Фото: Дарко Андоновски

Тие го сработија своето и сега ЕУ треба да го исполни својот дел. Дискусиите сега се во земјите-членки, дали тие се подготвени за почнување на преговорите. Тоа е комплициран процес. Не значи дека утре ќе влезат во ЕУ. Но Северна Македонија и Албанија се подготвени за преговори, посочи шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини

Македонија доби уште едно зелено светло, десетто едноподруго од Европската комисија за започнување преговори за членство во ЕУ. Еврокомесарот Јоханес Хан, вчера, пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент ги презентира достигнувањата на земјите од Западен Балкан, а договорот во Преспа го наведе како светол пример што треба да го следат и другите земји во регионот.

– Република Северна Македонија доби препорака за почнување на преговорите со Европската Унија – потврди еврокомесарот Хан, а во исто време го претстави и пакетот за проширување на ЕУ.

Неколкупати на прес-конференцијата пред новинарите, Хан повтори дека Европската Унија им останува партнер на земјите од Западен Балкан и ги пофали реформите што двете земји ги постигнале во изминатата година, мислејќи на Македонија и на Албанија, која исто така доби препорака за почнување преговори со Унијата.
– Северна Македонија не само што продолжи со својата амбициозна реформска агенда, туку и го постигна историскиот договор со Грција, решавајќи го долгогодишниот спор за името. Ова заедно со билатералниот договор со Бугарија е пример за зајакнување на добрососедските односи во целиот регион. Ова е светол пример за другите земји и сведочи за привлечната моќ на европската перспектива. Двете земји испорачаа резултати во реформите, кои беа едногласно усвоени на Советот во јуни 2018 година. Врз основа на тоа комисијата препорачува Советот да ги отвори преговорите со Албанија и со Северна Македонија, сега – истакна еврокомесарот Хан во своето обраќање. Хан додаде дека за да се задржи довербата во Унијата и земјите-членки и тие треба да се држат до своите обврски и да одговорат јасно и позитивно, тогаш кога земјите ќе ги исполнат своите обврски. Во однос на соседните земји, Србија и Црна Гора, Хан посочи дека тие треба да продолжат со реформи во правото и додаде дека тоа е предуслов да продолжат со европските перспективи. Тој истакна дека дијалогот Косово – Србија мора да продолжи и повика да не се потпаѓа на провокации, кои би можеле да ја загрозат стабилноста во регионот.

Паралелно на ова, европратениците вчера ја поздравија препораката на Европската комисија. Во име на Социјалдемократската група, европратеничката Кати Пири, сепак, забележа дека нејзиното политичко семејство очекувало да не се прават пакети помеѓу земјите.
– Мојата група се надева дека одлуката во јуни ќе биде позитивна за двете земји, претпочитавме тоа да не биде пакет, туку процес базиран на заслуги, но сега нема причина за одложување – истакна Пири.

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, од своја страна, вчера, исто така го поддржа пакетот за проширување на ЕУ на еврокомесарот Јоханес Хан. Тој порача дека Северна Македонија не треба да се оценува само врз системот на заслуги, туку и врз дадените ветувања од ЕУ.
– Им ветивме дека ако испорачаат, ако ја отворат политиката кон нов пристап со соседните земји, ако постигнат компромис со Грција, ќе бидат наградени и нивната посветеност треба да биде испочитувана, инаку ЕУ ќе загуби кредибилитет, не само во Северна Македонија, туку и во Западен Балкан – порача Вајгл пред Комитетот за надворешна политика на ЕП.
Во меѓувреме, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, вчера исто така истакна дека Северна Македонија и Албанија испорачале резултати со реформите и затоа ЕК препорачува почнување на преговорите со двете земји.
– Тие го сработија своето и сега ЕУ треба да го исполни својот дел – рече Могерини. На прашањето дали во јуни Северна Македонија ќе добие зелено светло за преговорите, Могерини истакна дека нивната порака е јасна.
– Двете земји се подготвени. Дискусиите сега се во земјите-членки, дали тие се подготвени за почнување на преговорите. Тоа е комплициран процес. Не значи дека утре ќе влезат во ЕУ. Но Северна Македонија и Албанија се подготвени за преговори – посочи Могерини.
Инаку засега нема согласност од сите земји-членки на ЕУ за отворање на преговорите со Македонија, бидејќи во некои од нив се потребни процедури на национално ниво, а временската рамка не го дозволува тоа. Во исто време кај други земји-членки, пак, нема расположение за давање зелено светло за датум за преговори. Ставовите се усогласуваат на ниво на министри, а конечниот политички печат мора да го дадат шефовите на држави и влади.

Што се однесува на препораката, ова е десетта препорака за Македонија, а втора за Албанија. Минатата година Европската Унија даде условна препорака за почеток на пристапни преговори доколку земјата ги изврши реформите, односно ги задоволи критериумите што важат во ЕУ.


Што пишува во извештајот

Во најновиот извештај за напредок на земјите од Западен Балкан, ЕК ги забележа сите наши успеси и резултати, но и во исто време ги наведува сите клучни забелешки, кои треба да се сработат во реформските области за Советот на Европа да ги отвори, односно да ги почне пристапните преговори на Унијата со земјава. Годинашниот извештај на ЕК силно го истакнува и поздравува постигнатиот договор со Грција во однос на надминување на проблемот за името и во исто време забележува дека земјата напреднала во повеќе области и забележала повеќе резултати, и тоа со владеењето на правото, судството, борбата со корупцијата и организираниот криминал, реформа на јавната администрација, реформите на разузнавачките служби и на јавната администрација. Сепак, извештајот наведува, како и со години претходно, дека ЕК бара дополнителен напор од „сите судски институции“ за враќање на довербата на јавноста во судството.
– Судскиот систем во земјата постигна одредено ниво на подготвеност, односно е делумно подготвен, а се постигна и добар напредок во решавањето на „приоритетите за итни реформи“ и препораките од Венецијанската комисија, како и Високата експертска група за системски прашања од владеењето на правото. Освен законските измени, сите судски институции треба да ја покажат својата примерност и да придонесат, преку дополнителни напори, за враќањето на довербата на граѓаните во судството – стои во извештајот на ЕК. Документот на ЕК анализира дека правната рамка за заштита на основните права во голема мера е во согласност со европските стандарди и земјата постигна добар напредок. Меѓутоа, според извештајот, механизмот за надворешен надзор на полицијата сè уште не е целосно функционален и земјата треба дополнително да ја развие употребата на алтернативни санкции и условни казна.
– Земјата исто така треба да направи дополнителни напори за доследно ширење и спроведување на препораките на европските и меѓународните тела за човекови права, особено во однос на третманот на затворениците, жените и лицата со посебни потреби – стои во извештајот на ЕК.
Што се однесува до борбата против корупцијата, писмениот документ на ЕК наведува дека Северна Македонија поседува одредено ниво на подготвеност.
– Властите треба дополнително да ги засилат напорите да покажат дека борбата против корупцијата е државен приоритет на сите нивоа на овластувања. Меѓутоа, корупцијата е распространета во многу области и натаму предизвикува загриженост. Во борбата против организираниот криминал, земјата поседува одредена подготвеност – пишува во извештајот на ЕК.
Понатаму земјата е подготвена до одреден степен, поточно е делумно подготвена во областа на слободата на изразувањето, но во исто време Македонија постигнала добар напредок во текот на минатата година во однос на слободата на изразувањето и на медиумите.
– Климата во сферата на слободата на медиумите и слободата на изразување продолжи да се подобрува. На земјата ѝ се потребни одржливи напори за подобрување на независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис, како и на неговата финансиска одржливост. Донесени се измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а за нивно спроведување ќе биде потребна силна политичка посветеност за гарантирање на професионалноста, почитување на начелата на транспарентност и заслугите според квалитетот и непристрасноста – се наведува во последниот извештај на ЕК за Македонија. Што се однесува до економските критериуми, во извештајот на ЕК за 2018 година се наведува дека Северна Македонија постигнала одреден напредок и се наоѓа во добра фаза за подготовка за развој на функционална пазарна економија. Повторно е забележан економскиот раст по една година на стагнација, иако инвестициите се намалени.
– Владата презеде мерки за подобрување на управувањето со јавните финансии и транспарентноста. Таа усвои реформи за оданочување на приходите, а го реформира и пензискиот систем. Сепак, буџетот на трошоците е зголемен, а фискалното зајакнување треба да биде поамбициозно за јавните финансии да се насочат на одржлив пат. Функционирањето на пазарот на трудот е нарушено поради постојаните структурни проблеми. Спроведувањето на договорите и сивата економија и натаму важат за предизвици во деловната сфера – пишува во најновиот извештај на ЕК за Македонија.

[email protected]