Јазикот е дијалект со армија и со морнарица, кажал познатиот лингвист Макс Вајнрих, пред речиси еден век, сметајќи дека разликите помеѓу јазиците се повеќе поврзани со политиката, отколку со лингвистиката. Ова претставува објаснување за повеќе конфликти во минатото, како и за сегашниот на Балканот, пишува Андреас Клут, во неговата колумна за „Блумберг“.
Членката на ЕУ, Бугарија, неделава стави вето за почеток на пристапните преговори за соседна Македонија, а една од причините што Софија ги наведе за одлуката е дека Скопје одбива да ги прифати историските „вистини“, вклучувајќи го и гледиштето дека македонскиот е дијалект на бугарскиот јазик и оти затоа не заслужува статус на „јазик на ЕУ“.
Авторот додава дека ова е тешко за прифаќање од страна на Македонците кои веќе направиле болни отстапки за Македонија да стане кандидат за ЕУ, откако во 2018 година го промениле името на државата за да и удоволат на Грција.
Како и во балканскиот пример, слична е состојбата со оспорувањето и редефинирањето на јазиците и во Скандинавија. Актуелна е, на пример, и расправата дали норвешкиот, данскиот и шведскиот се засебни јазици или само форми на скандинавскиот. А една од шегите вели дека данскиот звучи како норвешки, кога некој го зборува додека е под вода. Во модерното доба, трите нордиски нации некогаш обединети во Калмарската Унија, сакаа да создадат засебни идентитети, па затоа имаа и „јазична разделба“.
Кинескиот, пак, претставува спротивен пример. Ако ги тргнете настрана заедничките пишани знаци, дијалектите како кантонскиот и хака се неразбирливи за говорниците на мандаринскиот или сечуанскиот. За многумина лингвисти тоа ги прави „јазици“. Но не им го спомнувајте ова на Кинезите во Пекинг, бидејќи идеологијата на Кина од древните династии па до денес, наведува дека многуте различни јазици претставуваат форми на кинескиот. А како што би кажал Вајнрих, Кина не само што има морнарица, туку е и една од најголемите во светот.
Не е невообичаено што луѓето се расправаат околу јазиците, но кога прашањата за идентитетот и политиката стануваат поопуштени, контроверзите околу јазиците и дијалектите губат на значење, се наведува во колумната. Тука може да се земе примерот и на холандскиот, фризиските јазици (јазично семејство од групата на западногермански јазици – н.з.) и долногерманскиот јазик. Тие се слични, а сепак, холандскиот се зборува во Холандија, говорниците на долногерманскиот се во Германија, а на фризиските јазици се околу границата. Во меѓувреме германскиот го „делат“ Германија, Австрија и Лихтенштајн, додека претставува и официјален јазик во Швајцарија, Белгија и во уште некои држави. А сепак, никој не се кара дали можеби луксембуршкиот е јазик или дијалект на германскиот.
Слично примирје некогаш имаше и на просторот на поранешна Југославија, каде што Србите, Хрватите, Бошњаците и Црногорците, се согласија дека го зборуваат истиот словенски јазик наречен српско-хрватски, согледувајќи ги политичките реалности. А потоа државата се распадна со војна и сега нејзините поранешни републики инсистираат дека зборуваат различни јазици.
Токму затоа, авторот има предлог до Софија и до Скопје.
– Во духот на европската интеграција и хармонија, што претставува и поентата на ЕУ, еве скромен предлог до Софија и до Скопје. Ве молам престанете да се расправате и продолжете да зборувате. Најпосле, можете да се разберете меѓусебно – заклучува Клут.