Руската амбасада во Македонија преку Твитер неодамна соопшти дека Русија ја признала Македонија под уставното име пред повеќе од 26 години и својот став нема да го промени, без оглед на сѐ. Официјална Анкара и нејзиниот претседател Ердоган имаат изјавено дека никогаш нема да дозволат Македонија да го смени своето исконско автентично име Република Македонија. Познава ли воопшто светската практика ваква појава или е можеби преседан? Постои ли во меѓународното право инструмент со кој одредени држави нарекуваат други држави со име што првите сами им го одредуваат, а притоа да останат во добри дипломатски односи?
МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО, ДИПЛОМАТИЈАТА, ИМЕНУВАЊЕТО И САМОИДЕНТИФИКАЦИЈАТА
Најавата од Русија дека таа и понатаму ќе го употребува името Република Македонија, независно од евентуалните идни уставни измени за спроведување на спогодбата со Грција, отвори нови дилеми во јавноста, во дипломатските кругови, па и кај професорската фела по меѓународно право. Познава ли воопшто светската практика ваква појава или како што за многу нешта ние Македонците сме уникатни и посебни, така и ваквиот феномен токму преку нас ќе се воведе во меѓународната практика? Од друга страна, постои ли во меѓународното право ваков инструмент со кој одредени држави нарекуваат други држави (во меѓународноправниот сообраќај) со име што првите сами им го одредуваат, а притоа да имаат коректни дипломатски односи? На ваква дилема нѐ упатува фактот што укажува на тоа дека Руската амбасада во Македонија преку Твитер неодамна соопшти дека Русија ја признала Македонија под уставното име пред повеќе од 26 години и својот став нема да го промени, без оглед на сѐ.
На слична линија досега размислуваше и Турција, која, пак, е земја-членка на НАТО и наш голем поддржувач. Во одредени високи политички кругови во Турција имаше и најави дека токму Турција сега може да стави вето на нашето членство во НАТО, доколку „Македонија биде принудена да го смени името“. Од една страна, некои од коментарите на познавачите на меѓународната политика и дипломатијата се дека нема да има никакво поместување во политиките на земјите што досега нѐ имаат признаено под сегашното уставно име и, покрај сѐ, тие ќе продолжат во билатералните средби да нѐ именуваат како Македонија и Македонци. Од друга страна, експерти од областа на дипломатијата тврдат дека, сепак, поради нашето приближување кон ЕУ и НАТО и усогласувањето со надворешната политика на Брисел, некои земји со кои имаме коректни дипломатски, политички и економски односи може да ги заладат билатералните односи, па дури и во мултилатералните институции (на пр. ООН и НАТО, па дури и ЕУ) да заземат став со кој Македонија ќе ја попречат на нејзиниот пат за подинамичен развој. Поранешниот амбасадор во Москва, Ристо Никовски, вели дека во принцип сите држави го почитуваат правото на која било земја сама да го одредува своето име на кое ќе ѝ се обраќаат.
– Според меѓународната практика, другите држави треба да го почитуваат тоа. Во дадената ситуација, Руската Федерација направи чекор поддржувајќи го правото на македонскиот народ за самоидентификација. Колку е подготвена Москва да оди понатаму, тешко е да се каже, иако најавите оттаму ветуваат дека ќе ги бранат историските аспирации на македонските односно универзалните аспирации на македонскиот народ. Русија има можност, што исто така е најавено, целиот предмет да го врати во Советот за безбедност (СБ на ООН), каде што сѐ уште нашето име е на маса и да спречи да се промени референцата од Обединетите нации. Нашата судбина како народ во многу нешта е во рацете на Москва – оценува Никовски.
Сосема поинаков од овој став изнесува професорот по меѓународни односи во пензија Лазар Лазаров, кој вели дека Русија овде ги брани само своите интереси, а не македонските, и не оние принципи на меѓународното право, иако тие се во целосна согласност со македонските позиции.
Во таа насока, според него, не треба да се залажуваме дека Москва докрај ќе застане зад нас и дека може многу нешта да стори за името, ако во исто време се знае дека нашите национални интереси од осамостојувањето се влез во ЕУ и во НАТО.
– Лично мислам дека оние држави што нѐ признаа под уставното име, особено на Балканот и во поранешните југословенски простори, ќе продолжат да ни се обраќаат со Република Македонија, Македонија и Македонци. Тоа што Русија го прави сега конкретно има свои интереси, бидејќи ги изгуби своите позиции на Балканот, а преку Македонија и Србија како последно нејзино упориште тука, по секоја цена сака да ги задржи под свое влијание и надвор од ЕУ и НАТО. Во исто време сакам да истакнам дека, без разлика кој е на власт во земјава, Владата мора да ги почитува волјата и стремежот на граѓаните на Република Македонија, а тие се НАТО и ЕУ. Од нашата независност досега граѓаните на Македонија неколкупати јавно се одзваа дека немаат друга алтернатива освен ЕУ и НАТО. Поаѓајќи оттаму, Русија е свесна дека го губи своето влијание, па со ваквите идеи се обидува да го заживее своето влијание во Вардарско-Моравската Долина, кое, за жал, тешко ќе ѝ мине – оценува Лазаров.
Професорот во пензија додава дека за ваквата ситуација во која се наоѓа земјава еднакво се виновни и ЕУ и НАТО, бидејќи тие во минатото беа пасивни со нивните политики кон регионот, вклучувајќи ја и Македонија!
За потсетување е фактот дека Турција и нејзиниот претседател Ердоган имаат изјавено дека никогаш нема да дозволат Македонија да го смени своето исконско автентично име Република Македонија, на што инсистираат Грците, кои се потпомогнати од нивните западни моќни пријатели.
Македонски манифест“ со допис до Амбасадата на Руската Федерација
Групата интелектуалци и јавни личности од здружението „Македонски манифест“ испратиле благодарница до Руската Федерација, со која ѝ се заблагодаруваат за потегот на Москва. Во својот допис тие го изнесуваат ставот дека Руската Федерација „правилно ја има разбрано оваа геноцидна операција на Западот врз Македонија и Македонците за насилна промена на уставното име на државата“. Во отвореното писмо, потпишано од повеќе десетици видни интелектуалци, дипломати, амбасадори, писатели, правници, меѓу другото, се наведува дека тие бескрајно изразуваат благодарност на одлуката на Руската Федерација да не го признае силеџиското гласање во македонскиот парламент за уставните промени.
Претседателот Иванов во ООН го лансира апелот за неменување на одлуките на државите
Иницијативата државите што нѐ имаат признаено под уставното име да продолжат да ни се обраќаат со истото тоа прв ја истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов на своето неодамнешно обраќање во ООН. Тој таму упати порака до сите држави што ја имаат признаено Македонија под уставното име да не ги менуваат своите одлуки.
– Ги повикувам сите држави што ја признале Република Македонија под уставното име да не ги менуваат своите одлуки. Помогнете ни со тоа што ќе бидете чувари на нашето право на самоопределување – изјави Иванов.