Прашањето со името треба да го решите меѓу вас, јас не сум надлежен да давам идеи или насоки, но треба да ја нагласам итноста што го карактеризира решавањето на проблемот, порача претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, од грчкиот Парламент.
– Господине претстедателе, пред вашиот парламент ќе кажам нешто што кажав кога неодамна бев во Скопје, каде што беше поставено прашањето за името на оваа земја. Јас не сум надлежен да ви дадам некоја насока, ниту идеи, ниту, пак, правци во однос на прашањето што треба во секој случај да го решите меѓу вас. Но, дозволете ми да ја нагласам итноста што го карактеризира решавањето на проблемот, со оглед на комплицираниот регион. Ги имам на ум зборовите на Черчил: овде историјата што се произведува не може да се консумира, толку е голема – рече Јункер.
Во обраќањето пред пратениците, во присуство на грчкиот претседател, Јункер, објасни дека препораката за почеток на пристапни преговори со ЕУ, не значи и доделување датум.
– За да бидам целосно јасен, сакам да кажам дека, кога Европската комисија предложи, а тоа беше пред една седмица, почеток на преговорите за пристап за Албанија, но и за ПЈРМ, ова не значи дека од наша страна сме дале датум за да почнат овие преговори за проширување и интеграција, воопшто не е даден таков датум за интеграција. Внимание! Не треба да се потпираме на нереални најави, не е можно да се случува тоа – објасни Јункер и додаде дека сите земји кандидати ќе се оценат објективно, врз база на нивните вредности и критериуми