Фото: Архива

Треба ли Македонија да сврти друг лист и да се посвети на интензивно лобирање преку добивање поголема поддршка од традиционални пријатели, членки на ЕУ, но и од САД, како и од други држави што држат до легалитетот и почитувањето на меѓународното право. Прашањето што се наметнува во наредниот период е како да се придобијат што повеќе нови сојузници од опкружувањето, но и пошироко, како на пример Албанија, Чешка, Словачка, Полска, Хрватска…, кои уште посилно ќе се залагаат и ќе лобираат за застапување на позициите на Македонија и за почитување на меѓународното право, кое Софија брутално го погазува и крши во секоја можна пригода

СО НОВ ПРИОД ДО ПОБРЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈА

Недобивањето датум од Брисел за почеток на преговори за Македонија и изјавата на новиот бугарски премиер Кирил Петков за нова шестмесечна рамка, за време на која би се барало решение, ги згасна надежите и на најголемите оптимисти дека нешто ќе се придвижи на патот на нашата евроинтеграција.
Најновите заклучоци на Советот на Европа ги потопија очекувањата на македонската влада и граѓаните, за декемвриски почеток на преговорите, кои сега се „пролонгираат“ за идно неопределено време.
Повторното недобивање согласност од Брисел за одржување меѓувладина седница за почеток на преговорите за Македонија, ги доведува во прашање и досегашната политика и стратегија што се применуваа од наша страна и во однос на Бугарија, но и во однос на Европската Унија. Очигледно сета наша досега демонстрирана попустливост, и вртењето и на другиот образ на оние што постојано ни удираат шлаканици, не дава никакви резултати, туку напротив, уцените и притисоците се зголемуваат. Дали во едни вакви околности е потребен многу поенергичен дипломатски и политички пристап од наша страна во ширење на вистината и потпирајќи се на принципите на меѓународното право, наместо постојано да им се угодува на туѓите барања и уцени на штета на националните и државни интереси. Треба ли Македонија да сврти друг лист и да се посвети на интензивно лобирање преку добивање поголема поддршка од традиционални пријатели и членки на ЕУ, која досега се сведуваше на искажување вербални заложби за симнување на бугарската блокада? Прашањето што се наметнуваат во наредниот период е како да се придобијат што повеќе нови сојузници, кои уште посилно ќе се залагаат и ќе лобираат за застапување на позициите на Македонија и почитување на меѓународното право, кое Софија брутално го погазува и крши во секоја можна пригода.
– Во досегашното дејствување на македонската дипломатија не видов дека постои наша јасна стратегија во однос на решавањето на спорот со Бугарија. Имавме можност да слушаме голем број изјави од различни институции и извори на дневна основа. Ова покажува отсуство на сериозен пристап во водењето на надворешната политика, која се потпира на ветувањата однадвор. И самата платформа за преговори со Бугарија „5+1“ е неповолна за македонската страна. Во преговорите со Софија мора да се вклучат професионалци, а тие да се водат на принципот на реципроцитет.

Ако се бара, на пример, почитување на правата на малцинствата, тоа да важи и за двете страни. Посебно што во овој дел Македонија е во поповолна позиција и на нејзина страна е и меѓународното право, со донесените неколку пресуди за непочитување на правата на Македонците во Бугарија, кои Софија одбива да ги почитува – вели Љупчо Арсовски, поранешен дипломат и надворешнополитички аналитичар.
Во меѓувреме, иако имаше редица остри критики кон Бугарија од страна на САД, досега без поголемо влијание во надминувањето на бугарската блокада беше и „мисијата“ на американската администрација. Заменикот на помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во неколку наврати истакна целосната поддршка на САД за надминување на бугарската блокада, замерувајќи ѝ на Софија за политиката на изолација и држење на целата Унија во заложништво.
И поранешниот амбасадор во Скопје, Кристофер Хил, во дебатата пред американскиот Сенат, нагласи дека „ЕУ не сака членки што имаат проблеми со соседите“, осврнувајќи се, пред сѐ, на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, за кој смета оти е постигнат напредок, но дека не е доволен.
– Иако во случајот со Бугарија, меѓународната правда е на наша страна, САД и ЕУ секогаш кога требало да посредуваат во решавање на балканските ситуации, се повикувале на политичките решенија. Така беше и во случајот со Грција, кога во 1980-тите години таа беше примена во ЕУ, иако не ги исполнуваше главните критериуми за влез во Унијата. Во однос на сегашното однесување на Бугарија, меѓународната заедница пропушти да дејствува правовремено кога од Софија отворено почнаа да емитуваат хегемонистички политики. При сегашните политички констелации меѓу Русија и Украина, САД го застапуваат ставот за меѓусебните односи меѓу Македонија и Бугарија, како билатерален проблем, кој е многу помал во остварувањето на нивните стратегиски интереси на Балканот, доколку се гледа и низ случувањата во БиХ и разидувањата со Република Српска.

Во нашиот случај ние во нашата т.н. шестмесечна стратегија треба да се потпираме на нашите преговарачки способности, за што е потребно да се ангажираат луѓе со долгогодишна кариера за секоја од петте македонско-бугарски комисии што ќе бидат дополнително формирани – вели Арсовски.
Од друга страна, политичката аналитичарка Горана Гргиќ смета дека балканските политички елити треба да се соочат со две непријатни вистини, кога се очекува од Западот да направи повеќе, во решавањето на билатералните спорови.
– Прво, Балканот е далеку од врвот на приоритетната листа на ЕУ и на САД, што значи дека потенцијалните средства што тие би ги вложиле се повеќе од недоволни. Второ, конкурентите за влијание во регионот, како Русија и Кина, станаа поактивни и понаметливи од порано, отежнувајќи им го така дејствувањето на Брисел и на Вашингтон. Ова значи дека до потраен ангажман ќе дојде најверојатно откако кризите ќе се „врамат“ преку призмата на натпреварот меѓу големите сили, нешто што во овој момент претставува доминантна безбедносна парадигма за ЕУ и за САД – смета Горана Гргиќ.
Во меѓувреме, претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, смета дека најавениот период од шест месеци за надминување на спорот е долг, бидејќи, како што кажа, спорот можело да се реши побрзо.
– Да разговараме за инфраструктура, за енергетика, за економија, за трговска размена, за европски интеграции, за човекови слободи и права, но секако не да разговараме за тоа што се случило пред три или пред пет века. Тоа е модерен пристап што го поддржувам. Се разбира, не го поддржувам временскиот рок, кој беше најавен, од шест месеци. Мислам дека проблемот помеѓу нас може да се реши за многу покус временски период – рече Пендаровски.