е клучно, е тоа што ќе се бара реформа и во Европскиот совет, во насока одлуките поврзани со надворешната и безбедносната политика да не се донесуваат едногласно, туку со двотретинско мнозинство.
Регионалните аналитичари веќе ги оценија како „добар сигнал“ за Западен Балкан ваквите заложби на идната германска влада.
Јована Маровиќ од граѓанското движење УРА од Црна Гора смета дека особено е битно тоа што ресорот за надворешни работи ќе го раководи кадар на Зелените бидејќи, како што вели, со тоа се создава можност и за преземање важни улоги и позиции во идната Европска комисија.
– Во изминатиов период и Клубот на Зелените во Европскиот парламент е исклучително активен во однос на случувањата на Западен Балкан и цврсто стои зад прогресивните партии што се борат против авторитарните режими, се залагаат за решителна борба против организираниот криминал и корупцијата, за заштита на животната средина… – наведе, меѓу другото, Маровиќ.
Што се однесува, конкретно, до Македонија, поранешниот македонски амбасадор во Германија, Горан Рафајловски, не очекува значителна промена во германската политика кон земјава.
– Во суштина, тие ќе ја задржат досегашната надворешна политика, така што не очекувам големи промени. Треба да се знае дека, и покрај тоа што сега на власт ќе бидат сосема други партии, новиот канцелар сепак беше еден од најблиските соработници на Меркел, како министер за финансии. Освен тоа, мора да се има предвид дека, со оглед на договорениот состав на коалицијата, компромисот ќе има многу важна улога, така што и од таа страна тешко е дека се можни значителни промени. Важно е да се нагласи дека при сето тоа и тие очекуваат одредени поместувања од наша страна, за што, барем засега, не се покажува подготвеност – изјави Рафајловски.
Сепак, тој има и поголеми очекувања, особено во делот на можното влијание врз политичарите во Бугарија, која ја блокира македонската евроинтеграција.
– Има повеќе причини да се биде оптимист за понатаму.
Прво, Меркел секогаш се воздржувала да се спротивстави на сериозни злоупотреби на моќта во други држави, особено ако лидерите на тие држави доаѓаат од нејзиното политичко семејство, Европската народна партија, ЕПП. Бојко Борисов е тој што ја започна целата работа и е нејзин партнер во ЕПП. Меркел не беше критична кон него, таа дури прифати некои злоупотреби на владеењето на правото во Полска. Толерантна беше и кон Вучиќ и неговите злоупотреби. Колку и да поддржуваше проширување, таа не беше критична. Не мислам дека таа го поддржуваше бугарскиот став, но не сакаше да инвестира политички капитал за да го промени. Не мислам дека неуспехот од последните години се должи на недоволната тежина на Германија, туку затоа што влогот не беше доволно голем. Може германската влада да каже дека е незадоволна, но ако нема опиплива политичка цена за тоа, Бугарија може да го игнорира тоа. Но мислам дека новата влада бидејќи ги има Зелените во коалиција, кои се многу погласни за владеењето на правото и немаат партии партнери во регионот кон кои имаат лојалност, можат да бидат многу подиректни и ако сакаат можат да ја кренат цената. Владеењето на правото е на врвот на нивната агенда за ЕУ, многу повисоко отколку што беше за Меркел. Ова важи за сите прашања за владеење на правото, не само Бугарија – објасни во интервју за МИА професорот на Центарот за југоисточни студии на универзитетот во Грац, Флоријан Бибер.
Во меѓувреме, старо-новиот бугарски претседател Румен Радев, во четвртокот во Стразбур, се сретна со германскиот и со францускиот претседател, Франк Валтер Штајнмаер и Емануел Макрон, на кои им ја презентира проширената листа на обвинувања упатени кон Македонија. Претходно стигна и информацијата дека Бугарија предложила да се раздвојат постапките за пристапување на Албанија и на Македонија кон ЕУ. Во исчекување на евентуален одговор од Унијата, пред сѐ од Германија, за потсетување е изјавата што германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн, ја даде во мај, по тогашните најави за можно одвојување на Македонија и на Албанија на патот кон ЕУ.
– За Германија не е замисливо само за Албанија да даде зелено светло, а Северна Македонија да ја остави. Северна Македонија веќе одамна ги исполни сите услови за започнување на пристапните преговори, нејзиниот почеток е заслужен и одамна задоцнет. Ова е исто така во интерес на веродостојноста на процесот на проширување и на веродостојноста на ЕУ во регионот – изјави тогаш амбасадорката. Д.М.М.