Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на денешната собраниска седница посочи дека во моментот во Собранието се присутни осум пратеници од мнозинството на коалицијата на СДСМ, а кои се избрани на нелегитимен и нелегален начин, укажувајќи дека со ова го кршат Деловникот на Собранието и фрлаат црна дамка врз демократијата.
– Во духот на транспарентноста, демократијата, почитувањето на правото како што љубат да кажат Заев и останатите тука седнати во првите редови, морам да укажам во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека во моментот во оваа сала во Собранието има 8 пратеници кои немаат ниту легитимитет ниту пак на легален начин му се верификуваше мандатот и за тоа на минатата седница ви укажавме – вели Јанушев.
Јасно и прецизно е пропишано во членот 17 кој на Собранието му предлага верификација на мандатите по конституирањето на Собранието. Имено во членот 17 е наведено дека верификацијата на мандат на пратеници кои што станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на Извештај од ДИК, а по предлог на Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања.
– Овие извештаи кои што ги добивме како што може да види целокупната македонска јавност од верификационата комисија и впрочем од позади стои потписот на претседателот на верификационата комисија која што согласно овој Деловник на ова Собрание престана да работи, односно не постои со завршувањето на конституирањето седница. И денес де факто во ова Собрание имаме 8 луѓе на кои што местото на овој начин не им е тука, и за тоа сте виновни вие кои што дозволивте ова овде да се прави, како и ова овде таканаречено мнозинство – додаде Јанушев.
Тој го обвини мнозинството на СДСМ дека со ваков однос и закажување на седницата за избор на нова влада дополнително се фрла сенка на нелегалноста и нелегитимноста, додавајќи дека веќе ништо не може да ги изненади бидејќи како што им порача тој цела македонска јавност изминатите три години знае дека сте криминалци, рекетар, неспособни сега покажавте и дека сте неписмени.
– И на овој начин продолжувањето со работа на ова Собрание и на начинот на која што ја закажавте седницата за избор на влада, ќе фрли уште една огромна сенка на нелегалност и нелегитимитет. Но, тоа е нешто што не не изненадува бидејќи во изминатите три години освен незаконие, прекршување на Уставот и законите не видовме друго. Покрај тоа што целата македонска јавност знае дека сте криминалци, рекетар, неспособни сега покажавте и дека сте неписмени – изјави Јанушев.