Потпишувањето и праќањето на законот за двојазичност во Службен весник од страна на господинот Талат Џафери, без потпис на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов е незаконски и насилнички обид да се протуркаат решенија кои ќе остават далекусежни последици по државата, изјави денес на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
– Секое објавување во „Службен весник“ на законот за двојазичност без претходен потпис од страна на Претседателот на државата, не е ни легално ни легитимно и сноси не само политички туку и правни последици. Незаконското објавување на законите е злоупотреба на службена должност и е казниво согласно член 353 од Кривичниот закон на Република Македонија. Ова дело не застарува за година или две за да може сторителот да биде амнестиран од Кацарска судството на Зоран Заев. Со оглед на тежината на делото и огромните штети за Република Македонија кои би ги предизвикало незаконското објавување во Службен весник, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години.
Јанушев кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери и директорот на службен весник, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот, за објавување на законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата, како и дека ќе биде поднесена дополнителна иницијатива за испитување на уставноста на законот за двојазичност до Уставниот суд.
– Со овој закон се урива уште еден темел на Република Македонија кој ги поврзуваше сите етнички заедници кои живеат тука. Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо. Власта нема легитимитет за промената на името и спроведување на законот за двојазичност. Граѓаните не го дадоа својот глас за Зоран Заев да се пазари со државата и националните интереси, вели Јанушев.